Иванов уште еднаш ни кажа зошто не го доделува мандатот за состав на влада. Наводно, постојат „правни и политички пречки“ кои треба да се отстранат за да се додели мандатот. Без отстранување на тие пречки, тој не го дава мандатот. А знаете зошто? Затоа што некој ќе покрене иницијатива за негова одговорност! Звучи смешно, по малку и иронично, кога се слуша Иванов да зборува за својата одговорност. Сепак, сигурен сум дека зад оваа иронија, тој, сепак, мисли за сопствената одговорност поради кршење на Уставот на Република Македонија. Заради тоа и го спомнува. Како изреката „која ја има мувата на капата…“.
Правни дилеми
Од аспект на правните пречки, Иванов се обидува да нѐ убеди дека тој има дискреционо право да одлучува кому да го додели мандатот. И сѐ додека тој не одлучи дека треба некому да се додели мандатот, нема мандат. Но, во заблуда е! Во оваа заблуда паѓа со читањето (на негов начин)на член 84 од Уставот, во кој стои дека Претседателот „го определува мандатот за состав на Владата“.
Но, овој член само ја набројува оваа негова надлежност, а кому треба да се даде мандатот јасно е предвидено во член 90, каде што изрично стои дека мандатот се дава на тој што обезбедил мнозинство во Собранието. Во суштина, членот 90 инсистира на почитување на волјата на граѓаните на Република Македонија (од кои произлегува суверенитетот), кои избираат свои претставници во Собранието.
Ако такво мнозинство во Собранието се има оформено (што е рефлексија на мнозинството граѓани), претседателот е должен да го даде мандатот на тоа мнозинство. Спротивното однесување на Иванов значи попречување на остварување на власта и суверенитетот на граѓаните (што е предвидено во член 3 од Уставот). Но, Иванов сигурно смета дека тој е носител на суверенитетот, а не граѓаните. Ги измешал работите!
И уште нешто, додека зборуваме за носителот на суверенитетот. Нашиот Устав изрично предвидува дека носители на суверенитетот се граѓаните. А со оглед дека граѓаните се еднакви и имаат еднаква вредност, и еднакви права, Уставот не ги дели граѓаните по етничка линија. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ преку нејзините функционери многу пати го повторува ставот дека „мора да се почитува волјата на мнозинството од Македонците“.
Тезата дека треба да владее партијата која има мнозинска поддршка во едната етничка заедница (а и тоа не е точно), а нема мнозинска поддршка од сите граѓани во државата, за мене како Албанец е навредлива и шовинистичка
За мене како Албанец, ова е, благо кажано, навредлива теза, а во суштина, претставува шовинистичка, односно расистичка теза. А таква е затоа што се тврди дека треба да владее партијата која има мнозинска поддршка во едната етничка заедница (а и тоа не е точно), а нема мнозинска поддршка од сите граѓани во државата.
Ваквата теза ги смета за ирелевантни и помалку вредни другите етнички заедници кои живеат во Република Македонија, и на иста линија на резонирање, ги смета за помалку вредни гласовите на граѓаните кои припаѓаат на другите заедници. Патем речено, оваа е тезата и на тие кои протестираат „За заедничка Македонија“. Јасно ми е како ја замислуваат таа „Заедничка Македонија“!
Од аспект на правните прашања, Иванов исто така е во конфликт со Уставот кога инсистира да го додели мандатот под определени услови. Односно, не го доделува мандатот ако тој смета дека партијата или партиите кои имаат мнозинство би имале ваква или онаква владина програма.
Иванов нема надлежност да ги цени ниту програмите на политичките партии, ниту програмата на мандатарот, односно на идната Влада. Уставноста на програмите на политичките партии ги цени Уставниот суд на Република Македонија (член 111 од Уставот), додека во постапката за упис или во постапка за престанок, редовните судови донесуваат одлука кога ќе одбијат упис, односно кога ќе се забрани дејствувањето на политичките партии (член 25 и член 36 од Законот за политичките партии, а во врска со член 3).
Од друга страна, мандатарот му ги поднесува и образложува програмата и составот на Владата, на Собранието, а не на Претседателот. На овој начин, Иванов не го почитува начелото на поделба на власта и узурпира надлежност и на законодавната и на судската власт. И поради тоа сме во оваа криза.
Со недоделување на мандатот, Иванов нѐ држи заробени в место, а Уставот не му дава никаква друга можност да нѐ извлече од оваа ситуација. Тој не може ниту да распише избори, ниту да го распушти Собранието, ниту да прогласи вонредна или воена состојба, или да избере влада. Овие надлежности ги има Собранието. Поради тоа, јасно се гледа дека неговата надлежност се состои во тоа само да го додели мандатот на оформеното мнозинство, и ништо повеќе од тоа.
Избор на влада без мандат
И што сега? Прашањето е дали може парламентарното мнозинство да избере влада без мандат доделен од Иванов. Има парламентарна практика во соседството (Словенија) каде што Собранието го прескокнува доделувањето на мандатот од страна на Претседателот. И кај нас, Собранието како носител на суверенитетот (пренесен од граѓаните), има надлежност да избере Влада (член 68 од Уставот).
Претседателот со недоделување на мандатот, не може да ја ограничи оваа надлежност на Собранието. Уште повеќе, претседателот не може да спречи избор на влада преку кршење на правото, односно Уставот.
Не може и не смее целата држава, сите граѓани и институции, економијата, одржувањето на локалните избори и законското конституирање на централните органи, да бидат заложници на противуставно однесување на Иванов
Има една правна максима на латински, што се употребува во меѓународното право, која гласи: ex injuria ius non oritur (од неправда, не може да настане право). Во контекст на нашата ситуација, би кажал дека не може и не смее да се спречи законското конституирање на централните органи, преку незаконско однесување.
Не може и не смее целата држава, сите граѓани и институции, економијата, одржувањето на локалните избори и законското конституирање на централните органи, да бидат заложници на противуставно однесување на Иванов.
Сепак, разбирливо е однесувањето на СДСМ кога инсистираат на целосно почитување на Уставот и Деловникот на Собранието при избор на Претседател на Собранието и на Влада. Со тоа се цели изборот на Претседателот и на Владата да немаат никаква мана од аспект на легитимитетот
Но, како нужна мерка, треба да се има предвид и можноста да се прескокне Претседателот и да се избере нова Влада без мандат од страна на Иванов. Во тој момент да се повлечат министрите на ДУИ, со што легитимитетот на техничката влада би се ослабнал на максимум. Потоа ќе следи признавање на таа нова влада од страна на меѓународната заедница.
Платформата на албанските партии
А што е со Платформата на албанските политички партии? Има идеја таа да се повлече со цел да се деблокира процесот. Јас не верувам во таа идеја. Платформата на албанските партии е политички документ, кој треба да послужи како основа за преговори за владина коалиција.
Оваа Платформа не е владина програма и не значи дека сите точки од оваа Платформа ќе влезат во владината програма. А и не можат да влезат сите, затоа што за некои точки се потребни уставни измени (2/3 мнозинство), а за некои, не постои подготвеност да бидат прифатени од страна на македонските политички партии.
На овој начин, нема потреба Платформата да биде повлечена. Таа самата ќе се редуцира во точки кои се прифатливи за сите страни и ќе бидат остварливи како дел на идната владина програма.
Од друга страна, дали мислите дека ако се повлече Платформата на албанските партии, Иванов ќе рече „А, да, сега може. Повелете мандатот“? Јас не верувам во искреноста на Иванов. Сигурно ќе создаде друга пречка за недоделување на мандатот.
Додуша, неговото недоделување на мандатот не е поради правните или политичките пречки. Не е ниту поради Платформата на албанските партии. Иванов не го доделува мандатот за да обезбеди уште некој ден повеќе за криминалната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ. А за ова имаме дополнителен аргумент – ланските помилувања.