Тешко може кој било да го поврзе зборот „дисциплина“ со работите што се случуваат во земјата, но откога станавме Северна Македонија, работите како да се менуваат. И тоа не станува збор за една дисциплина, туку, верувале или не, за многу различни дисциплини. Добро, од сегашен аспект се гледа дека и досега сме ги негувале овие дисциплини и дека се имаме навежбано за нивна континуирана и успешна практика. Сепак, сега откога сме Норд Македонија, некако нормално е да ги официјализираме нордиските дисциплини и да ги покажеме нашите шампионски амбиции во овој прилично корисен спорт.
Но, ајде да погледнеме што сме направиле досега и што ни останува да направиме отсега за да го задржиме тешко стекнатиот примат во регионот и пошироко.
- Скијачки непотизам
Тука имаме и квантитативни и квалитативни успеси, на кои можат да ни позавидат и оние римски папи од средниот век што го востановија овој термин. Непотизмот, како што може да се види од северномакедонскиот пример, ги развива работните навики на оние кои, помалку или повеќе, немале некое особено искуство со она што се нарекува работна одговорност. Се разбира, непотизмот е еден од најдобрите начини да се намали невработеноста. Еден член или близок на некој функционер ќе се вработи и истовремено околу 300 што не успеале да се квалификуваат во фамилијата се иселуваат.
Натаму, тој е мошне ефикасен начин за зголемување на просечната плата. Секој што поминал низ скијачките врати на непотизмот, заслужено добива награда во форма на натпросечна плата, па така се гради општество за сите со зголемување на просечните примања. На крајот на краиштата, непотизмот го зајакнува семејството, а како што е познато семејството е столб на општеството.
Тешко е да се одреди кој е вистинскиот шампион на непотизмот. Има сериозна конкуренција во сите политички партии во Македонија. Но, секако една од најпопуларните е мулти талентираната Мира Стојчевска, позната под спортското име Мира Дизел, за која се верува дека ќе посвои или згрижи неколку деца, само за да има материјал да го освои шампионското место во оваа дисциплина.
- Скијачки тендери и субвенции
Ова е мошне интересна спортска дисциплина, која директно влијае врз популаризацијата на старата латинска изрека „Во здраво тело здрави пари“. Станува збор за сложен спорт, каде што некогаш не може најјасно да се види, на пример, како Крсто Муковски стасува на целта или Цветанка Ласкова за гради го претекнала. Се разбира, и Кочо Анѓушев седи од страна и нестрпливо ја чека својата шанса да ги прикаже несомнените квалитети. Но, во секој случај, ова е спорт за сладокусците бидејќи задира во сите пори на општеството, па така ќе видите дека некој саем за фризури успеал најдобро да се пласира како културен производ, а некоја печатница како иновативна дејност.
Нашата спортска хероина Мира Дизел нема некои особени резултати во оваа област, иако држи приклучок со субвенциите за палети, што ја прави најсериозен кандидат за прво место во комбинација и повеќебој.
- Нордиско трчање и возење
Се разбира, една од најуспешните во нордиското трчање и возење повторно е нашата Мира Дизел, веројатно добро позната кај сите бензински пумпи во земјата, кои се нејзини огромни фанови. Доскорешната шампионка Силвана Бонева се повлече во заслужена пензија и си обезбеди трајно место меѓу легендите на овој спорт.
- Нордиски спуст
За овој спорт е неопходна соодветна реторика и главно јавноста може да го следи преку неговите главни реквизити – соопштенијата. Она што е интересно во овој спорт е всушност она што не се гледа. Низа тактички потези и удари под појас, кои на крајот резултираат со таканареченото простување. Колкави се успесите во оваа дисциплина покажува и фактот дека еден од нашите најуспешни спортисти на повеќе полиња, Никола Груевски, успешно се продаде во Унгарија и оттаму исто толку успешно барата со наведените соопштенија. Имаме и други играчи кои успешно настапуваат во странство, пред сѐ во Грција, но ги има и во Бугарија и во Србија. Сепак, станува збор за играчи со второлигашки квалитети.
Во догледно време се очекува во овој спорт да блесне новата ѕвезда – Трајко Велјановски, кој покажува неверојатна умешност на цело едно собрание да му направи ретко виден спуст.
- Нордиски повеќебој
Станува збор за комбинација од погорните дисциплини, но и на некои други. Меѓу нив најбавно се пробива таканаречената нордиска оставка. Не станува збор тука за обична оставка, туку за оставка побарана директно од главниот тренер и селектор на нордиската репрезентација, Зоран Заев. Се чини дека нашите играчи немаат доволно афинитет за овој дел од спортот, иако тој се претставува како високо морален чин. Особено тогаш кога оставката мора да се поднесе.
Што се однесува до нордискиот повеќебој, јасно и тука е неприкосновена неизбежната Мира Дизел, која покажува широк талент за речиси сите спортови што можат да ви паднат на памет. Се чини дека нашиот селектор сериозно смета на неа и веројатно ќе ѝ даде можност да се покаже и на други досега неистражени полиња во нордиските дисциплини.
Како што сега стојат работите, меѓународните спортски организации, од типот на НАТО и ЕУ, не гледаат благонаклоно на северномакедонските успеси во нордиските спортови. Но, очигледно станува збор за спортска љубомора, па затоа веруваме дека Северна Македонија упорно и тврдоглаво ќе ги развива овие дисциплини каде што и досега имаше завиден успех.