Петстотини и кусур делегати, возрасни луѓе, цели два дена ќе потрошат во режирана фиделкастровска атмосфера, без шанса да сфатат дека на нивниот вожд не му истече лидерскиот мандат туку времето!
Расте бројот на граѓаните кои сметаат дека натамошното опстојување на Груевски во власта не само што е незаконско туку е и драматично опасно за иднината на Македонија. Причината за тоа не се политички симпатии или антипатии туку последица на разголената суштина на неговиот лажен „легитимитет“, со години обезбедуван преку изборна технологија на измама и разни видови лукративни активности, за потребите на неговиот режим.
Преку создавањето на клиентелистичка армија луѓе прикачени на буџетот, кои ги претвори во свои соучесници, колку што го испланира системот на својот политички живот, Груевски исто толку го проектираше и своето самоубиство. Вовлекувањето на луѓето во измама од гигантски димензии преку грижливо граден неморал и цинизам, стана главен принцип на секојдневното персонално и институционално однесување, кое однатре ја разјадува државата и целото општество. Таков систем ниту може, ниту ќе смее да продолжи да функционира.
Ако го прашате Груевски, тој, не само што не би имал против уште сто години да функционира таа „ДПМНЕовска демократија“ надградена во уште повисок стадиум туку би ја бранел и со сите средства до крај. Можеби и би му успеало, кога би живеел во земја изолирана од желбата и контактот со какви било демократски стандарди и вредности. Но, во овој свет меѓусебно поврзан и зависен од постојано надградување и унапредување на тие вредности, нема место за демократски еретици од форматот на Груевски, кој цела деценија ја тестира издржливоста на Македонија под напливот на неговите авторитарни практики.
За да не бидам погрешно разбрана, нагласувам: граѓанскиот револт не е насочен кон партијата во целост туку кон поединци во неа. Нема анимозитет кон ВМРО туку кон поединци од ДПМНЕ, кои тие четири историски букви ги злоупотребија за материјализирање на личните интереси. Не зборувам за Владата во целина туку за еден министерски конзорциум со кој Груевски ја злоупотребува Владата како параван за реализирање на личните апетити, а на сите останати им остава демократски и економски супстандард и планетарен срам.
Неговото спротивставување на граѓаните кои на политичката сцена бараат етика и чесност, е тешка задача, на која не смее да се одговори со гумени куршуми. И покрај желбите, досега не е измислена политичка технологија што би ја победила масовната побарувачка на вистина и правда, без оглед колку квази-медиуми и „приватни“ судии и обвинители можат да бидат инсталирани од еден автократ.
Впрочем, ни поголеми држави не би можеле да го издржат товарот на една ваква „ДПМНЕ-демократија“, која во својата суштина е целосно аморална и абнормална. Затоа, кога Груевски се обидува да ги дискредитира сите што ја прочитале и демаскирале неговата владејачка матрица, тој не прави ништо спектакуларно ново туку само со други средства ја продолжува досегашната практика на градење системи со ограничен пристап. Тоа е систем за темелна поларизација на општестото, преку изолирање и партиска диференцијација, по која за послушниците и изршителите следуваат рози, за неистомислениците – трње.
Па не е чудно што денес, кога светот го одбележува Први мај, овде не се бројат успесите на трудот, туку жртвите од политиките на трутот: сиромаштија, растечка нееднаквост, невработеност, прекаријатот… Не е тешко да се утврди колку од граѓаните политички се прогласени за работен вишок („тие што тужат ќе ги ставам во суфицит“), колку од нив се државен вишок (предавници и велепреданици), на колку им се ограничени шансите за пристап до работа („тој не е наш“), колку се непристрасни комисиите („да направиме наша комисија во УЈП“), колку е власта фер кон опонентите и неопределените („тие што не се наши ќе летаат од работа“)…
Апсурдот за да биде поголем поголем, сето ова се случува додека фамилијата си игра „монополи“ во живо, со буџетски пари, си договара провизии и си тера приватни бизниси од Швајцарија преку Чешка до Кипар и Белизе. Но, за потребите на глумењето демократија и почит кон работните човечиња, ете, дури и на ССМ му било дозволено да организира некаков првомајски марш. Кумановци би рекле, „да виду, да не верују“.
Ќе поверуваат, бидејќи токму на нивни терен ќе се одигра уште една драмолетка, наречена Конгрес на ВМРО-МВРО, како што би рекла Јанкулоска. Демек, на Груевски му бил истечен мандатот. Замислете, петстотини и кусур делегати, возрасни луѓе, цели два дена ќе потрошат во режирана фиделкастровска атмосфера, без шанса да сфатат дека на нивниот вожд не му истече лидерскиот мандат туку времето. И да биде лидер и да не биде, и со конгрес и без конгрес, Груевски е бивш, во секаква смисла.