Новинарите на отстрел

По осумгодишна соработка со агенцијата Ројтерс, минатата недела, канадската фоторепортерка Валери Зинк јавно го објави својот отказ од стрингерската работа за оваа агенција. Нејзината објава набргу стана глобално вирална.

Не затоа што извесна повеќегодишна соработничка на Ројтерс се откажала од работата во престижната новинска агенција (имало такви случаи, а секако ќе ги има и натаму), туку затоа што нејзината објава уште еднаш го сврте глобалното внимание врз односот кон новинарството, како една од најзначајните, а истовремено и најфрагилни и најнезаштитени професии во светот.

Газа како новинарска гробница

Поводот, се разбира, се случувањата во Газа и убиството во кус временски рок на 13 новинари и медиумски работници. И уште повеќе, лицемерието на западните медиуми кон овој факт, а уште повеќе лицемерието на целата јавност и нејзино потпаѓање кон со ништо непоткрепената пропаганда на убијците на новинарите.

Еден од фокусите на громогласната објава на Валери Зинк е убиството на носителот на Пулицеровата награда за 2024 година, 29-годишниот палестински новинар Анас ал Шариф.

Ал Шариф е убиен на 10 август, при израелското бомбардирање на болницата Ал Шифа во градот Газа. Заедно со него се ликвидирани уште четворица новинари и медиумски работници. Всушност, целата екипа на телевизијата Ал Џезира. Она што фрапира, а на што укажува и Зинк, е фактот дека израелските официјалиси воопшто не негираат дека Ал Шариф не загинал како колатерална штета, туку, напротив, бил таргетиран и – убиен.

Израел, имено, тврди дека новинарот бил милитант и близок соработник на терористичката организација Хамас.

Меѓутоа, она што се знае е дека Шариф примал отворени закани од израелските власти, па дури и дека ќе му обезбедат сигурно заминување од Газа само ако се откаже од неговото известување. А се знае и тоа дека меѓународните организации, вклучувајќи ги тука и Обединетите нации, а и Европската Унија, знаеле за овие закани и – не презеле ништо.

Знаеле, се разбира, и медиумите за кои работел Ал Шариф. И не презеле ништо. Вклучувајќи ја тука и агенцијата Ројтерс, позната токму по проверките на фактите и агенција на која Шариф ѝ ја донесе Пулицеровата награда.Наспроти сето ова и наспроти сите сознанија, според Зинк, агенцијата одбрала да го лиферува официјалното израелско соопштение, според кое новинарот бил легитимна воена цел. Без никакви проверки и без никакви оградувања.

Вториот фокус на Зинк е убиството на шестемина новинари што го изврши израелската војска на 25 август, бомбардирајќи ја болницата Насер во градот Кан Јунис во појасот Газа. За разлика од случајот на убиството на екипата на Ал Џезира, ова убиство, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече „трагична грешка.“

И ова објаснување, главно, беше прифатено од повеќето глобално битни медиуми. Ете, се случила грешка. Без да се има предвид дека станува збор за таканаречен „двоен удар“ (инаку далеку од каква било воена или која било друга етика).

За што станува збор? Израелската авијација ја бомбардира болницата. Првите што стасуваат на „лице место“ се спасувачите и новинарите. Девет минути подоцна, авијацијата го повторува бомбардирањето и ги убива токму новинарите и спасувачите. И сето тоа е образложено со најапсурдното објаснување што сум го слушнал во мојата новинарска кариера. Демек, виделе камера и мислеле дека Хамас снима, па се вратиле и ги дотепале оние што отпосле се појавиле.

Мислам дека треба да се каже дека меѓу овие шест убиени новинари е и новинарката на агенцијата Асошиејтед прес, 32-годишната Маријам Дага, една од ретките репортерки што известуваа од воените операции во Газа.

На августовскиот црн список на убиени новинари во Газа треба да се додадат и Марва Мусалам, убиена на 1 август, како и Хасан Духан, застрелан на 25 август, истиот ден кога е убиена и Маријам Дега. Марва Мусалам практично е жива запалена во сопствената куќа, заедно со нејзините двајца браќа, при гранатирањето на нивната семејна куќа.

