Веста дека вработените во Министерството за култура, Агенцијата за филм и Управата за заштита на културното наследство протестирале за повисоки плати пред зградата на Министерството за финансии, на прв поглед ми се стори како скеч од „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ или од онаа легендарната „Топ листа на надреалистите“. И на втор поглед.
Не само што е, благо речено, невообичаено вработени од едно министерство да протестираат пред друго министерство, туку е и апсурдно. Тоа е како вработените од некое претпријатие да протестираат пред вратата на канцеларијата на сметководителот затоа што имаат ниски плати.
А згора на тоа, од Министерството за култура за медиумите изјавуваат дека стојат зад барањата на вработените во нивната администрација. Демек, тие се „добрите момци“, а оние во Финансии се „лошите“.
Претседателот на Синдикатот на вработените во Министерството за култура, Бранко Костовски посочува дека вработените во Министерството за финансии си ги зголемиле платите за 30 отсто наспроти нивните барања, кои биле одбиени. Тоа треба, претпоставувам, да придонесе во градењето на „негативниот“ имиџ на Министерството за финансии и да го насочи гневот на вработените, а евентуално и на јавноста, на погрешна адреса.
Сепак, овој протест откри барем две работи, недоволно познати за пошироката јавност. Прво, дека во Министерството, заедно со двете споменати служби, има околу 200 вработени. И, второ, дека државата сe однесува кон „културната“ администрација отприлика точно така како што истата таа администрација се однесува кон креативците. Со таа разлика што творците, за разлика од административците, точно можат да ги адресираат проблемите.
Министерството за култура, знаејќи дека важноста на Стратегијата истекува во 2022 година, не се ни погрижи да создаде нов документ со таква важност. Со намера
Колку и да се во право, а во право се, вработените во Министерството за култура нема да ја добијат поддршката од оние за чија сметка работат, односно од културните работници. Не е проблемот само во тоа што, за разлика од административците, културните работници (оние што не се во институциите) се главно прекаријат, најчесто невработени или самовработени и со приходи далеку под македонскиот просек.
Главниот проблем е во системското и систематското обесправување, па и понижување на македонската култура токму од страна на ресорното министерство. Во Националната стратегија за развој на македонската култура, што ја изгласа Собранието во 2018 година, а чија важност „истече“ минатата година, се направи обид системски да се постават работите, само што прецизните рокови и акциски планови беа целосно заборавени токму од Министерството за култура, инаку предлагач на Стратегијата.
Во овој обемен документ, меѓу поважните точки е токму реформирањето на самото Министерство. Во таа смисла се констатира неговата партизација (како и партизацијата на јавните институции), реактивните културни политики, нетранспарентното финансирање, немањето јасни критериуми за оценка на проектите, малата автономија на културните институции, нетранспарентното финансирање, невклучувањето на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките итн. И предложени се низа мерки за надминување на ваквите состојби. Речиси ниту една не е спроведена.
На пример, се наведува потребата од децентрализацијата на културните добра (исто така, поткрепена со низа мерки и модели), а, наместо тоа, со одлука на владата се формираат сѐ повеќе национални институции. Да се разбереме, не спориме со значењето на овие новонастанати институции и потребата за нивна институционална поддршка.
Спориме со фактот дека централизацијата на културата, не само што не се намалува, туку таа се засилува. Без никаков обид да се најдат соодветни модели на финансирање и функционирање на институциите со поголема репрезентативност на граѓаните, за кои таа култура и се создава, во носењето одлуки.
Едноставно, се добива впечаток дека партиите на власт (кои и да се) не сакаат да се откажат од овој додатен „резервоар“ за вработување „соодветни“ партиски кадри и поставување директори по институциите.
За „суштински измени“, како што се наведува во сега веќе благопочившата Стратегија, во законската рамка не станува ниту збор. Новиот закон за култура, кој се најавува повеќе години наназад, се чини дека е сосема ставен ад акта.
Колку и да се во право, а во право се, вработените во Министерството за култура нема да ја добијат поддршката од оние за чија сметка работат, односно од културните работници
На крајот на краиштата, Министерството за култура, знаејќи дека важноста на Стратегијата истекува во 2022 година, не се ни погрижи да создаде нов документ со таква важност. Со намера. Затоа што новиот стратегиски документ подразбира и констатација за она што е направено во претходните години. А не е направено ништо.
И новата стратегија, како впрочем и старата, мора да ги има вистинските стратегиски цели што на овој или на оној начин ќе потсетуваат на она што треба и на она што не треба да се направи. Се чини дека поудобно е вака – да се работи без конкретни обврски и со произволни одлуки.
Велам, во право се вработените во Министерството за култура кога бараат изедначување на нивните права (плати) со остатокот од државната администрација. Тие, конечно, не ги кројат културните политики, туку само ги спроведуваат. Но, треба да биде јасно, ниту Министерството за финансии не ги крои културните политики и не е задолжено да го реформира Министерството за култура. Нема администрацијата од Министерството за финансии да им ја направи новата културна стратегија. Ниту ќе ја департизира културата.
Затоа, ако ми биде дозволено да дадам една препорака до синдикалната организација на Министерството за култура, нека го насочат својот бес на вистинската адреса. Онаа што вели дека стои зад нив во борбата за нивните права.
Во спротивно, и третиот впечаток ќе биде ист – скеч од „Монти Пајтон“!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија