На Македонија ѝ треба помош, a не позирање

Колумна на Џејмс Пердју

Моменталното запоставување на оваа мала држава од страна на ЕУ и САД ја загрозува стабилноста на целиот Балкан.

Модерна Македонија, една од најмалите и најнови држави во светот, стратешки е лоцирана во самиот центар на Балканот. Таа ја има несреќата да се справува со константна низа од внатрешни и надворешни кризи уште откако се здоби со независност од Југославија во 1991. Денес, Македонија е повторно во криза, без вистинска влада, во моменти кога државата е изложена на бранови бегалци од Сирија и Ирак.

Соединетите Американски Држави и Европската унија имаат вложено многу во стабилноста и интеграцијата на Балканот откако Југославија почна да се распаѓа по 1989. Но денес, тие остануваат исклучително пасивни во однос на Македонија во моментите кога државата се соочува со низа внатрешни и надворешни катастрофи.

Македонија нема капацитет да се соочи со напливот од бегалци на нејзините граници. На државата ѝ треба сериозна помош, а не интернационална фрустрација и празно позирање од страна на НАТО и ЕУ.

Без искуство во демократско владеење, по здобивањето со независност во 1991, Македонците мораа „од нула” да создадат устав, закони и институции. Оттогаш, државата немаше период без криза за да ги консолидира и развие своите демократски институции. Првенствено заради противењето на македонското уставно име, Грција наметна економско ембарго кон Македонија, кое Ричард Холбрук успеа да издејствува да се укине во 1995. Сепак, проблемот со името продолжува да биде причина за грчкото вето на македонското членство во НАТО и ЕУ.

Војната во Косово и напливот албански бегалци во 1999 создаде нова криза. Државата за малку избегна меѓуетничка граѓанска војна во 2001 кога САД и ЕУ дипломатски интервенираа и помогнаа да се создаде Охридскиот договор.

Македонија е една од психолошки најнесигурните нации. Буквално сите соседи, низ вековите, ја имаат контролирано целосно или делумно нејзината територија. Денешните Македонци се доживуваат себеси опкружени од непријатели или пријатели, во зависност од нивната индивидуална етничка припадност или лични ставови. Оваа несигурност и политичката прагма повремено ги поттикнуваат македонските лидери да ги провоцираат своите соседи преку присвојување на културното наследство и историските личности од регионот.

Македонија останува изолирана од европскиот мејнстрим и има мала реална надеж за членство во НАТО и ЕУ сѐ додека спорот околу уставното име со Грција останува нерешен.

НАТО јавно ја понижи Македонија на Самитот во 2008 кога го одби барањето за членство поради лошата проценка на САД и грчките приговори кон македонското уставно име. Во меѓувреме, Албанија, Црна Гора и останатите држави на Балканот, продолжија со интеграцијата во НАТО и ЕУ.

Сега, Македонија се соочува со наплив на бегалци кои бегаат во Европа од хуманитарните катастрофи во Ирак и Сирија.

Македонија може да биде тешка за инволвирање и лесна за критикување. Под постојан реален и имагинарен притисок, мнозинството Македонци беа привлечени од националистичката, но во исто време и корумпирана партија со автократски тенденции – ВМРО ДПМНЕ. Сегашното водство на партијата неодамна беше дискредитирано, но дисфункционалноста и политичките препирања продолжуваат.

Колку и да се сложени Македонците, време е САД и Европејците да стават крај на препирките околу Македонија и сериозно да ѝ помогнат на оваа мала, кршлива европска република во решавање на проблемите кои се закануваат да ја уништат.

Неопходна е поголема помош околу бегалците и притисок за да се среди македонската политичка криза. Но, помагањето со бегалците и политичкиот притисок не се доволни. Гледано низ покрупна призма, Западот нема направено доволно за Македонија и останатите држави од поранешна Југославија, адекватно да ги развијат своите економии и да креираат работни места.

На Македонија ѝ е потребна „брза пруга“ кон членството во НАТО и ЕУ со цел да се воведат стабилност, самоувереност и демократски стандарди во земјата. Досегашните млаки меѓународни дипломатски обиди да се реши проблемот со името со Грција не вродија со плод и не ѝ нудат надеж на Македонија за членство во заедничките регионални институции.

Единствениот траен одговор на моменталната катастрофа во централен Балкан е САД и европските нации да придвижат агресивен дипломатски напор и користејќи го нивното влијание да го решат прашањето со името, со што би ѝ отвориле пристап на Македонија кон членство во клучните меѓународни институции.

Сѐ додека тоа не се случи, американското и европското вложување на Балканот останува непотполно, а стабилноста во балканскиот регион останува неизвесна.

Поранешниот амбасадор Џејмс Пердју беше американски посредник за Охридскиот договор во 2001. Тој беше вклучен и во постигнувањето на Дејтонскиот договор за Босна и Херцеговина во 1995, како и во разрешувањето на конфликтот во Косово во 1999

Коментарот е објавен и на Балкан инсајт.