Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин, кое во јавноста стана познато како донатор на повеќе споменици во проектот „Скопје 2014“, и самото било „дарувано“ од страна на Владата.
Здружението, кое во време на владата на Никола Груевски имаше „широка рака“ кога беа во прашање спомениците, односно на Општина Центар и на Градот Скопје им донираше седум споменици, според базата на податоци „Отворени финансии“добивало исплати од Буџетот по различни основи.
Вкупната сума што ова здружение, чиј претседател е 74-годишниот Ташко Јованов, по повеќе основи ја добило од власта предводена од Никола Груевски, е над 100 илјади евра. Исплатите од Буџетот во базата се евидентирани од 2010 година, а последната е регистрирана во 2017 година. Првите исплати коинцидираат со почетокот на проектот „Скопје 2014“, односно во 2010 година, што е 2 години пред здружението да ги донира спомениците.
Меѓутоа, извештаите за поддршка на проекти од програмите на Министерството за култура и на Владата покажуваат дека здружението добивало средства и во периодот од 2007 до 2010, што не е опфатено со базата на податоци.
Од базата на податоци може да се види дека оваа организација на „Сетинци, Попадинци и Крушоради“, секоја година добивало по неколку исплати. Од Буџетот им се исплаќани пари од страна на Владата, Министерството за надворешни работи и од Министерството за култура. Владата им исплаќала пари, како „трансфери до невладини организации“, МНР како „други оперативни расходи“ и „други договорни услуги“, а од дејностите од областа на културата, како „други трансфери“ и „трансфери до невладини организации“.
Според податоците од „Отворени финансии“, најмногу пари се исплатени од Министерството за култура, односно околу 53 илјади евра, од Владата околу 34 илјади евра, а од МНР нешто над 16 илјади евра.
Името на организацијата се наоѓа во секоја од годишните програми за финансирање проекти од областа на културата на Министерството за култура од 2008 до 2016 година. Најчесто се одобрувани пари за организирање настани со културно-уметнички друштва и пејачи од Македонија во Грција, но и обратно, изведби на ора и песни од Егејска Македонија кај нас.
Во 2010 година, организацијата се јавува и како коиздавач на „Јубилеен календар за егејскиот дел на Македонија за 2010 година“, издание што е поддржано од Министерството. Во програмите за финансирање не се наведени сумите што се доделувани, како и дали тие се потрошени за намената.
Парите што доаѓаат од сметката на Владата се исплаќани врз основа на програмата за финансирање здруженија и фондации. Во сите достапни годишни програми за финансирање проекти од Владата од 2012 до 2016 се јавува здружението, кое е поддржано со иста сума секоја година – 300 илјади денари, односно околу 5 илјади евра.
Парите се исплаќани за проектот „Културниот идентитет на Македонците по потекло од егејскиот дел за јакнење на довербата и коегзистенцијата меѓу македонскиот и грчкиот народ“. Како активности најчесто се наведувани посети на историски места во Македонија, организација на средби, концерти и трибини, турнеи на културно-уметнички друштва во Грција и организирано собирање фотографии и документи по повод новата поставка во Музејот на Македонија од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, а некои години планирано е и поставување спомен-плочи на локации каде што се лекувале ранетите борци од граѓанската војна во Грција.
Парите, најчесто, во најголем дел се наменети за патни трошоци, а во владиниот документ од 2012 стои дека во извештајот на организацијата не се содржани податоци дали и како се спроведени активностите наведени во проектот.
Во старите изданија на Службен весник може да се најде и одлуката на Владата за финансирање здруженија и фондации во 2009 година, каде што, исто така, се определени 220 илјади денари за оваа организација, за промоција и заштита на правата на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Во Службен весник најдовме и податоци за финансирање во 2007 година со 247.000 денари, односно нешто повеќе од 4 илјади евра, без да се наведе за каков проект станува збор.
Од МНР се добивани пари најверојатно според програмата за финансирање проекти на дијаспората, но кај Министерството не може да се најде регистар на вакви поддржани активности на здруженија за да се види за што станува збор.
Во последните две години не се евидентирани трансфери кон ова здружение.
Објавената база на Министерството на финансии овозможува да се пребаруваат исплатите од државата од 2010 година навака. Призма претходно забележа и други трансфери кон оваа организација. Така, во 2015 година, државата на здружението му донирала возило „ауди А4“ и деловен простор во центарот на Скопје, кои, пак,му се одземени во 2017 година, односно по промената на власта.
Град Скопје, кому му беа донирани скулптурите, лани,пак, доби допис од претпријатието РЖ Институт, кое ги лиело за здружението петте донирани споменици. Произлезе дека спомениците не се платени од страна на здружението и компанијата бараше информација каде се наоѓаат за потребата на судската постапка што ја водат. Медиумите објавија дека РЖ Институт, по судски пат, бара од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради 600.000 евра за работата.
Здружението на Јованов досега донираше споменик на генерал Михајло Апостолски, кој е поставен кај клучката „Континентал“. Кај Судска палата подигнат е споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, а кај комплексот факултети, споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Со промената на власта, споменикот на Ќосето е тргнат од пред Судот.
Спомениците на Никола Петров Русински и на Пере Тошев се поставени во близина на Универзитетската библиотека, а споменикот на Св. Лидија е поставен кај плоштадот Богородица. Седмиот споменик што го донира ова здружение, на децата бегалци од Егејска Македонија е поставен кај „Холидеј ин“.