Само некој тотално луд или тотално глуп, можеше да си дозволи толку длабоко да ги потцени домашната и меѓународна јавност и да верува дека притивуставното обезбедување „сертификат за невиност“ ќе доведе до услови за фер-избори.
Успешноста на интервенцијата за враќањето на невиноста (хименопластика), не е гарантирана сто насто кај сите што ја изгубиле невиноста, а кои од различни причини сакаат повторно да го стекнат статусот на девици. Има случаи кога новиот епител едноставно не може да се имплантира.
Таква несреќа ја снајде ДПМНЕ. Колку што е вината во неа, поради практикување долгогодишна морална компромитација, толку е и во докторот што ја спроведе хименопластиката. Тој ниту беше медицински стручен за таква интервенција, а според прикажаното, уште помалку за правната процедура во пристапувањето кон неа, иако целата кариера ја потпираше врз таква илузија.
Сега ДПМНЕ е во тежок хаос, во кој самата се заплетка, без оглед што навреме ги презеде сите чекори за свое морално и девствено ребрендирање, па дури и многу повеќе од тоа. Прво, преку контролираниот Уставен суд му отвори пат на партискиот приврзок кој се одзива на името „претседател на Република Македонија“ да помилува изборен криминал.
За да ги смират реакциите во домашната и меѓународната јавност по тој скандалозен потег, ја наштелуваа својата претседателска играчка на навивање, категорично да лаже дека „на ум не му паѓа да помилува изборни силеџии и други криминали“. Но, не запреа на тоа. Во најголема тајност се подложија на клучниот чин – хименопластика, за да си обезбедат „сертификат на невиност“ пред изборите.
Но, тоа, неочекувано за нив и за нивните советници, предизвикаа тотален контра-ефект и ја вовлече земјата во уште поголема правна и политичка криза. Како целосен дебакл се покажа „аргументацијата“ дека и во зрелите демократии имало вакви помилувања/хименопластики заради окончување на кризи, со која дебело платени странски лобисти требаше да ја оправдаат искрената намера на „докторот“, а на ДПМНЕ да ѝ овозможат да глуми дека силно се оградува од неа.
Не би била изненадена ако ДПМНЕ за да ги спаси трошките што останаа од нејзиниот драматично урнат кредибилитет, реши да ја жртвува својата претседателска играчка, навивајќи ја да отпее нова, покајничка песна.
Само некој тотално луд или тотално глуп, можеше да си дозволи толку длабоко да ги потцени домашната и меѓународна јавност и да верува дека ваквите евтини приказни некаде ќе фатат корен.
Но, за жал, потценувањето нема крај. Откако ДПМНЕ не прифати да се свика вонредна собраниска седница на која ќе се утврди одговорноста на Иванов за одлуката на аболиција, сега предлага да биде испратено писмо до Иванов потпишано од четирите партии, со барање да биде преиспитана неговата одлука. Нека испратат.
А што ќе одговори претседателот, кој вчера си нарача колективно ТВ-интервју само за да соопшти дека нема да ја промени таа одлука? Дали сега ќе рече: „Сум се збунил. Мислев дека потпишувам нарачка за нов космодиск!?“ Дали Иванов ќе се посипе со пепел за сѐ што претходно кажа и ќе се откаже од, според него, „единствениот начин за завршување на кризата“?
Не би била изненадена ако ДПМНЕ за да ги спаси трошките што останаа од нејзиниот драматично урнат кредибилитет, реши да ја жртвува својата претседателска играчка, навивајќи ја да отпее нова, покајничка песна. Но, дури и да не успее во тоа, според избраниот тајминг (на денот кога Вељаноски го потпиша решението за избори на 5 јуни), ДПМНЕ се надева дека и самиот предлог може да ѝ обезбеди некаков политички ќар.
Во стилот „фрли рипче, фати крапче“, партијата верува дека ќе го амортизира незадоволството од бетонирањето на изборите на 5 јуни, кое во однос на скандалозната одлука на Иванов, би наликувало на помала кнедла што полесно може да се проголта. Притоа, на многу проѕирен и речиси тажен начин, се надева дека пред Брисел и Вашингтон ќе докаже оти не е вмешана во тој скандалозен аранжаман и дека не се бори исклучиво за спасување на сопствена политичка кожа туку, божем, за државата.
За Иванов не е доцна да ја промени одлуката, но за ДПМНЕ е предоцна за сѐ. Партијата од многу игри, буквално се преигра. Со нејзин „зачин“ сега Македонија стана мета на светски реакции и масовен потсмев за начинот на кој овде власта ја сфаќа и ја третира правната држава.
За Иванов не е доцна да ја промени одлуката, но за ДПМНЕ е предоцна за сѐ. Партијата од многу игри, буквално се преигра. Со нејзин „зачин“ сега Македонија стана мета на светски реакции и масовен потсмев за начинот на кој овде власта ја сфаќа и ја третира правната држава
Времето на ДПМНЕ неповратно истече, а веќе никој во меѓународната заедница не е подготвен оваа партија да ја третира како зрел и одговорен соговорник. Оние, пред кои оваа партија пост-фестум глуми невиност, веќе имаат доволно податоци што сторило заеднички досега Друштвото со ограничена одговорност „Иванов&ВМРО- ДПМНЕ ДОО“, само за да се амнестираат од кривична одговорност на противуставен начин.
Но, имаат и доволно сознанија на кој начин и преку какви сѐ притисоци се мобилизираат граѓани на контрапротести, додека власта шири прикаски за одвојување на партијата од државата, за помирување и крај на кризата, во чиешто распламтување зад сцената максимално инвестира.
Во европската десница, од каде што до вчера во име на партиската солидарност „донираа“ и по некоја изјава за поддршка на сестринската ДПМНЕ, ретко кој ќе има основа да го заложи својот углед за и натаму да ја брани оваа партија, чии активности, освен што ја дестабилизираат земјата, стануваат опасни и за регионот.
На крајот, предложеното писмо до Иванов, воопшто не е изворна, ниту автентична желба на ДПМНЕ. Тоа е истовремено смоквин лист и парче тоалетна хартија, со кои ќе сакаат да го скријат и избришат срамот, кој никогаш не го чувствувале, но мора да го елиминираат кога стигнува како рефлексија на нивните потези.
Сѐ е прагма, добро осмислен план и партиска математика, како да излезат од ќорсокакот, а и да ја убедат меѓународната заедница дека тие инвестираат во релаксирање на атмосферата за фер-избори, кои, според нив, мора да се случат.
Ова е уште една класична шибицарска измама, каква што е направена и во однос на избирачкиот список, каде што гласачите од Пустец се повторно легализирани, бидејќи не е направен напор да се исконтролираат лицата кои не живеат на адреси на кои се пријавени.
Целиот тој пакет за субверзија на шансите за фер-избори и градење функционални институции и демократско општество, мора да биде осуден и казнет од демократската јавност. Во времето пред нас, веќе не се приоритет условите за фер-избори туку условите за враќање на општеството во правен колосек.
„Благодарение“ на Иванов и неговите партиски ментори, способноста на Македонија да организира кредибилни избори сега е целосно доведена во прашање. Изборите, дури и да се одржат, нема да ја обезбедат супстанцијата на кредибилност, ниту ќе им дадат вистински легитимитет на тие што ќе сметаат дека освоиле победа, врз основа на пораз на правната држава.
А такви избори нема смисла ни да се одржат. Но, има начин да се одложат.