Спогодбата помеѓу вистината и лагата, секогаш е на штета на вистината (Виктор Иго)
Ако со претходната верзија на францускиот предлог нашата чаша остана празна, но со обиди да биде претставена како полупразна (затоа што двете страни нешто губеле), со новото „креативно решение“ ни ја претставуваат како полуполна и како успех на државната стратегија, дипломатија, како историски момент…
Ќе беше добро, да беше навистина така. Малите модификации кои конечниот предлог наводно го направиле далеку подобар, се резултат на набрзина смислено терминолошко маскирање на точките кои се спорни за нас. Тој тактички блеф изведен во „5 до 12“ не може да се продава како успех, бидејќи реално не носи додадена вредност за македонските позиции, туку само создава привид за тоа.
Властите ќе заслужеа повеќе почит ако простум излезеа пред граѓаните и отворено кажеа – толку можевме.
Во вакви ситуации не помага „шибицарење“ во стилот еве го – ене го, беше во рамката, сега е надвор од рамката… До вчера било протокол сега ќе се биде годишен извештај/преглед.
Ние ја сакаме интеграцијата, ама дали таа нѐ сака нас, на достоинствен и европски начин?
Револтот од предлогот кој ја содржи главнината на бугарските позиции сега се претвори во револт кон „корисната заблуда“ што ја сервираат домашните власти. Но, дури и тоа сега е секундарен проблем.
Примарно е што Македонија сега навистина е во ситуација – земи или остави. Тоа што треба да го земе, е вето со одложено дејство. Отворањето на преговорите формално би почнало веднаш, но суштински по внесувањето на Бугарите во Уставот.
Ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за тоа, преговорите нема ни да почнат. А како ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во длабока внатрешна поделеност за (не)прифаќање на францускиот предлог? Бугарски аналитичари лаконски коментираат: како што најдовте за Преспанскиот. Со други зборови, пак на „балкански начин“ како што предлагаа – европејците.
Но, од тој балкански начин, македонското општество до денес се нема опоравено. Уште еден таков – се заканува да предизвика имплозија. Францускиот предлог води кон тоа: создава европски преседан кој неминовно ќе води и кон нов, внатрешен. За ова не мислат европските лидери кога повикуваат – прифатете ја оваа шанса.
Лесно е да се сугерира решение, кога не се познава доволно проблемот. Сто стапа по туѓ грб нѐ болат. И Макрон пред референдумот во 2018 година ни се обрати со порака „Сметам на вас“, тврдејќи дека Преспанскиот договор има централно место во плановите за иднината на нашата земја. Следната година реши лично да ни посмета со новата методологија.
По тоа горко искуство, како да се надеваме макар и на неформални европски гаранции (кога формални нема) дека преговарачкиот процес нема да биде доминантна жртва на бугарските барања, ако со наш потпис овоможиме тие да станат европски барања? Не можеме да се надеваме.
Зборот и ветувањата кон Македонија не само што не беа одржани после сите тешки компромиси на земјава од деведесетите години до денес, туку овдешната конструктивност беше разбрана исклучиво како подготвеност за постојани концесии од наша страна.
Османи предупредува дека ризикуваме самите да се блокираме само од страв дека Бугарија ќе нѐ блокира. Односно дека ризикуваме да останеме надвор од процесот, наместо да останеме во него. Да, овој аспект е важен. Но и цената за двата аранжмана е многу различна и посебна, ендемска за нас.
Србија и Црна Гора се во процесот, ама дури и без проблем како нашиот, процесот им стои во место. Ја немаат Бугарија како дамоклов меч, ама сепак не мрднале ни милиметар. Ние ја сакаме интеграцијата, ама дали таа нѐ сака нас, на достоинствен и европски начин? Таков начин со овој предлог не е обезбеден, а може да предзивика висока цена за нас.
И сега сме како мачка на врел лимен покрив – удолу длабоко, угоре пеколно. Избор без избор, и момент да се извлече поука од грешките – зошто македонската влада не успеа навреме да ги види сите знаци покрај патот.