Значи, тука зборуваме само за убиени новинари и само за еден месец и само во еден мал простор. Не зборуваме за разни притисоци врз новинарите, за нивни мистериозни исчезнувања, киднапирања, забрани за известување, уцени врз семејствата, сакатења, закани по секакви основи…

Зборуваме, ете, само за случаи со смртни последици, кои практично поминуваат без никаква, па дури ни морална осуда.

Напротив. Сите „објаснувања“ на Израел за овој „новинароцид“ се прифаќаат безмалку „здраво за готово“. Ал Шариф е милитант, Маријам Дага е „трагична грешка.“ И толку. Никому од „важните“ фактори во таканаречената Меѓународна заедница не му паѓа на памет да преземе некои санкции против државата што новинарите ги третира како легитимна цел за отстрел. Злосторство без казна. Па, дури и со премолчено одобрување.

Злосторства без казна

Можеби тука треба да се стави и една фуснота, некакво дообјаснување: зошто новинарите во Газа често гинат по болници и по други здравствени објекти? Затоа што во Газа, откога почнаа израелските напади, струјата речиси и не постои. И секој известувач што треба некаде да го прати својот извештај или да ги наполни батериите на своите уреди, оди онаму каде што мисли дека постои некаков генератор за струја. А тоа се главно болниците и училиштата. А, тие, како што гледаме, за Израел се легитимни воени цели.

Зинк, во своето образложение на отказот дава можеби не најпрецизен, но, сепак, прилично точен и секако екстремно алармантен податок. Таа вели дека во неполни две години од израелската агресија врз Газа се убиени 245 новинари и дека тоа се повеќе убиени новинари од оние во Првата и во Втората светска војна, како и војните во Кореја, Виетнам, Авганистан, Југославија и Украина заедно.

Велам дека овој податок не е најпрецизен, затоа што едноставно не постои меродавна евиденција за бројот на новинарските жртви во сите овие стравични војни. Но, сепак, податокот е доволно, па дури и премногу монструозен, затоа што сите проценки се дека во сите овие повеќегодишни војни, по сите светски меридијани, загинале околу триста новинари, а за неполни две години, само на оној релативно и апсолутно мал површински простор наречен Појасот Газа загинале дури 245.

Треба ли тука да додадеме дека оваа цифра не е конечна и дека на повеќе глобални медиуми воопшто не им е дозволен влезот во Газа (Би-би-си и Си-ен-ен, на пример).

Не знам колку вкупно новинари се загинати годинава. Овие податоци главно се објавуваат на 2 ноември, Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторства врз новинарите. Она што го знам е дека минатата 2024 година е прогласена за најцрна година во историјата на светскиот журнализам. Евидентирано е дека лани загинале 124 новинари, од кои 85 само во конфликтот во Газа.

Претходниот „рекорд“ е „остварен“ во 2007 година – 113 новинари, од кои речиси половината загинале во војната во Ирак. Годинава се очекува рекордот да биде соборен.

Но, што би се рекло, тоа не е сѐ. Оваа година на опасно живеење е една од ретките каде што бројот на загинати новинари на воени жаришта може да го надмине бројот на жртвите во таканаречените „мирнодопски“ услови. Новинарските убиства во земји, како што се Мексико, Хондурас, Филипини, Пакистан…, па ако сакате и Русија, не можат дури ни да се евидентираат.

Често станува збор за „исчезнувања“, односно „ги изеде мракот“ и службената евиденција е безмалку немоќна да ги регистрира сите овие злосторства. Потоа за умирања по затвори, како резултат на неосновани или наместени обвинувања. А за да се набројат случаите што некако не завршиле со смртни последици ќе биде потребен десеткратно поголем простор од наменетиот за овој текст.

Но, она што е заедничко за сите овие случаи е дека буквално девет од десет не се решени, односно не предизвикале никакви санкции. Како што нема да предизвикаат ни злосторствата врз цивилните новинари во Газа. Како што не предизвика санкции ни атентатот врз француските новинари Жизелин Дипо и Клод Верлон, кој се случи на 2 ноември 2013 година во Мали и во чија чест овој ден е ден на борбата против неказнивоста на злосторствата врз новинарите.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија