Кога една моќна институција, како што е Македонската православна црква и другите верски организации, ќе ги мобилизираат своите челници, но и своите членови против една мала и веќе длабоко маргинализирана заедница, како ЛГБТ заедницата, тогаш тоа е битка чиј резултат е погубен. Кога оваа војна ја отвораат религиски лидери, во контекст како македонскиот, веќе и официјално докажан како најхомофобичен амбиент во Европа според последното Европско општествено истражување, тогаш не можам да не се прашам дали има макар и искра доблест меѓу оние чија обврска е грижа за слабите и помирување.
Законот за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура, а законот за матична евиденција е предложен во редовна постапка и сѐ уште не е ставен на дневен ред во Собранието
Како да не се доволни досегашните трибини, филмски проекции и медиумски настапи против жените и ЛГБТ луѓето, па сега, на неколку дена по Парадата на гордоста во Скопје, се организира протест против родовата еднаквост и правното признавање на родот. Замислете да се организираше парада или атеистички протест во време на велигденски или рамазански пости, како што се организираат хомофобични дефилеа во месецот на гордоста. Нејсе, барем една од двете спротивставени страни е пристојна и се грижи да не предизвикува општествени кризи и поделби. Штета што тоа не е страната на професионалните верници.
Повикот за протест е кус и неаргументиран, но содржи и лажни информации. Па така, се повикуваат луѓе да излезат на протест против два закона – законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција, кои, според повикот, се внесени во собраниска процедура по скратена постапка, инсинуирајќи дека е тоа обид на мала врата да се протнат наводно погубни и опасни политики. Малку е невообичаено една верска институција да лаже, но ете и тоа се случува.
Законот за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура, а законот за матична евиденција е предложен во редовна постапка и сѐ уште не е ставен на дневен ред во Собранието.
Покрај оваа „ненамерна грешка“, чија цел е да предизвика чувство на итност кај луѓето, другиот аргумент на МПЦ е дека законите се опасни за децата и семејствата, иако ниеден од овие закони не задира во правата на децата, ниту во односите во семејствата. Манипулацијата е сега целосна, имате луѓе што сте ги преплашиле дека нивните најмили се во опасност и дека опасноста е толку блиску што веќе утре може да ве преплави.
Човек не може, а да не забележи дека овие стратегии се блиски до милитаристички структури и лоши политичари и да се праша зошто побогу ги употребуваат верски институции.
Правото на протест е демократско право. Ако на МПЦ или на верниците некој им го ускрати тоа, јас прва ќе се борам против таквата неправда. Сепак, како некој што се родил, живеел и ќе умре во оваа земја, имам право, но и обврска да ги коментирам општествените случувања. Чувствувам длабока разочараност, но и страв поради неодговорното однесување на верските лидери придружени од некои политичари и антиродовите организации.
Оваа опортунистичка синергија во Струмица ги обединува сите центри на моќ, Струмичката епархија и нејзината фондација Елеуса, локалната власт и најголемите бизнис-сопственици на локално ниво во организиран поход, особено против трансродовите луѓе, кои во оваа општина се едвај двајца или тројца. Па така, постојано се организираат трибини на кои се зборува како оваа заедница и граѓанското општество, кое ја поддржува, е закана за жените и децата, никогаш не објаснувајќи во што се состои таа закана.
На последната ваква трибина, поранешната пратеничка Лилјана Поповска беседеше загрижена за жените, додека истата таа беше дел од владејачкото мнозинство што го донесе рестриктивниот закон за прекин на бременост во 2013 година. Така Лилјана им го сврте грбот на сите жени што ги претставуваше во Собранието.
Чувствувам длабока разочараност, но и страв поради неодговорното однесување на верските лидери придружени од некои политичари и антиродовите организации
Дополнително, грижата за децата е, исто така, прилично неискрена, имајќи предвид дека во целата операција е вклучен и карван на проекција на филмот „Што е жената?“ низ градовите во Македонија, чиј режисер Мет Волш самиот се декларира како теократски фашист и чии ставови за педофилијата и возраста на децата да дадат согласност за стапување во сексуална врска се благо речено вознемирувачки. Така, идеолошките кинофили им го свртеа грбот и на нашите деца, чии права наводно ги бранат.
Па, ако ниту жените, ниту децата се загрозени, тогаш логично е да се прашаме зошто МПЦ протестира. Одговор, за жал, нема, но можам да го претпоставам. На МПЦ им пречи тоа што постоиме. Пречи тоа што сме живи, тоа што дишеме, тоа што градиме заедница, градиме семејства и градиме пријателства што се потпираат на љубов, поддршка и на прифаќање.
Затоа што одбираме да веруваме, но не и да коленичиме пред институциите, па макар и верски. Затоа што одбираме да го менуваме светот, а не да го одржуваме оној во кој тие имаат моќ, простор и привилегии. Затоа што одбираме да ја градиме иднината заедно со работниците, обесправените, обезмоќените, замолчените, а не со олигарсите и елитите. Просто затоа што на маргините успеавме да најдеме политички потенцијал и почнавме бавно, но трпеливо да го градиме.
Ова се мрачни времиња, времиња кога посилниот е секогаш победник, но ниедна сила и ниедна привилегија не е вечна. Ќе дојдат подобри времиња, затоа што сакаме и знаеме да ги донесеме. Токму затоа, МПЦ, извинете што постоиме, но тоа ниту можеме, ниту сакаме да го промениме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија