(Не)среќниот роденден на Канал 103

На својот 30-ти роденден, на 1 мај, Канал 103 симболично го прекина и своето онлајн-емитување, обидувајќи се на тој начин да ја анимира еутанизираната јавност за своите егзистенцијални проблеми.

Јас навистина не можам да добројам по кој пат во овие три децении, оваа култна радиостаница се соочува со сопственото гасење, иако се чини дека актуелниот обид да се задуши едно од последните пребивалишта на овдешната урбана култура е многу посуптилен и со самото тоа поопасен од сите претходни обиди.

Впрочем, токму овој впечаток на континуитетот на перманентните обиди Канал 103 да се отстрани од радискиот етер заслужува малку подлабок одговор на простото прашање: Кому навистина му пречи неговото постоење?

Се разбира дека одговорот на тие што се најодговорни (МРТВ, АВМУ, органите на извршната власт…) ќе биде дека сѐ е според законот и прописите, дека фреквенцијата на која се емитува радиото е нелегална и дека со самото тоа и радиото е нелегално. И сето тоа дури и ќе беше прифатливо како одговор, ако не стануваше збор токму за тридецениско опстојување на „нелегално“ радио, и тоа во рамките на јавниот сервис!

„Стотројка“ всушност е мал, но сериозен одговор на неолибералниот начин на мислење и на всадените шеми на вечните поделби и расцепкувања. 

Значи, суштината е нешто поинаква и задира уште од самите почетоци на радиостаницата. Имено, „Стотројка“ се појави во она турбулентно време на распадот на бившата држава, кога под синтагмата „судир на културите“ во суштина се етаблираше културата на судирот како општоприфатен модел на размислување што владее и денес.

Дури и мимикријата, покриена со флоскулата „мултикултурност“, односно „традиција на опстојување на повеќе култури на еден простор“ не ја прикрива хегемонијата на „културата на судирот“. (Научивме ли нешто за тие култури со кои живееме во „мултикултуралност“? Не!)

Културата на судирот е како леплива и тешка меласа што ја произведуваат партиските и корпоративните медиуми (зар не се повеќето такви?), националните академии на науките и уметностите, државните институции на културата, партиските идеолози на партикуларизмот, кафеанските бардови и секој за себе по дома – свесно или несвесно, по навика или по директива.

Во оваа култура  сѐ е судир и сѐ е во судир. Ако имаме брчки – ние ќе им објавиме војна на брчките. Ако имаме сало – ќе објавиме војна на дебелината. Ако општеството има проблем со корупцијата – ќе објави војна на корупцијата. Ако е тоа дрогата – тогаш ете ви војна против дрогата. Еве сме во војна против короната.

Во војна сме со сѐ и сешто. Водиме свои приватни војни против светските сили, банките, извршителите, претпријатијата, корпорациите… Се судираме и војуваме при секоја можност и во секоја пригода: во чекалница, во ред пред шалтер, на паркинг, на улица, на телевизија…

Токму при воспоставувањето на овој културен модел се појавува една мала, локална музичка радиостаница, која, со намера или не, практично го негира доминантниот модус вивенди. Нема војни на програмата на Канал 103. Не е важно дали сте под закана на извршители или некој во самопослугата поминал во редот пред вас. Не е важно што сте по потекло, од која вероисповед сте, какви ви се идеолошките убедувања… Канал 103, наједноставно кажано, го промовира урбаниот микс на индивидуи и индивидуалци, како можна алтернатива на партикуларизираниот колективизам.

Значи, без оглед на нејзината опскурност и релативно малиот опсег на достапност до слушателите, и без оглед колку ова и да звучи претенциозно, „Стотројка“ всушност е мал, но сериозен одговор на неолибералниот начин на мислење и на всадените шеми на вечните поделби и расцепкувања. Се разбира, општеството, онакво какво што е, го препознава Канал 103 како диво месо, како туѓо тело во сопствениот организам и покажува речиси природен нагон да го отфрли.

Иако стандардното маргинализирање на ова радио во секој поглед (одземањето на фреквенцијата, застарената техника, Работењето без надомест, оневозможувањето на неговата професионализација…) фактички го минимизира неговото влијание, сепак степенот на неговото значење, и во симболична и во фактичка смисла, е позициониран на високо место на скалилото на урбаните вредности. Ако смееме да парафразираме една излитена фраза од хипи времињата, тогаш контракултурата што ја пропагира „Стотројка“ би можела да се дефинира како: слушајте музика наместо што водите војна!

Канал 103, наједноставно кажано, го промовира урбаниот микс на индивидуи и индивидуалци, како можна алтернатива на партикуларизираниот колективизам

Не знам уште колку енергија им остана на момците и девојките од „Стотројка“ во нивното јуришање на ветерниците на македонското сфаќање на „традиционалниот“ капитализам, ама искрено се надевам дека ќе најдат сила да бидат уште посилни и повпечатливи во следните 30 години. Ако поради ништо друго, тогаш за да немаат мир нашите конзервативни и традиционални дедовци и баби, затапените и заведените родители, пријатели и колеги.

Да немаат ни мир, ни сон во следните 30 години, како што мојата генерација ги немаше од кошмарите што ни ги направија во името на своите соништа. Сега тие нека го живеат кошмарот на нашите соништа. Но, не кошмарот на војната и омразата, туку кошмарот на мирот и љубовта.

Значи, како роденденска честитка ѝ посакувам на „Стотројка“ долг живот, многу подобро здравје и многу повеќе можности за спроведување на граѓанската генетската еволуција што ќе го укине овој тип мултикултурализам, мултиконфесионализам, мултитрадиционализам и мултинационализам.

Утопија?

Дајте им шанса! Дајте ни шанса!