Анализи

Мицкоски меѓу партискиот багаж и ножот в грб

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Се гледа дека си дал задача да ја врати партијата на позициите пред фамозните Тиранска платформа и десоросоизација | Фото: Роберт Атанасовски

Христијан Мицкоски не е Никола Груевски, и тоа лесно може да се забележи од неговите настапи во краткиот период откако почесниот претседател му ја отстапи фотелјата во белата палата.

Тој е аутсајдер за врхушката што владееше со државава повеќе од една деценија.

Не ја користи онаа перфидна пропагандна реторика патентирана од Илија Димовски и од неговиот Центар за комуникации, која се граничеше со говорот на свињите од Орвеловата „Животинска фарма“, говорот во кој имаше само добри (тоа сме ние) и лоши (тоа се тие).

За политиките на СДСМ нормално дека вели оти се штетни и непродуктивни, смета дека владата изгубила со четири-нула од Бугарија по меѓусоседскиот договор, меѓутоа најдалеку што оди во критиките е фразата „антидржавна политика“.

Од него јавно не можете да чуете квалификации како предавници и странски платеници и токму тој ја напушти практиката политичкиот противник да го нарекува СДС без она „М“, кое доаѓа од зборот Македонија.

Неговиот претходник користеше речник со кој можеше да го разбере буквално секој, од распеаниот коледар до пензионерот во автобус. Мицкоски не е до толку рафиниран во политичкиот маркетинг и употребува фрази како „peer to peer комуникација“, дивергирање, „fairy tale“, бара „инпут“ од соработниците и притворените пратеници ги претставува како процент од својата пратеничка група, цели 12 %.

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ изгледа растргнат од желбата да прикаже едно ново лице на партијата и во исто време да не му го сврти грбот на Груевски

Од авион се гледа дека си дал амбициозна задача да ја врати партијата на позициите пред фамозната Тиранска платформа и пред процесот на десоросоизација, меѓутоа прашање е кој пат ќе го фати откако би се вратил на таа точка, односно би ги нормализирал односите со странците и откако би нашол албански политичар со кој би испил барем едно кафе.

Да се успее под сенката на Груевски

„Соработници на високо ниво“ | Фото: Роберт Атанасовски

Можеби направи радикален чекор со тоа што елегантно ги отстрани од раководството луѓето како Илија Димовски и Антонијо Милошоски и внесе нови луѓе во Извршниот комитет, меѓутоа овој потег повеќе е чистење на дворот од можните закани за неговиот престол, отколку некаква казна за нивниот „придонес“ што ВМРО-ДПМНЕ по деценија на власт пука по сите шавови во опозиција.

А времето ќе покаже, фраза што често и самиот ја користи, дали го расчистува дворот за себе или можеби за евентуалното враќање на Груевски на голема врата.

Интересно е што за почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ вели дека „во последниве три години се соработници на високо ниво“.

Кога го прашуваат за евентуално дистанцирање од Груевски и од Сашо Мијалков, прецизно ја повторува истата реченица дека добрите политики ќе ги продолжи, а оние лошите ќе ги подобрува, токму тој вординг го користи – „ќе ги подобрувам и оптимирам“, очигледно трудејќи се да не западне во коментар на скандалите што се врзуваат за поранешното раководство.

Она случајно столче на кое седеше во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ за време на интервјуто на Телма, прилично ја доловува неговата сѐ уште некомотна позиција како лидер, за разлика од Груевски, кој се фотографираше во претседателскиот кабинет речиси залегнат во фотелјата пред каминот

Како претседател на партија сѐ уште не сме го чуле дека „бомбите“ се сечени, лепени и монтирани, иако можеби интимно верува во тоа, меѓутоа јавно вели само дека не сака да коментира нелегално стекнати материјали.

Неубедлив е во обидот да прикаже дека се репресираат неистомисленици, алудирајќи на приведените за 27 април со прилично несмасната аргументација „и да било така порано, а не било, не треба сега да има ревашизам“.

Она случајно столче на кое седеше во прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ за време на интервјуто на Телма, прилично ја доловува неговата сѐ уште некомотна позиција како лидер, за разлика од Груевски, кој се фотографираше во претседателскиот кабинет речиси залегнат во фотелјата пред каминот.

Таа некомотност му се рефлектира и на теренот на тешките политички прашања, како што се Законот за јазиците и проблемот за името.

Нетипично за вмровски првенец, многу внимава околу жешките прашања на кои неговите сопартијци во минатото не се воздржувале да печалат поени. Законот за јазиците го нарекува неквалитетна целина, која можела подобро да се направи, а гази по јајца и по прашањето на името повикувајќи се на познатите позиции на ВМРО-ДПМНЕ, без да елаборира кои се неговите црвени линии.

Економијата омилен политички терен

Очигледно е дека економските политики му се при срце | Фото: Роберт Атанасовски

Она што дефинитивно го прави различен од Груевски и од целата таа екипа околу бившиот лидер е што најави дека би прифатил ТВ-дуел со премиерот Заев, а и во времето кога директоруваше со ЕЛЕМ Мицкоски беше еден од ретките што се појавуваа на телевизиските дебати.

Впрочем тоа беа неколку соочувања посветени на состојбите во енергетиката, темата што дефинитивно му е најблиска, меѓутоа сосема солидно се држеше и на моменти доминираше во дебатата со новинарите и со експертите, меѓу кои беше и актуелниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Кога се во прашање економските политики, дефинитивно, е покомотен, таму е на свој терен и не изгледа како да гази по минско поле, туку напротив, самоуверен е и дури ги провоцира властодршците со изјави од типот „ако не знаат нешто, не е срамота да прашаат“.

Ако за крупните и жешки политички прашања е внимателен и недоискажан, во полето на економијата дури има конкретни ветувања. Иако во овој момент изборите изгледаат мошне далеку, тој тврди дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на власт, ќе ја симне стапката на невработеност на близу 10 процентни, тоа го кажа и во новогодишната видеочеститка и дека драстично ќе го зголеми БПД.

Економијата веројатно ќе биде карта на која многу ќе игра во иднината, и на тоа укажува и фактот дека меѓу новите членови на Извршниот комитет се најде и универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Трајко Славески.

Од неколку интервјуа и изјави и од десетина соопштенија тешко може до детали да се долови кој е Христијан Мицкоски, кои се неговите идеолошки позиции и за какви точно политики ќе се залага, меѓутоа засега изгледа растргнат од желбата да прикаже едно ново лице на партијата и во исто време да не му го сврти грбот на Груевски.