Синхронизираното минирање на решението Република Илинденска Македонија во Скопје и во Атина ми дава за право да се сомневам дека Мицковски и Мицотакис се всушност еден ист човек, со две различни имиња за домашна употреба, едно за во Македонија, друго за во Грција. Нешто како Горан Грујовски и Христо Атанасов, или како Никола Бошковски и Неџби Хасан, ако повеќе сакате. Две имиња, два пасоша, а еден ист човек.
Дури не сум сигурен ни дали Мицковски ќе успее до крајот на овој брак од (политички) интерес да си го задржи моминското презиме, или, сепак, во еден момент ќе го земе презимето на партнерот (од Европските народни партии) Мицотакис за севкупна употреба. Мицотакис ерга омнес. А и сеедно е, зашто без разлика на името, пардон – презимето, сѐ додека од нив зборува еден ист глас (со изразито руски нагласок), нема(ат) гајле.
Информациите дека германската канцеларка Меркел им свртела телефон на Заев и на Ципрас за да го одржи олимпискиот преговарачки оган жив се добра вест, ама наместо ќотек на самарот, мислам дека е време да му се удрат неколку стапа на магарето чијшто инает го заглави растоварувањето од четвртвековниот спор, и тоа на еден чекор од целта.
Попрецизно, на двете магариња (ако се сепак две) со слично презиме од нејзиното друштво на народни партии, со забелешка дека ова народни звучи поприлично цинично во македонскиот и во грчкиот случај, имајќи го предвид злосторничко-криминално-корупциско владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на Нова демократија.
Нејсе, Заев и Ципрас дојдоа до некакво решение во Софија и притисокот врз нив двајца сега е бесмислен, зашто тие се практично во пат позиција – не можат да повлечат следен потег, сите полиња се зафатени од (странските) пиони на домашната сцена. Еве, дури и да продолжат преговорите за некое друго креативно решение (како што се смисли ова „Илинденска”, можеби ќе се изненадиме и од некој друг блесок на генијалност, без иронија, на преговарачите), по ова искуство, можеме со голема сигурност да претпоставиме дека двете опозиции ќе најдат начин и тоа да го отфрлат.
Заев и Ципрас дојдоа до некакво решение во Софија и притисокот врз нив двајца сега е бесмислен, зашто тие се практично во пат позиција – не можат да повлечат следен потег, сите полиња се зафатени од (странските) пиони на домашната сцена
Притоа, за грчкиот Мицковски имам поголемо разбирање – тој може да си дозволи националистички егзибиционизам за ситни политички и крупни геополитички поени, неговата земја формално ќе си остане дел и од ЕУ и од НАТО. Не го разбирам нашиов Мицотакис, каде тој ја гледа Македонија за пет или за десет години?
Искрено, не го разбирам ниту Заев ниту неговата хазардерска одлука да оди на ТВ-дуел со Мицковски-Мицотакис и да му се правда зошто Илинден не го загрозува нашиот античко-комитски идентитет.
По десет години злосторничко уништување на земјава, убиство на демократијата и мафизација на целото општество, седнување на дебатна маса со Мицковски-Мицотакис не смее(ше) да се случи без тој да ги осуди и да се извини за сите направени злосторства од неговата партија. Ако бидеме доследни до крај, соочувањето за економските политики може да се случи дури кога ќе ги вратат парите (или барем кога бројченикот на Триумфална ќе заврти милијарда), а за правната држава може да се дискутира откако ќе се оформи првата задгранична чета на ВМРО во Идризово.
Вака, освен што може сериозно да им наштети на преговорите за името, не гледам некоја друг ефект од дуелот.
Притоа, треба да сме чесни и да признаеме дека ова „Илинденска” го дозаглави процесот и зашто некако ептен им легна на срце и на првоборците од експертската јавност што е на оваа, конструктивната страна на приказната.
Република Илинденска Македонија е супер решение и македонската дипломатија треба да се бори за него со сите опозициско-„прецеднички“ ножиња зариени во грбот. Но, ако тоа не даде резултат, не е ниту крај на светот, ниту на преговорите
Луѓето кои ја имаа храброста за решение во спорот тогаш кога ние бевме, без иронија, тврдокорни задрти идиоти, сега влегоа во некој филм за одбрана на идентитетот, мислиш Ристо Никовски се претворил во лилјак и ноќе сите еден по еден ги гризнал за вратот. Не можам никако поинаку да си ја објаснам оваа повампиреност на наративот за наводната загрозеност на идентитетот од придавката и ставање сопки на решението со ристониковски аргументи.
Република Илинденска Македонија е супер решение и македонската дипломатија треба да се бори за него со сите опозициско-„прецеднички“ ножиња зариени во грбот. Но, ако тоа не даде резултат, не е ниту крај на светот, ниту на преговорите.
Ќе си земам богохулничко право да кажам дека нема ниту еден аргумент оти со Република Вардарска Македонија, на пример, престануваме да бидеме или сме за еден револвер и една кама помалку илинденци отколку со Република Илинденска Македонија. Сè додека постои Македонија (а за тоа е целиов муабет, нели, да продолжиме да постоиме), таа ќе биде илинденска. Единствената опасност да стане нешто друго не доаѓа од името, туку од домашните менгелиња и генетски инженери, но нашиот идентитет се покажа посилен и од оваа десетгодишна операција за негово ремоделирање.
Просто ми е комично како драматично се приврзавме за име (РИМ) кое до пред една недела не постоеше. Таман човек ќе помисли дека сме созреале како јавност и сме сфатиле дека за спас на Македонија и на нашиот идентитет, решението е поважно од името, ќе ти се појави Ристо Никовски, во некои чудни човечки облици.