Вести

Обвинителите преку извршители си ги наплаќаат додатоците

  • 8
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Приближно еден милион денари – за толкав износ обвинители преку извршители му ја блокираа сметката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Откако Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството, во емисијата „360 степени“ соопшти дека сметката им е блокирана, БИРН од неа побара одговори на што се должи тоа.

„Тоа се наплати за добиени тужби на обвинителите на кои не им беа исплаќани додатоците на плата“, изјави Русковска за БИРН.

Блокадата на сметката, како што рече таа, била од пред неколку недели. На прашањето како очекува да се надмине проблемот, Русковска вели: „Со новиот буџет за 2021 година, тогаш ќе имаме посебна сметка“.

Не само обвинители, туку и јавнообвинителски службеници, повеќе години ја тужат државата затоа што не им ги исплаќа додатоците што се предвидени во Законот за платите на јавните обвинители, односно во Законот за јавнообвинителска служба.

Пресметките на БИРН преку базата на податоци на системот Отворени финансии покажаа дека само во февруари и во март годинава, две извршителки од сметката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, наплатиле приближно 50 илјади евра. Само во еден ден, на 27 февруари, една извршителка од сметката на ова обвинителство наплатила над 8.600 евра.

Состојбата не е поразлична и со државното обвинителство и од другите обвинителства, од каде што, исто така, обвинителите и службениците, преку извршители си ги наплаќаат ненаплатените додатоци на плата за кои ја тужат државата.

Во Законот за платите на јавните обвинители пишува дека јавните обвинители имаат право на додаток на плата според три основи: посебни услови за работа, постоење висок ризик и за доверливост. Овие три додатоци меѓусебно не се исклучуваат, а вкупниот износ не треба да надмине 35 отсто од платата.

За ова државниот обвинител донел Правилник, според парите што ги има Обвинителството на располагање, па така во 2017 година, соодносот на трите вида додатоци бил 10%, 10% и 15%.

На пример, во тужбата што една обвинителка ја повела против државата за неисплатени додатоци, која била пресудена лани, Граѓанскиот суд во Скопје ѝ досудил сума од над 3.000 евра со камата за периодот од десет месеци.

Во пресудата по ставки се расчленети придонесите кои Обвинителството треба да ги уплати кон фондовите за тужителката.

„Со оглед дека тужениот на тужителот за периодот од 1.4.2016 година до 31.1.2017 година не му го исплаќал надоместокот за додаток на плата за посебни услови за работа, додаток на плата за постоење висок ризик и додаток на плата за доверливост, судот го задолжи тужениот за сметка на тужителот да ги уплати кон соодветни фондови придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување, придонес за дополнително здравство, придонес за случај на невработеност и персонален данок“, пишува во пресудата.

Базата на пресуди на скопскиот граѓански суд е преполна со вакви тужбени барања.