Вести

Ќосето, Сугаре, Русински „загубија“ и на Врховен

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Петте споменици што во септември 2014 година мистериозно „осамнаа“ во строгиот Центар на Скопје како донација од контроверзното Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради го „загубија“ спорот пред највисокиот суд за неплатени сметки за транспорт, монтирање и леење во бронза.

Пет судии на Врховен, на крајот од октомври пресекоа по барањето за ревизија. Пресудија дека Здружението на Ташко Јованов не го испочитувало договорот што го склучиле во 2013 година со Рудници и железарница  институт  и не му ја исплатиле услугата, која чини 37 милиони денари, или приближно 600 илјади евра. 

Здружението на Јованов, на Институтот кој минатата година ја заклучи со загуба од речиси сто илјади евра, покрај оваа сума, треба да му ги исплати и судските трошоци од приближно 1.000 евра за ревизијата што ја покренале пред Врховниот суд. 

Ревизијата утврди дека се неосновани барањата за поништување на пресудите од пониските судови бидејќи спомениците биле навремено излеани, транспортирани и монтирани, при што биле потпишани и испратници „од законскиот застапник на Здружението на Јованов“. 

На местото на Ќосето беше засадено дрво | Фото: БИРН

Тужбата за петте споменици на Пере Тошев, Никола Русински, Андон Ќосето, Ѓорѓи Сугаре и генералот Михајло Апостолски ја покрена РЖ Институт во 2018 година. Во 2019 година, пресудата беше потврдена пред скопска Апелација, а на барање на Здружението на Јованов пред неколку недели и од Врховниот суд. Со тоа, сите правни механизми се исцрпени и износот мора да биде исплатен.

Во 2018 година, лидерот на СДСМ, Зоран Заев вети дислоцирање на споменици од проектот Скопје 2014. Најавата се оствари само со споменикот на Ќосето. 

Здружението на Јованов беше најголем донатор на споменици од проектот Скопје 2014 – вкупно седум. Покрај петте што ги излеал РЖ Институт, здружението е донатор и на спомен-обележјето на Македонските бегалци од граѓанската војна од Грција и споменик на св. Лидија Македонска. БИРН пишуваше дека оваа невладина организација имаше повластен статус во време на владата на ВМРО ДПМНЕ. Таа доби возило и деловен простор во центарот на Скопје, без надомест и голем број грантови.