ВМРО-ДПМНЕ, по предлог на нивниот претседател Христијан Мицкоски, експресно ги исклучи од партијата пратениците што гласаа за отворање на Уставот, односно за продолжување на процесот на имплементација на Преспанскиот договор. Причината е јасна – дејствувале во спротивност на ставот на Партијата! Во принцип, не се мешам во внатрепартиските работи на која било партија (во спротивно, би се зачленил во некоја од нив), меѓутоа овој случај е симптоматичен на неколку нивоа.
Значи, легитимно право е на партијата да ги исфрли „непослушните“ од своите редови, особено ако станува збор за разидувања по вака значајни прашања, како што е додавање географска одредница на името на државата. Но, сепак, останува прашањето: кој е, всушност, ставот на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање и кога е тој формиран?
Иако, речиси од денот на потпишувањето на Преспанскиот договор, од Партијата и од нејзините челници се слушаа јасни искази дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да го признае „капитулантскиот“ договор, сепак во клучните моменти пред референдумот, Мицкоски, заедно со Партијата, бараше некаква навигација од народот, како да се однесува ВМРО-ДПМНЕ во пресудните моменти за иднината на земјата.
Лично не ми е најјасно како се добива таа навигација, особено ако се има намера процесите да се бојкотираат, но, ете, Мицкоски тогаш рече дека навигацијата му рекла дека секој од членовите на Партијата може да гласа (или не гласа) по сопствени чувства, волја и одговорност.
Ете, оваа навигација единствено не важи за пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој контекст, треба да се каже дека единствено индивидуално мислење и дејствување, кое е неприкосновено и заштитено со македонската законска регулатива, е токму она на пратеничката функција.
На ниту еден вработен, во ниту едно претпријатие не му е дозволено „солирање“ надвор од политиките на неговото претпријатие, освен на избраниците на народот, односно на пратениците. Едноставно, според регулативата, пратеникот не може да одговара за искажаното на собраниската говорница, а уште помалку за својот глас.
На ниту еден вработен, во ниту едно претпријатие не му е дозволено „солирање“ надвор од политиките на неговото претпријатие, освен на избраниците на народот, односно на пратениците
Со други зборови, очекував, како што тоа впрочем редовно го прави, дека ќе најави анализи, навигации или што и да е, по кои ќе реши дали својот претседателски мандат ќе го стави на располагање на Партијата. И дали по тие анализи ќе се разгледува можноста за дисциплинско санкционирање на пратениците што наводно гласале против волјата на партијата.
Наместо тоа, ете разбравме дека пратениците биле експресно исклучени од Партијата и тоа затоа што го разочарале лидерот лично, ама уште повеќе затоа што ја разочарале Партијата. Ова образложение зазвучи и симпатично и симптоматично. Како се разочарува партија? И што е всушност партија? Некаков органски механизам што има свои чувства и кој се разочарува, радува, се смее и плаче?
Ова ме потсети на една анегдота. Имено, еден мој пријател, своевремено во врхушката на ВМРО-ДПМНЕ, дури и министер во владата на Љупчо Георгиевски, на моето прашање зошто ја прифатил таа функција за која, според мое мислење, не е ниту кадарен, ниту квалификуван, ме погледна чудно и постави едно, за него, реторичко прашање: „А како да се одбие наредбата на Партијата?“ Партијата е, демек, безгрешна и автономно носи свои одлуки без учество на човечкото рацио.
Дека партијата прави грешки (која и да е таа), сведоци сме токму со актуелните случувања. Да, точно е дека повеќето од исклучените пратеници се прилично искомпромитирани и дека над нив висат тешки обвиненија за криминал и за настаните од 27 април, меѓутоа точно е дека нивната матична партија, ВМРО-ДПМНЕ, не само што не се огради од нив, туку ги прогласи за политички затвореници.
Базирањето на сопствените политики врз емоции и афекти, наместо врз рационалното согледување на односот на силите и можностите што актуелната констелација ги нуди, подоцна или порано ќе му ја одземат битноста на ВМРО-ДПМНЕ
Со актот на нивното гласање, ете, тие веднаш се преобратија во предавници. Во секој случај, секој пратеник има подеднакво право на глас, барем дури не биде отповикан, односно гласовите на Крсто Мукоски, Талат Џафери, Амди Бајрам, Никола Груевски или Артан Груби имаат иста тежина, без оглед каде го насочиле својот глас.
Како и да е, избрзаното бркање на пратениците од партиските редови всушност само ја ослабува парламентарната моќ на најголемата опозициска партија и со самото тоа ја маргинализира на домашната политичка арена. Ако на ова се додаде и евидентната меѓународна изолација на најбогатата партија во Европа, што следи како резултат на погрешните политики токму на Мицкоски, тогаш на ВМРО-ДПМНЕ не може да му се предвиди некаква посериозна политичка иднина.
Во таа смисла, не се без основа шпекулациите дека и други пратеници од оваа партија покажуваат намера да го сменат својот став и со самото тоа да ги напуштат нејзините редови. Особено по покажаната добра волја на премиерот Заев да ги прифати нивните забелешки на уставните амандмани.
Базирањето на сопствените политики врз емоции и афекти, наместо врз рационалното согледување на односот на силите и можностите што актуелната констелација ги нуди, подоцна или порано ќе му ја одземат битноста на ВМРО-ДПМНЕ.
Во таа смисла, ова, веројатно, ќе биде еден од последните текстови во кој се занимаваме со оваа партија. Зашто, барем во една работа Христијан Мицкоски имаше право: ова не е крај, туку почеток. Треба уште многу да се одработи за имплементација на Договорот и потоа да се засукаат ракавите за исполнување на условите за влез во Европската Унија. А во таа работа, нема место ниту за емоции, ниту за избрзувања. А ни за ВМРО-ДПМНЕ ако продолжи да ги тера овие политики.