Некогаш ми се чини дека македонскиот јазик не е измислен за да се разбираме меѓу себе, туку токму спротивното – за да не се разбираме. Дека неговата суштинска цел не е да ни се олесни комуникацијата, а со самото тоа и животот, туку напротив – да ни се искомпликува и онака компликуваното општествено битисување. Со други зборови, македонскиот јазик е тука за да га плаши и вознемирува исконските македонски патриоти и останати македонски чеда, да ги држи во страв од нивно разнебитување (што и да значи тоа) и целосно исчезнување од историската сцена, да ги одржува во позиција на штрек од евидентните потенцијални напади од сите внатрешни и надворешни страни…
Да, чудно е тоа. Откога знам се носат закони за заштита на јазикот, се пропишуваат прописи за неговата употреба, учени луѓе пишуваат „јазични катчиња“, умни глави додаваат нови и толкуваат стари граматички правила… А, сепак, тој е секогаш загрозен. Се сеќавам уште од времето на мојата млада новинарска фаза, во тогашниот прилог за литература, идеи и култура на „Нова Македонија“, „ЛИК“, се разви сериозна полемика за билингвалниот (двојазичниот) карактер на македонската нација, во која учествуваа многу важни тогашни јазичари и литерати.
Тогаш главен непријател и главна загроза за јазикот беше српскиот, односно српско-хрватскиот јазик. И тогаш се зборуваше за идентитетот, за опстанокот на нацијата, за јазикот како столб на македонството и на Македонија… И таман помисливме дека ја извојувавме таа битка, кога денес многу важни јазичари, литерати, политичари, аналитичари, догматичари, дијалектичари, теоретичари, практичари… повторно расправаат за билингвалниот карактер, овојпат не на македонската нација, туку на македонската држава.
Зошто го поддржувам Законот за употреба на јазиците? Затоа што се спротивставува на една идиотска ситуација на промоција на супериорност на еден етникум над друг, затоа што е помирлив и ги признава различностите, затоа што дозволува работите да бидат различно именувани на иста територија и затоа што тоа е богатство, а не беда
Од друга страна, не толку одамна бевме убедувани дека натписот на Каменот од Розета е напишан на македонски јазик, дека македонскиот јазик е најстариот јазик на цивилизацијата, дека Александар Македонски и неговите предци зборувале на македонски јазик, дека сите светски јазици произлегуваат од македонскиот јазик…
Некако се прашувам како тогаш успеал да опстои? А немало, колку што знам, закон за негова заштита, прописи за негова употреба, казни за негова неупотреба. И колку што мене ми е познато, немало некоја особена грижа за опсегот на употребата на другите јазици на територијата каде што тој се употребувал.
Значи, Законот за употреба на јазиците не е лингвистичко, туку политичко прашање. Поточно политичко решение. И како таков, тој е резултат на политички договор. Негова цел не е да ја скрати употребата на македонскиот јазик или да го зголеми опсегот на употреба на албанскиот јазик во Република Македонија, туку да ја признае и да ја санкционира фактичката состојба на теренот, а тоа е дека во Македонија живее значително малцинство, со свои генерички и стекнати права.
Зошто го поддржувам Законот за употреба на јазиците?
Затоа што се спротивставува на една идиотска ситуација на промоција на супериорност на еден етникум над друг, затоа што е помирлив и ги признава различностите, затоа што дозволува работите да бидат различно именувани на иста територија и затоа што тоа е богатство, а не беда.
Законот за употреба на јазиците е само една мала алка во здраворазумското опонирање на повеќедецениската јазична политика (уште од времето на претходната држава), која најкусо може да се сведе на геслото: Еј, народе, ајде да се правиме глупави.
На денарот ќе имало натписи на албански јазик, на униформите исто така, ќе сме трошеле пари од државен буџет за примена на албанскиот јазик… И? Дали ако на денарот нема натпис на албански јазик, тој ќе биде постабилен, посилен? Или ако на униформите нема натписи на албански, полицајците и војската ќе бидат поефикасни или поподготвени? Или ако парите од државниот буџет наместо за примена на албанскиот јазик се искористат за примена на македонскиот јазик ќе бидеме посреќни.
Буркина Фасо е западноафриканска држава, која мене секогаш ми е интересна, меѓу другото, затоа што порано се викаше Горна Волта (при што никогаш не постоела Долна Волта). Нејзин службен јазик е францускиот. Тоа се должи на француското влијание и на некогашната француска колонизаторска политика на овие простори. А, се разбира, и на мултиетничкиот, односно мултилингвалниот карактер на земјата. Имено, во Буркина Фасо се говорат 69 јазици, од кои 60 се автохтони. Најброен јазик е моси-јазикот на кој говорат околу 40 проценти на населението. Потоа се манде-јазиците (бобо, марка, само…), како и фула-јазиците.
Буркина Фасо ми паѓа на памет поради еден пример на кој лично бев сведок. При еден излет во една викенд-населба во близина на Скопје, за првпат во животот се запознаа две дечиња од претшколска возраст и од различни националности (македонска и албанска) и почнаа да играат заедно. Ме интересираше на кој јазик комуницираат. Зборуваа на англиски! Тоа е нивниот службен јазик!
А ние уште се расправаме за опсегот на примената на јазиците кои ни се мајчини. И чија улога, се чини, е да нѐ држат во вечен страв, а не во постојана комуникација.