Сите медиуми во светот што држат до себе во моментов имаат свои известувачи во Мелбурн. Не, не се таму да го следат првиот тениски грендслем-турнир годинава Австралија опен, туку да го следат судското рочиште на кое ќе се решава дали ќе му се овозможи на првиот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ да учествува на турнирот.
Ако по некој случај, ситуацијата беше „нормална“ и Ѓоковиќ регуларно настапеше на овој турнир, тогаш ќе имаше шанса да го освои по јубилеен десетти пат и да биде единствениот играч во историјата на тенисот што освоил 21 грендслем-титула.
И ќе добиеше – далеку помал публицитет! Се проценува дека директниот интернет телевизиски пренос на судењето за случајот на Ѓоковиќ (кој трае во моментов на пишувањето на овој текст), го следат повеќекратно повеќе гледачи од кое било финале на фамозниот Австралија опен.
Ѓоковиќ е симптоматски пример што нѐ потсеќа на горчливата вистина за епистемиолошкиот земјотрес што го доживуваме, заменувајќи ја вистината за мит, а институциите за месија
Денес, ете, за Новак Ѓоковиќ знаат и оние што никогаш не разликувале гем од сет и на кои никогаш не им било јасно како се бројат поените во еден тениски меч. Знаат луѓето од Камчатка до Јукатан. Знаат и оние што живеат со вечен снег, како и оние што живеат под вечно сонце. И сите имаат свое мислење за она што во моментов се случува во Мелбурн.
За едни Новак Ѓоковиќ е жртва на крутиот светски поредок, на љубомората дека едно „Балканче“ може дефинитивно да го освои светот, на потребата за добивање евтини политички поени… За други, станува збор за надмен Балканец со лична карта во Монте Карло, кој потекнува од простори каде што традицијата на создавање закони и правила секогаш се врзува со можноста на нивно кршење, за човек на кој, повторно во традицијата на овие простори, едноставно му е всадено да ги поминува пречките со волшебните зборови „Знаеш ли кој сум јас?“…
Без оглед како ќе заврши овој „судски процес на столетието“, Новак Ѓоковиќ дефинитивно ќе ги стекне сите квалификативи да стане некој нов светски месија: жестоко поддржуван од половина свет и жестоко напаѓан од другата половина. Месијата, како што е познато од митологијата, првин треба да умре, барем на некое симболичко ниво, односно да поднесе жртва за останатите онеправдани, а потоа да „воскресне“ како спасител. И сето тоа да нема никаква врска со она со што несудениот месија навистина се занимава – со спортот.
За жал или за среќа, месиите во 21 век се некако надвор од модата, па затоа нема да штети да се види што навистина се случуваше во „случајот Ѓоковиќ“ и како дојде до ова што дојде. Конечно, во овој случај се направи неверојатно голем шум, така што е прилично тешко прецизно и јасно да се согледаат работите. Но, да се обидеме…
Самиот Ѓоковиќ пред извесно време ја објави веста дека добил дозвола да игра на Австралија опен. Австралиските власти бараат од сите странци што влегуваат во земјата да бидат ревакцинирани. Во спротивно, мора да поминат 14 дена во карантин. Ѓоковиќ, за кого се верува дека не е вакциниран, на социјалните мрежи објавува дека добил медицински исклучок, со кој влегува во земјата и може да го игра турнирот. Организаторот на турнирот Тенис Австралија потврдува дека Ѓоковиќ добил дозвола за учество и влез, во согласност со правилата, кои подразбираат и исклучок од вакцинација од медицински причини. Овие правила се донесени во декември минатата година, со поддршка на државата Викторија, каде што се игра турнирот.
