Животни измени

Овој е еден од оние денови, кога е мачно да се пишува за уставните измени, за црната листа на САД, за сите што прво ја вивнуваат корупцијата до небо за потоа да нѐ спасуваат од неа, за неспроведените ветинзи, за зелените енергии, пречистителни станици, амандмани, колективни договори, неспроведени пресуди на ЕСЧП и за сини океани на партии, додека се прпелкаме во матно мочуриште.

Почина петгодишно дете. Не знаеме од што. И додека трае вонредниот надзор, на социјалните мрежи се одвива нагаѓање околу можната причина за смртта. „Дијагностицирање“ на невидено. Знам дека луѓето не го прават тоа од лоша намера, туку од длабока вознемиреност што човечки животи прелесно ни се лизгаат низ рацете. Ама тоа не е начин. Мора да се има почит кон семејството на детето и кон сите родители што оваа трагедија ја чувствуваат како своја.

Манирот „после смрт – болест“, само го потенцира сеопштиот неуспех да ги решаваме проблемите пред да се случи најлошото. Не само во овој случај, туку во однос на сите луѓе, за сите животи, во сите нешта и во сите сфери. За модуларните болници почнавме дебата откако на 8 септември 2021 година во пожар изгубивме 14 човечки животи.

За безбедноста во сообраќајот не ни беше доволно предупредување несреќата од 13 февруари 2019 година, во која кај Ласкарци загинаа 16 луѓе. И по четири години судскиот процес се одвива „падни – стани“. Ако беше извлечена поука и се спроведуваа задолжителните контроли, не ќе се случеше надвор од земјава да биде пропуштен ниту еден автобус без соодветна лиценца, каков што бил оној во кој на 23 ноември 2021 година загинаа 45 лица, од кои 12 деца. И овој судски процес тапка во место.

Нашиот проблем е што брзо забораваме. Не велам дека е тоа намерно, ама под секојдневниот налет на разни перипетии бргу се губи фокусот од претходните случаи. И така несвесно почнуваме да градиме култура на амнезија, која најдиректно помага во наоѓање разни изговори и оправдувања, па дури и калкулирање со виша сила -„таква им била судбината“.

Не, тоа не е судбина, туку резултат на човечки и системски пропусти, а амнезијата и недејствувањето против нив само водат кон повторување и перпетуирање на истите слабости со трагични последици, на други места и за други луѓе. Сега дојдовме до тоа да ни си тресе душата ако некое дете утре треба да прими инфузија.

Нашиот проблем е што брзо забораваме. Не велам дека е тоа намерно, ама под секојдневниот налет на разни перипетии бргу се губи фокусот од претходните случаи

Во едно организирано општество, со функционални институции и со лица вработени според стручноста, луѓето не стравуваат од такви нешта. Во такви општества, родителите не стравуваат дали некој од наставниците на нивните деца се занимава со продажба на дрога. Се подразбира дека НЕ. Не стравуваат дали нивните деца во кафулиња ќе добијат нормален пијалак или „зачинет со нешто“. Или дека возрасен би можел да биде послужен со „корозивна течност“.

Некои, до вчера вообичаени и неризични нешта, сега ги доживуваме како „руски рулет“ во секојдневието на нашето истоштено општество. Секое излегување од дома станува ризик – од нервозни возачи, блокирани улици, отворени шахти, одронети фасади врз главата, кеси отпад фрлени од тераси… Небаре сме заборавени во некое примордијално време исклучено од тековите на денешната цивилизација.

Токму од овие причини, дебатата за уставните измени што треба да бидат клучот за отворање на преговарачките кластери, на луѓето им наликува на приказната кога во зима го убедувале магарето да не умира, да почека, оти напролет ќе има зелена трева (за пасење).

И како никој да не разбира дека граѓаните најпрво бараат „животни измени“. Сега, веднаш. Бараат враќање на одговорноста на пиедестал, која исто како и функцијата, мора да биде индивидуална, а не да се крие зад колективната или зад измешан и нејасен синџир на надлежности. Бараат крај за неказнивоста, и крај за смислена или системска амнезија, бидејќи отчетот, одговорноста и транспарентноста се средства за општествена еманципација.

Таква пракса ќе значи пречка за можноста некој партиски да ги монополизира придобивките на државата, а да молчи за криминалите или да ја користи власта за партиски или моноетнички вработувања, (како во последниот случај со медицински сестри во Куманово, и не само тој).

На ова општество му треба инфузија, ама од граѓански концепт и деетнизација, а не предозирање со етноцентричност (прв премиер Албанец) и други етнички значки на реверите на неизживеаноста. На ова општество му треба двотретинско мнозинство за да напредува и да победи Македонија, а не да победуваат политички рецидиви за кои сме мислеле дека се прегазени од времето. Исто како што мислевме за туберкулозата.

Уставот и законите во една земја вредат толку, колку што вредат луѓето што ги спроведуваат. Ова е генерално оценката од „скрининг- процесот“ што го прават граѓаните за да ја утврдат усогласеноста меѓу ветеното и оствареното во државава, во изминатите три децении.

И како никој да не разбира дека граѓаните најпрво бараат „животни измени“. Сега, веднаш. Бараат враќање на одговорноста на пиедестал, која исто како и функцијата, мора да биде индивидуална

Истото се однесува и по прашањето за уставните измени. Уставните измени за отворање на интеграцискиот пат се толку голем потег, колку што се големи во пракса промовираните европски вредности од страна на оние што се залагаат за тие измени. И тука е проблемот, бидејќи она што се рекламира во „излогот“, го нема ни во продавницата, ни во магацинот.

Уставните измени се процес што бара кредибилност потврдена низ резултати и докажани вредности, а не чаршаф со кој треба да се замаскираат недостатоците и дефектите што со години не се решаваат. Нема да има ниту еден противник на уставните измени, кога на дело ќе се покажат европски, а не византиски политики и практики.

Многу е едноставно, „само“ треба да се спроведе. Цената е висока и  подразбира отсуство на секакви калкулации за тоа како ќе реагира некој коалициски партнер или опонент. Ако иднината на земјата е поважна од сѐ – властите нека скокнат еднаш во ладна вода. Нека покажат бескомпромисност кон сите криминали, нека покажат како изгледа Европа дома, како функционира правна држава. Така се добива доверба. Сѐ друго е корозивна течност спакувана под лажна ЕУ-декларација.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија