На моето избирачко место немаше дезинфекциско средство! Овој, би рекле, ситен пропуст во почитувањето на ковид-протоколите подоцна ќе излезе дека е важен фактор за ефикасното исполнување на моето граѓанско право. Но, за тоа подоцна. Почетокот беше сосема поинаков.
На портата од училиштето каде што гласам, за првпат не беше истакнат бројот на гласачкото место со избирачите од мојата улица. Во училишните ходници немаше ниту еден означен редар да објасни во која училница треба да одам.
По скитањето низ ходниците и „обивањето“ на вратите на повеќе училници, односно избирачки места и нејасните слегнувања со рамениците, конечно стасав таму каде што бев на списокот. Дојде време и за идентификување на мојот десен кажипрст. „Стисни појако“. „Да пробаме уште еднаш“, „Дај сега левиот“…
Не знам од каде доаѓа идејата на политичките партии дека целиот народ, поточно сите гласачи, се изборни измамници, па така лефтерно да потрошат 11 милиони евра за апарати што функционираат кога ќе им текне и со кои работат луѓе на кои тоа не им е работа
Таман требаше да пристапиме кон „планот Б“, односно кон визуелна или некаква друга идентификација, се повлеков од мојот ред за да го отстапам местото на една повозрасна гласачка, која изгледаше прилично исцрпено по, веројатно, сличното искуство на трагање по избирачкото место. Идентификацијата со отпечаток од прст не успеа ниту во нејзиниот случај. Не успеа ниту идентификацијата преку ставање на личната карта во истиот тој уред. И, конечно, некој од избирачкиот одбор се сети да погледне во истата таа лична карта и ноншалантно да констатира дека возрасната госпоѓа воопшто не е на избирачкиот список на ова гласачко место, туку во некоја сосема друга училница. Госпоѓата се обиде да објасни дека во некоја друга училница ѝ рекле да дојде во оваа, ама луѓето од одборот само слегнаа со рамениците.
Потоа повторно на сцена стапија мојот десен и мојот лев показалец. Овојпат, за разлика од премиерните обиди, имаше и забуни од типот: „Ау, не левиот, на десниот сум стиснала“. Како и да е, моите прсти инаетливо не сакаат да ме идентификуваат и тогаш доаѓам на помисла дека кожата ми е прилично мрсна и дека испофаќав барем пет-шест кваки од училишните врати и дека можеби е тоа причината зошто апаратот, за кој убедливо тврдат дека е во ред, не може да ме идентификува.
„Дајте ми средство за дезинфекција“, велам, „мрсни ми се рацете“.
„Немаме“, прилично ноншалантно одговара жената зад апаратот за земање отпечатоци од моите прсти. „Има апаратче во ходникот“. Да, во ходникот има едно апаратче, закачено на ѕид, ама во него нема никаква течност.
Повторно враќање во училницата за гласање. Повторно слегнување со рамениците на констатацијата дека во апаратчето нема дезинфекциско средство. Повторно чекање извесен гласач пред мене да ја проба среќата со своите прсти. Повторно неуспешно. И мојот трет обид, мојата трета среќа на препознавање на прстите е исто така неуспешна.
Конечно, и јас и госпоѓата од Избирачкиот одбор се предаваме. Таа ја зема мојата лична карта, ја става во истото апаратче што упорно одбива да ме препознае и – гледај чудо – апаратчето ме идентификува. И јас го остварив моето граѓанско право.
Се разбира дека немаше одговор на прашањето зошто веднаш не го направија тоа, туку се малтретиравме сите заедно некои 30-тина минути. Но, имаше одговор, широк и опширен, на прашањето која е навистина намената на овие „фингерпринт“ – уреди. Накратко – постои страв дека имам криминален ум и дека ќе шетам по избирачките места и секаде ќе гласам. Еве, да кажеме дека постои некакво основано сомнение дека јас сум склон кон изборни измами и дека тој уред што никако не може да ме идентификува, ќе ме спречи во мојата монструозна намера да ја фалсификувам демократската волја на оние што излегле на избори, а којзнае тек какви намери имаше онаа госпоѓа со бастунче што ја пуштив да гласа пред мене, а која буквално ја прошетаа по пет-шест училници и која, многу веројатно, на крајот не успеала да гласа ниту во сопствено име.
Не знам од каде доаѓа идејата на политичките партии дека целиот народ, поточно сите гласачи, се изборни измамници, па така лефтерно да потрошат 11 милиони евра за апарати што функционираат кога ќе им текне и со кои работат луѓе на кои тоа не им е работа. Плус ангажман на ИТ стручни лица да ги оправаат на секој десет минути.
Наместо да се малтретираме со давање отпечатоци од прсти, секој гласач нека се исплази на своето избирачко место и така ќе се идентификува
Претпоставувам дека водечките луѓе на партиите тргнуваат од себе, мислејќи дека се сите како нив. А 11 милиони евра? Тоа и онака не се нивни пари. Демократијата нема цена, што би се рекло.
Но, еве, да ја покажеме нашата добра волја и да укажеме дека отпечатокот на прстот не е единствениот уникатен дел на човековото тело. Добро, откритието дека луѓето можат да се препознаваат преку отпечаток е некаде на преминот меѓу 19 и 20 век, што ќе рече дека е таман по средно-македонско време, ама и во тој 20 век се случило по нешто. На пример, секој човек има уникатно око (ирисот и рожницата), уникатно уво (особено рабовите на ушите, па некои компании веќе развиваат смарт-телефони што ги скенираат ушите на нивните сопственици), уникатна вилица… Секој човек има различен глас, различен начин на одење, различни отпечатоци на ножните прсти, различна вилица, особен отпечаток на усните итн. Во светот веќе постојат апарати за овој тип идентификации, па предлагаме политичките партии да набават од сите нив за следните избори. Зошто да нѐ малтретираат само со земање отпечатоци.
Ако веќе решиле да штедат на пари (што е прилично неверојатно, ама…), еве уште една информација. Секој човек има различен јазик! Јазикот, според истражувањата, заштитен во усната шуплина, најтешко и најбавно се менува, а и најбавно остарува, што ќе рече дека и повозрасните гласачи имаат јазик во добра кондициона форма. Наместо да се малтретираме со давање отпечатоци од прсти, секој гласач нека се исплази на своето избирачко место и така ќе се идентификува. Верувам дека избирачите би го прифатиле ова решение со огромно задоволство.
А на јазикот не му е потребно ни дезинфекциско средство.