Премиерот на Австралија, Скот Морисон, на почетокот ја прифаќа одлуката на властите на Викторија, Ѓоковиќ да добие дозвола со медицински исклучок и да игра на турнирот. На прес-конференцијата во вторникот, тој вели дека сојузната власт, под чија ингеренција е и пограничната полиција, ќе постапи во согласност со одлуката на државата Викторија. „Така функционираат работите. Државата им дава на луѓето исклучоци и тие можат да влезат. Тоа се случува во овие две години“, ќе каже Морисон. Но, веќе следниот ден, Морисон го менува ставот и вели дека сојузната власт ќе го врати Ѓоковиќ ако не достави соодветни докази за тоа зошто добил медицински исклучок.
Во среда навечер, некаде пред полноќ по локално време, Ѓоковиќ слетува на аеродромот во Мелбурн. Веднаш е задржан, а набргу потоа му е укината визата. Ден подоцна на прес-конференција, премиерот Морисон ќе објасни дека тенисерот не успеал на надлежните да им понуди докази дека е ревакциниран, ниту валидни причини за исклучок од вакцинирање.
Според австралиските правила, медицински исклучок можат да добијат луѓе со воспалени срцеви заболувања, потешки акутни здравствени состојби, но и ако прележале ковид во последните шест месеци. Причините за медицински исклучок се проверуваат од две независни стручни комисии.
На почетокот изгледаше чудно дека еден од најздравите луѓе на планетата Земја има здравствени проблеми за да се вакцинира, но потоа низ медиумите протече позитивен ПЦР тест, датиран од 16 декември, кој потврдува дека Ѓоковиќ во тој период заболел од ковид. На социјалните мрежи веднаш се појавија фотографии од Ѓоковиќ, како во истиот период дели пехари на млади тенисери, промовира поштенски марки со негов лик итн. И тоа без почитување на какви било протоколи (носење маски, дистанца итн).
Ваквото однесување на првиот рекет на светот веднаш е окарактеризирано како, балкански кажано, „курчење“, односно како врвен безобразлук, ако навистина знаел дека е заразен.
Сето ова беше поврзано со минатогодишниот тениски турнир што Ѓоковиќ го организираше во Белград и во неколку други градови од вивша Југославија. Се испостави дека тој турнир стана своевиден кластер, бидејќи по него повеќе тенисери пријавија дека се корона-позитивни, но и голем број посетители и тениски фанови.
Без оглед како ќе заврши овој „судски процес на столетието“, Новак Ѓоковиќ дефинитивно ќе ги стекне сите квалификативи да стане некој нов светски месија: жестоко поддржуван од половина свет и жестоко напаѓан од другата половина
Тогаш Ѓоковиќ изјави дека и тој и неговата сопруга се корона-позитивни и дека им се извинува на сите што се заразиле и на сите на кои им предизвикал непријатности.
Во случајот со наводното второ заразување немаше никакви објави, ниту извинувања, па многумина се склони да веруваат дека станува збор за тука распространетата „итарпејовштина“ од типот: „нема да се вакцинирам, а вие обезбедете ми медицински исклучок“. И му обезбедиле. Очигледно, невалиден.
Без оглед на судската пресуда, Ѓоковиќ е на вистински пат да стане антиваксерска икона. Која, додуша, сака да учествува на „ваксерски“ турнири. За волја на вистината, тој и досега имаше некое чудно разбирање за „научните“ достигнувања, хранејќи се со позитивна енергија од пирамидите во Високо, во Босна и Херцеговина или тврдејќи дека со позитивна мисла може да се прочисти загадена вода.
Во секој случај, Ѓоковиќ е симптоматски пример што нѐ потсеќа на горчливата вистина за епистемиолошкиот земјотрес што го доживуваме, заменувајќи ја вистината за мит, а институциите за месија.
Според последните информации со кои овој текст располага, австралискиот судија Ентони Кели наводно благонаклоно гледа кон случајот со Ѓоковиќ, но државните официјални лица велат дека дискрециско право на државата Австралија е да реши кого од странските државјани ќе прими, а кого нема, навестувајќи дека одлуката на судот ќе биде ирелевантна за конечната одлука на сојузните власти.
Како и да се заврши оваа сага, тенисот и Австралија опен ќе останат во сенка. Освен ако не победи Ѓоковиќ.