Само од април годинава, во секоја пригода Румен Радев изјавуваше дека „бугарската позиција за Македонија наидува на сѐ поголемо разбирање од партнерите во ЕУ“. Што правевме ние во меѓувреме? Се надевавме дека во ЕУ ќе пуштат солза за нас, поради апсурдните рамковни барања на Софија? Не постои таква емоција во реалполитиката. Нема солзи, има само интереси.
Видете го само маневарот што го направи Петков, откако ИТН излезе од Владата на 8-ми јуни. Веќе следниот ден направил план да купи златни политички акции во ЕУ и НАТО: ем да ја зацрсти својата улога во бугарското општество, ем да тргне во расчистување на домашно-руски врски, план кој финишираше пред четири дена со протерување на 70 руски дипломати.
Нема медиум во Европа кој не го одбележа ова како европски рекорд. Бугарија ја надмина дури и Германија, која во април протера 40 руски дипломати. Софија собра честитки од ЕУ и НАТО, ама и дома. ГЕРБ и даде поддршка на одлуката на Петков, поради која, само до вчера му висеше поддршката од БСП за состав на нова влада. Ама и социјалистите си легнаа на брашното, божем, задоволни од поставениот услов – поддршка, ама за избор на друг мандатар.
Властите ќе заслужеа повеќе почит ако простум излезеа пред граѓаните и отворено кажеа – толку можевме
Да не заборавиме дека Макрон уште во мај ја изрази подготвеноста на Франција да ја поддржи Бугарија со цел бугарското воздухопловство да не ги загуби одбранбените способности додека не ги добие купените ловци Ф-16 од САД. Тие се партнери во клубот, со долги и фреквентни контакти, ние не сме. Разликата не ја надоместивме со реформски акции и иницијативи. Ако некој се надевал дека климањето со глава ќе даде резултати, го избрал најлошиот пат.
Поради ненавремена проценка на сите околности и неподготвен одговор, земјава сега е во многу незгодна ситуација. Ако го одбие конечниот француски предлог – излегува неконструктивна (наспроти „конструктивната“ Бугарија), неблагодарна кон француските напори, и несвесна за важноста на моментот. Ако го прифати – прифаќа нешто што претходно сме го одбиле, ставајќи си печат на дезориентираност и безинтегритетност.
Во таква ситуација, брзањето е најлош советник. Во изјавите во власта недвосмислено се наѕира пофално слово за предлогот и намера тој што побрзо да биде предложен за прифаќање од Владата. Се креира наратив дека ова е историски миг, можност за фаќање на последниот воз, момент кога мора да се скокне во ладна вода.
Не ни треба ладна вода, туку ладни глави. Сите консеквенци од одлука „да“ или „не“ мора да бидат внимателно анализирани, без брзање, без навивачко и партиско фаворизирање на една или друга опција и без обиди за печалење партиски поени.
Да разграничиме – дали и колку ваквата „победа“ може да стане пирова за нас, и дали „поразот“ може да се стане вовед кон севкупно ресетирање на земјата за вистинска победа над старите грешки.
По сите празни епизоди за нас од 2005 до денес, пораз и за Унијата е кога на граѓани што сонувале за ЕУ ќе им се одмили тој еродиран идеал, кога ќе им стане сеедно дали некогаш ќе стигнат таму или кога тој пат ќе го доживуваат како многу понепријатен, отколку останувањето надвор од ЕУ.
Затоа и ова прашање сега се сведува на дилемата „да даваме ли банка (согласност) за да се фатиме во орото, за да не мора после да даваме две банки за да излеземе од него“. Одговорот не треба да биде оставен на емотивен рефлекс, интуиција или произволност.
Оние кои тврдат дека овој предлог е вистинскиот, нека дадат лични гаранции дека тоа е последниот и историски избор. Ама не гаранции во политички кариери и политичка одговорност (тоа само ќе си дојде), туку – за еден друг вид на одговорност. Ако тврдат дека овој предлог ветува сигурен и блескав пат за иднината на земјата, тоа би било најмалку што можат да направат.