Нормално насилство и ненормално општество

Како стасавме до ова општествено дереџе? Како дојдовме до тоа да се фасцинираме и згрозуваме од насилството дури откога го нормализиравме? Како успеавме насилството во семејството да го прогласиме за приватна работа?

„Нека прави што сака во своите четири ѕида!“

Како успеавме да дозволиме насилство во болници, пред полициски станици, пред центри за социјална работа, пред судови…, пред сите оние институции што, всушност, треба да нѐ штитат? Ова не се прашања од милион долари, ова се прашања од стотици животи. И ова не се реторички прашања, туку имаат до болка прецизни одговори.

Лесно е и сега, а и кога било, патријархатот да се обвини за сите наши заостанатости и фрустрации. Тоа е веќе толку излитен термин, што е речиси целосно испразнет од сопствената содржина, па сега можеме во него да товариме сѐ и сешто и така да создаваме алиби за сопствената одговорност. Можеме да зборуваме дека таков ни е менталитетот, дека „ќотекот од рајот излегол“, дека „и мене татко ми ме тепаше, па ништо не ми фали“…

Но, сепак, мислам дека корените се многу подлабоки.

Семејните вредности на насилството

Ова општество, а особено оваа демохристијанска власт, дури сакрално ги глорифицира семејството и таканаречените „традиционални семејни вредности“. Наталитетот, односно многудетното семејство е донесено на ранг на приоритетна државна, да не кажам патриотска политика. Во таа смисла, разводот е стигматизиран на ниво на некое богохулие. Самохраните мајки или жените и мажите што одбрале да не засноваат „традиционално“ семејство се безмалку национални предавници.

Децата, во образовните институции, од најрана возраст учат дека семејството е составено од „тато, мама, бато и дада.“ Дедовците и бабите, стриковците и стрините, тетките и тетините, вујковците и вујните… му доаѓаат нешто како бонус. И секаква друга опција или варијанта се смета како општествена аномалија, како општествена неправилност, вклучувајќи ги тука дури и напуштените деца, односно децата без родители.

Наравоучението е јасно: формирање семејство, какво-такво, е општествен императив.

Вината на жртвата кај нас е одамна стереотип. „Кој ја терал така да се облекува?“, „Зошто не му направила на мажот ручек на време?“, „Сигурно погледнувала други мажи.“

А какво е тоа такво семејство, каков е неговиот модел? Порастот или, би рекол, сѐ поголемата видливост на насилството во оваа „основна клетка на општеството“ не го доведува во прашање неговиот легитимитет. Напротив.

Се надевам дека се сеќавате на онаа рекламна кампања на владата на Никола Груевски за зголемување на наталитетот. Во еден од тие спотови, млада брачна двојка, кој очигледно нема услови за одгледување деца, сепак се решава на тој чекор, „затоа што ќе биде син и ќе личи на тебе“, како што (успешно) го убедува младата сопруга својот избраник.

Не е тешко да се идентификува пораката што со себе ја носи оваа институционализирана владина кампања. Се разбира, таа покажува кој е „главен во куќата“ и кој се прашува за сите одлуки. И, што не е помалку важно, врз основа на какви сознанија и факти „главата на семејството“ ги носи овие круцијални одлуки.

Во истата кампања имаше еден уште подрастичен спот. Во него, покојниот Васил Шишков глумеше тежок алкохоличар, кој ужасно го малтретира и тепа сопственото дете. Поентата, отприлика, беше дека тој му е татко и дека детето, без оглед на сѐ, треба да го сака. Значи, ниту детето, а уште помалку мајката имаат право да се жалат. Напротив. Тие треба да го сакаат затоа што е тој сопруг и татко, што веројатно му дава за право да им ги одзема правата на другите во семејството.

И што прават власта и институциите за благосостојбата на тој многудетен „нуклеус на општеството“? Градат градинки? Ја зголемуваат минималната плата? Му ги намалуваат давачките? Или само ги нормализираат насилството и злосторствата?

Не можам да го заборавам ниту владиката Петар, кој, своевремено, без да му падне влакно од брадата, изјави дека по правило, жената е виновна за секое семејно насилство. Се сеќавам дека на една трибина во Битола го споменав токму примерот со дедо Петар, ставајќи акцент токму на одговорноста на јавно искажаниот збор, особено ако станува збор за високопозиционирано свештено лице, кое, по природата на работите, беспоговорно го следат голем број верници.

На мое огромно изненадување, од публиката се појави една госпоѓа со цела лепеза елоквентни одбранбени зборови за владиката: од тоа за каков благороден човек се работи до тоа дека жените навистина „знаат да претераат“ и дека „некоја шлаканица во тој случај не е на одмет.“

Впрочем, вината на жртвата кај нас е одамна стереотип. „Кој ја терал така да се облекува?“, „Зошто не му направила на мажот ручек на време?“, „Сигурно погледнувала други мажи.“ И низа други „аргументи“ за релативизирање и нормализирање на родово заснованото насилство.

„Моќта“ на моќните

Не толку одамна, Драган Павловиќ-Латас, со неподнослива леснотија и со насмевка на лицето, во оној поткаст на Лазаров ќе ја раскаже „носталгичната“ приказна за своето прво сексуално искуство, каде што тој од страв од „маалскиот мангуп“, наводно, силувал некоја несреќничка во некаков автомобил (мислам дека беше „фиќо“).

Мене не ме изненадува леснотијата со која Латас се сеќаваше на „старите добри денови“, туку ме изненадува леснотијата со која судот го отфрли овој случај. Што значи тоа? Дека е дозволено силување „под принуда“? Ако е групно силувањето, тогаш е во ред?

Еве, баш деновиве, на социјалните мрежи прочитав една „побенигна“ носталгична приказна на некој веројатно мој генерациски исписник. Човекот, значи, со голема доза на носталгија се сеќава на своето маалско детство „кога се знаеше редот“ и кога „постарите ни удираа заушки и нѐ праќаа по цигари.“

Жената не е само физички (по)немоќна. Таа е немоќна и егзистенцијално, станбено, економски, па и социјално

Не можев, а низ редовите на неговата приказна да не го забележам неговото задоволство, да не кажам среќа, што живеел во тоа време и што бил припадник на таа маалска хиерархија, на тој клан, на тоа семејство…, каде што со задоволство добивал заушки и чврги, и трчал по цигари „затоа што таков е редот.“

Овој пример го наведувам токму како илустрација за секое, па и за семејното насилство. Насилството не е ништо друго, туку (зло)употреба на моќта. Само моќните ги одземаат правата на немоќните. Луѓето зад шалтерите се моќни. И ни ги одземаат нашите права. Газдите се моќни и ги одземаат работничките права. Државата е моќна и ги одзема правата на ЛГБТ заедницата. Власта е моќна и ни „октроира“ рудници и депонии. Фирмите се моќни и ни го загадуваат воздухот.

Кој е немоќен во семејството? Се разбира, жената. Без оглед дали е сопруга, мајка или ќерка. Жената не е само физички (по)немоќна. Таа е немоќна и егзистенцијално, станбено, економски, па и социјално. Семејството кај нас се сфаќа како живеење во некаков чопор каде што владеат животинските закони и каде што се знае кој е алфа-мажјак.

Но, за разлика од животните, каде што алфа-мажјакот не ја покажува својата сила без некоја особена потреба, нашите фрустрирани алфа-мажјаци тоа го прават секогаш кога ќе мислат дека тоа е „згодно.“ (За малку ќе напишев: кога ќе им падне на памет, ама тешко ми оди да го употребам зборот „памет“ во овој контекст).

Да не се разбереме погрешно, не се сите мажи морални нули, но факт е дека во оваа категорија се многу побројни затоа што се – помоќни. И, веројатно, прилично фрустрирани и искомплексирани во покажувањето на својата (не)моќ. Едноставно е. Нереализираните луѓе (без оглед дали се мажи или жени), својата реализација најчесто ја „остваруваат“ врз послабите од себе.

Искривената слика за моќта е само одраз на целото општество. Или обратно: целото општество е одраз на таа искривена слика. Пишував веќе дека демократијата кај нас се сфаќа како диктатура на мнозинството, а не како заштита и почитување на малцинските права (при што најмалку мислам на националните права, туку многу повеќе на правата на политичките неистомисленици и на маргинализираните групи). Впрочем, ако е насилството „нормална“ позиција во семејството, тогаш тоа е нормално и за општеството.

Со други зборови, нормализацијата на насилството секогаш доведува до ненормално општество.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија