Деновие се потсетив на последното интервју на Иван Ванчо Михајлов (26.8.1896 – 5.9.1990) со бугарскиот новинар и публицист Кеворк Кеворкјан. Разговорот е снимен на 23 мај 1990 година во Рим, три месеци пред смртта на Михајлов. На прашањето на новинарот – се чувствувате ли вие виновен за нешто, Михајлов дава многу јасен одговор.
„Најмногу се чувствувам виновен што ништо особено не можев да направам за Македонија, за поробените. На таа идејна основа, ако тоа може да се нарече вина, јас имам вина. И сите што не успеавме да ѝ ја обезбедиме бугарштината на Македонија, имаме извесна вина, дури и министрите во Бугарија што ги водеа и војните, и политиката, и друго“, вели Михајлов.
Ова е јасна потврда со каква национална свест се соочиле овде, штом имале задача, мисија и цел бугарштината да ја всадат во Македонија. Дури и да постои некаква резерва дека не е добро разбран, ставот на Михајлов е уште подециден во одговорот на прашањето – а задоволен ли сте од тоа што го постигнавте?
„Затоа што не е постигнато тоа што го сакавме за бугарштината во Македонија, природно, не сум задоволен… Само до некаде сум задоволен. Сметам дека донекаде сум го исполнил долгот, не сто отсто, затоа што не зависеа од мене сите околности. Тие околности се поврзани со луѓе, со власти, со семожни работи. Но, штом во Македонија не царува бугарштината и бугарското, би кажал дека дури и не ми се заспива кога ќе помислам на тоа. Со толку жртви, со три војни што ги водеше Бугарија и со сè друго, до таму дојдоа работите да не можеш сега во Скопје слободно да кажеш дека си Бугарин“, вели Михајлов.
Домашните власти мора да се преслушаат зошто, каде и кога заискрило на патот меѓу двете земји. Да дадат одговор „шчо напраифме“: дали и што презеле по рамковната позиција на бугарскиот парламент усвоена лани во октомври и по објаснувачкиот меморандум годинава?
Значи, ни по толку напори не успеале да го засадат семето на бугарштината во Македонија. А зошто требало да го засадуваат, ако овде живееле луѓе со бугарска самосвест? Одговорот е јасен. Јасен им е и на бугарските историчари и професори, кои во октомври се спротивставија на бугарскиот меморандум, се спротивставија на претставувањето на македонската нација како плод на „југословенска пропаганда“ и на доминацијата на надживеаното, романтично и митолошко историографско размислување во Бугарија.
Божја волја било Михајлов да почине пред Македонија да стане независна држава, факт кој би му предизвикал уште многу бессони ноќи, имајќи предвид дека таа независност е резултат на континуитетот на македонската борба, а не на едностраното бугарско толкување на дел од минатото.
За овој бугарски стратег денес е одвоено катче за сеќавање под едно стебло во „Борисовата градина“ во Софија. На постаментот под бистата нема никаков текст, освен неговото име Иван Михајлов, 1896-1990.
Нему му се припишува авторство на изјавата „Македонија без Бугари – оган да ја гори!“ За тоа во интервју сведочи професорот Светлозар Елдеров од Институтот за Балканистика на Бугарската академија на науките, кој оваа изјава лично ја слушнал од Михајлов при средбата и разговорите што ги имал со него во Рим во 1988 година.
Изминатиов период, на социјалните мрежи оваа изјава ја постираше бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, ама тоа во Бугарија не го прокнижија како говор на омраза. Како говор на омраза беа претставени само репликите од македонски граѓани на тој негов коментар.
Денес јазикот на современите бугарски политичари не е поразличен од јазикот на Михајлов. Ветото на Бугарија е нејзин последен обид преку други средства да го оствари сонот за кој мечтаеле со децении, користејќи ја позицијата во ЕУ. И сосема е јасно дека ни оваа „четврта војна“ нема да ѝ донесе резултат.
Кога политичарите ќе станат паранаучници, а нивните параисториски продукти ќе завршат спакувани во рамковни позиции и објаснувачки меморандуми, се добива една експлозивна комбинација на „историска вистина“, постигната со мешање на подеднаква смеса од две состојки: самовиктимизација и самохероизација.
Знаеме како изгледа тоа. Поминавме една епизода, во која елинистичкото наследство беше ставено под домашни стакленици, да расте и да биде лажен супститут за сè Велико што елитите не успеаја да го претворат во победнички поход со мегарезултати – економски, интеграциски, културни…
Одлуката на Софија е мотивирана со слични причини – да се прикрие корупцијата, неуспехот и некадарноста, но и да се зајакне патриотскиот рејтинг пред избори преку агресивен притисок за „официјализирање“ на бугарските корени на Македонците. Мешањето со политичка кутлача во балканскиот историски казан, кој до денес не престанал да клокоти и врие, е опасна работа за безбедноста и за стабилноста на регионот.
Разочараноста е голема, кога во тоа се впушта членка на ЕУ, уште поголема, кога тоа го прави наша сосетка, а најголема, кога ЕУ нема одговор за таквото однесување. Ако Бугарија остане на условите (благ збор за уцени) што ги поставува пред нас, никогаш нема да започнеме преговори со ЕУ. И не треба.
Домашните власти мора да се преслушаат зошто, каде и кога заискрило на патот меѓу двете земји. Да дадат одговор „шчо напраифме“: дали и што презеле по рамковната позиција на бугарскиот парламент усвоена лани во октомври и по објаснувачкиот меморандум годинава?
Дали бугарското блокирање на македонскиот Договор со Фронтекс (заради македонскиот јазик), проблем што се влече подолго време, не бил доволен сигнал дека нешто се крчка во кујната во Софија и дека проблемот е многу, многу поголем од тоа?
Денес јазикот на современите бугарски политичари не е поразличен од јазикот на Михајлов. Ветото на Бугарија е нејзин последен обид преку други средства да го оствари сонот за кој мечтаеле со децении, користејќи ја позицијата во ЕУ.
Вака излегува дека и бугарското признавање на нашата независност, и отворената врата во време на грчкото ембарго, и поддршката кон ЕУ биле само пресметан бугарски влог за крајниот удар. Очигледно, кај нас не била направена темелна анализа и стратегија „шчо требит да праиме за однапред“, со цел земјата да се заштити од вакви неочекувани пресврти во соседските односи, па сега допрва ќе учиме како да правиме разлика меѓу искрени и лажни пријатели, за вториве да ги препознаваме по хомогенизацијата, која како булдожер ја разорува повеќеслојноста на нештата и посебноста.
Или по тоа што лажните секогаш се во спрега со хегемонизмот, хомогенизацијата и тоталитаризмот, со цел да наметнат еден и единствен историски хоризонт.
На крајот, добро е да се анализираат и некои политички изјави од Атина што ги пренесуваат бугарски медиуми. Не знаеме дали се дотура дезинформациско масло со цел бугарскиот оган да се засили и со грчки искри и затоа треба добро да се провери за што станува збор, бидејќи каде што има чад може да има и оган. Да не бидеме уште еднаш непријатно изненадени.