Овдешната дневна политика, едноставно, не може да се практицира, ако не е поврзана со папочна врвца со медиумите. И обратно: медиумите не можат да функционираат, ако се толку длабоко сраснати со дневната политика.
Во некои други околности, на пример, во филмовите на Тери Гилием, би било дури и интересно да се следи бизарниот преговарачки процес за прашањата на медиумите што токму сега е актуелен. Со него, имено, се потврдува стариот новинарски цинизам дека вест е само она што се крие од новинарите, а сето останато е пропаганда.
Всушност, и не е најјасно за што точно се преговара: за новинарските слободи, слободата на медиумите, слободата на говорот итн., односно за подобрување на вкупниот амбиент на медиумското дејствување или за, на пример, регуларно и одмерено информирање за време на изборниот процес. Или станува збор за ординарни кадровски промени со кои ќе бидат задоволени сите преговарачки страни?
Конечно, самиот факт што преговорите за транспарентноста на информациите се водат нетранспарентно, без каква било, барем малку посериозна општествена дебата за која било од наведените теми, фрла големо сомневање на искреноста на целиот процес.
Но, сомнежите не завршуваат само на затвореноста на процесот. Напротив. Тука почнуваат. Не е познато, на пример, како е одреден датумот (20 ноември) за завршување на преговорите и донесување некаква разврска по прашањата што се тема на преговорите. Што воопшто може да се испреговара за десетина дена, ако се знае дека еснафската асоцијација, Здружението на новинарите на Македонија, долги месеци преговараше со претставниците на власта за едно релативно едноставно и компаративно лесно остварливо прашање – декриминализација на клеветата!
Натаму, кој е интересот на главните преговарачи да ги уредат односите на медиумите? Главните преговарачи се главните политички партии (една од мистериите на авторот на овие редови е дали на преговорите како своевидни „олеснувачи“ учествуваат новинари, уредници, сопственици на медиуми, експерти итн.), односно оние што ја доведоа ситуацијата до степен да мораат сега да преговараат за нејзино поправање. Зашто, да не се лажеме, состојбата во медиумите, како резултат на политичките притисоци, е девастирана со децении наназад, иако најмногу во последните пет-шест години. На крајот од краиштата, не мора да се оди далеку во минатото, доволно е да се каже дека, како резултат на договорите од Пржино, со потписот на истите актери, се усвои законот за забрана за објавување на прислушувани материјали, кој во суштина е рестриктивен и криптоцензорски нормативен акт.
Во ред, ако и има некаква смисла за медиумскиот амбиент да расправаат и да се договараат оние што се моќни тој амбиент да го уредат, тогаш нема никаква логика тоа да биде задача со која ексклузивно ќе се занимаваат само политичките елити. Не само на крајот од краиштата туку на почетокот на сите почетоци, тука политиката, едноставно, не може да се практицира, ако не е поврзана со медиумите со папочна врвца. И обратно: медиумите не можат да функционираат, ако се толку длабоко сраснати со дневната политика. Ах, да. Тие можат да постојат, всушност и постојат. И можат да произведуваат свои содржини (што поретко се случува), но, сепак,тие само глумат медиуми, наликуваат на медиуми, а во суштина се само некој вид алатка за дневно-политичка манипулација.
Еве, сѐ, дури и политичките партии одеднаш да станат алтруистички и борбата за моќ да ја подредат на борбата за демократија, односно да ги олабават стегите околу медиумите, кој и како ќе гарантира дека медиумите ќе се откажат од сопствената улога на привилегирани политички поданици. Сопственичката структура, ако воопшто се знае, гарантира дека интересот на медиумските сопственици не е врзан за создавање демократски амбиент, дури не е ниту за некаква политичка идеологија туку за политичката, а преку неа и за економската моќ. Онаму пак каде што сопственичката структура не е транспарентна, мотивите се уште посомнителни: од перење пари до прикривање криминални дејства. Затоа на медиумските газди не им се ни потребни особени насоки од политичките или економските елити. Тие знаат како и кога да се додворат таму каде што е потребно.
Она што евентуално може да се очекува од овие преговори на крајот ќе се сведе на општи места за објективното и фер информирање, можеби забрана на владините реклами и „соодветни“ кадровски решенија, пред сѐ во регулаторните тела што ги бира Собранието, како и во Македонската радио телевизија. Претпоставка е дека ќе се бара соодветен паритет меѓу власта и опозицијата во предлагањето на кадровските решенија, така што не можат да се исклучат некои рогобатни решенија, од типот: еден канал да ѝ припадне на власта, а друг на опозицијата. Или уште полошо: да се примени техниката од преодната Влада – да се овозможи ставање вето на одредени одлуки од засегнатата страна.
Ако евентуално целото „тресење на гората“ се заврши на овој тип „глувци“, тоа само ќе го покаже длабокото неразбирање на суштината на информативниот простор, односно длабокото разбирање на потребата на политичките партии да го манипулираат медиумскиот сектор. Не сакаме да бидеме во право, но веруваме дека повторно ќе отсуствува каков било обид за создавање систем што ќе овозможи економска одржливост на медиумите, особено на оние што на овој или оној начин се занимаваат со суштинските прашања на општествениот живот. Со други зборови, оние што не можат да сметаат на комерцијален успех, а се неопходни за демократскиот амбиент во земјата. Состојбата, на пример, со весниците што излегуваат на јазиците на малцинствата е катастрофална, што доволно говори за немањето јасно сознание за важноста на нивниот развој. И така натаму.
Не е на одмет на крајот да се потсетиме како УНЕСКО го дефинираше информирањето во 1980 година: „Се чини дека информирањето не треба да се набљудува толку како засебно подрачје туку повеќе како неразделен дел од севкупниот општествен, економски и културен контекст. Со својот глобален карактер, тоа е проткаено во сите човекови активности, служи како вектор на културните активности и има решавачка улога во воспоставувањето и функционирањето на општествените структури.“