Подобри луѓе

 

„Тешко дека преостана нешто од она, било да е природно или востановено, за кое верував дека е перманентно и витално. А сѐ во што бев сигурен или мислев дека сум сигурен оти нема да се случи – се случи.“ (Черчил)

Преиспитување. Тоа е еден многу комплексен и сериозен чин, кој, за жал, не се случува секојдневно, туку најчесто поводно, па дури ни тогаш. По обичај, пред голем верски празник подвлекуваме црта, правиме ретроспектива што сме направиле, оценуваме дали тоа било достојно, во согласност со етичките норми, со сето она што човек го прави да биде човек.

Времево и состојбите во кои живееме покажуваат дека до сегашново дереџе сме дојдени токму поради континуираниот недостиг од преиспитување на „јас кон јас“ „јас кон најблиските“, „јас кон другите/колективитетот/општеството“, во етичка смисла.  

Огледалото во кое се одразува денешницата, генерално одразува слика на множество од егоцентричност, суети, недостиг од алтруизам, алчност, немање чувство за потребите и страдањата на другиот.

Живееме во време кога во најголеми „богови“ е инаугурирано „светото тројство“ – парите, позициите и моќта, со сите придружни „апостоли“ на заблудата дека тоа е целта и дека во тоа е среќата.

Секој што мисли поинаку се смета за наивен или глупав, за човек што не може да се снајде во модерното време, за човек кој залудно си го троши времето на илузии за изградба на подобар и поправеден свет, наместо бргу да се вклопи и претопи во реалноста.

Живееме во време кога во најголеми „богови“ е инаугурирано „светото тројство“ – парите, позициите и моќта, со сите придружни „апостоли“ на заблудата дека тоа е целта и дека во тоа е среќата

А каква е реалноста? Слика и прилика на длабока морална ерозија, графикон за најбрз раст на „акциите“ на измами, шверцерство, хохштаплерство и манипулаторство по жител, експресно легализирани во системот „на успех“, со истите методи користени и во нивната основна дејност – бесчестието.

И не сомневајте се дека протагонистите на ваквите „дејности“ без трошка срам празнично ќе се прекрстат пред иконите, верувајќи дека се од Бога избрани да ги добијат и сите можни индулгенции за своите непризнати и непокајани гревови, само поради фактот дека подлабоко и поиздашно можат да брцнат во џебот и за потребите на храмовите.

Тоа „успева“ во време во кое не доминира суштината на верувањето и моралот, туку нивните симболи. Успева во време на духовна беда и галопирачки консумеризам, во време кога телото се смета за поважно од духот, во време кога физичкиот изглед со сите бицепси, ботокси и модни аутфити предничи пред интересот за духовното во човекот.

Може да се залажуваме, но не е само корона вирусот тој што ни го измести секојдневието. Тој само подлабоко ги откри нашите индивидуални и системски слабости. Моралната криза е таа што со години му претходи на овој вирус. Тој е само една од нејзините последици, можеби сегментарна, но, сепак, најјасна последица од начинот на кој луѓето ги изместија вредностите во кои и за кои живеат.

Сега бараме надеж, несвесни дека самите сме ја испуштиле можноста да ја отелотвориме во нашиот живот, тогаш кога во многу мракови не сме се обиделе сами да го побараме светлото, кога лошиот збор не сме го замениле со добар, не сме го замениле потсмевот со помош, осудата со разбирање, летаргијата со акција. Нема човек што не погрешил и нема човек што не може да се коригира.

Прашањето е дали постои доминантна свест дека треба да изградиме атмосфера во која етичките вредности ќе бидат вратени на врвот на пиедесталот, или тоа ќе го сметаме за небитно или невозможно, бидејќи многу од „конците“ се испуштени.

Може да се залажуваме, но не е само корона вирусот тој што ни го измести секојдневието. Тој само подлабоко ги откри нашите индивидуални и системски слабости. Моралната криза е таа што со години му претходи на овој вирус

Испуштени се, но тоа е причина повеќе за потребата од преобразба. Освен, ако не сметаме дека е нормално да живееме живот чие тежиште ќе биде закотвено околу изместени вредности и хипокризија. Или околу коцкарници, обложувалници и брзи кеш кредити, кои ќе завршуваат на истите места, добро изрекламирани од пејачи, реномирани артисти и спортисти.  

Денес нема кој да „рекламира“ единствено хуманост и чесност. Моделите за успех низ чесна работа и примерите за човекољубие и споделување завршуваат на последните страници или пред временската прогноза.

Сведени се на инцидент или мал исклучок од главниот тек, а нивното значење драматично се губи пред инвазивноста на машинеријата што ги пласира сите верзии за инстант заработувачка, навигирајќи генерации млади да веруваат дека тоа е вистинскиот пат да се стигне до „добар живот“, и кои се срамат од родителите затоа што не се „снашле“ на полесниот или на недозволен начин како ХХ – лица.

Тоа е вирусот од кој страдаме, само што никој не сака да го секвенционира и да го потврди официјално. Вакцина против него не може да се купи. Но, поединечно може да ја создаде секој што има свест за важноста од промена. Може да сте верници, атеисти или агностици, сеедно, но етиката е универзална вредност. Христос се роди за да ни го покаже патот по кој ќе се преродиме во подобри луѓе.