Формирањето ново парламентарно мнозинство е најкраток пат за политичка демонтажа на Груевски, но и најопасен. Тој пат е полн со мини, кој може да ги запали и меѓуетничките и интраетничките односи.
Посакуваната демократска иднина ќе биде недостапна сѐ додека не се соочиме со причините што доведоа до кризата и не почнеме да ги решаваме проблемите кои ја држат во заложништво можноста за излеземе од овој талог.
По блокадата на Договорот од Пржино, извесно е дека проблемите нема целосно да се решат ни со евентуално создавање ново парламентарно мнозинство (НПМ), за кое интензивно се зборува деновиве, како за план „Б“. Нема да се решат, бидејќи во него ќе бидат дел од политичките актери кои исто така носат огромна одговорност за кулминацијата на кризата.
Создавањето НПМ во нашата ситуација би донело само еден резултат. Исклучување на ДПМНЕ од власта. Ќе речете: „Па тоа е целта. Зарем е тоа малку?“
Не е малку, но воопшто не е доволно и не води кон клучните цели.
Прво, Груевски не е само синоним за авторитарна, неконтролирана и волунтаристичка власт туку и за создавање монструозен и деформиран општествен систем, во кој институциите се обезвластени од нивните изворни ингеренции и приклучени за служење исклучиво на партискиот апарат на ДПМНЕ.
Во тој атентат врз институционалната функционалност, огромен придонес има и коалицискиот партнер ДУИ, а во еден период и коалицискиот партнер ДПА, кој, пак, и по преминувањето во опозиција, остана во неформална коалиција со лица од врвот на ДПМНЕ.
Затоа, ако излезот се бара во НПМ, во кое во исто друштво ќе седат СДСМ, ДПА и ДУИ, мојот став е: Не, благодарам! Во тоа друштво ќе го нема Груевски, но ќе остане да доминира духот на груевизмот со кој се длабоко инфицирани и ДУИ и ДПА.
Какви нови и демократски политички практики да очекуваме од тоа ново мнозинство, ако во него партиципира Мендух Тачи, човекот кој на директорот на УБК, Сашо Мијалков, му вети „верност до смрт“? Верноста кон Мијалков ќе го обврзува на субверзивност во редовите на НПМ.
Како да го „прокнижиме“ во НПМ Али Ахмети, политичкиот близнак на Груевски, кој со години продава басма дека врвен приоритет му се евроатланските интеграции на земјава, а не може да ја интегрира ни ДУИ, заради партискиот револт кон негови функционери со исклучително силна криминална аура.
ДУИ, која сега е пред опасност да биде внатрепартиски дезинтегрирана, но и казнета од гласачите заради игнорирање на нивните потреби и интереси, со НПМ би си обезбедила целосна амнестија и можност повторно лажно да се претставува како клучен и конструктивен партнер во изградбата на македонската демократија.
„Ако е тоа цената за падот на Груевски, можеме да му прогледаме низ прсти и на едно такво НПМ.“ Вака би рекле дел од Македонците. Но, дали дел од Албанците би биле среќни што нивниот „Груевски“ останува во власта? Не. Притоа, никој не се прашува што би правел Никола Груевски во ситуација на „тројца против еден“? Дали би седел со скрстени раце? Не.
Формално, тој може и да замине на одмор во некоја далечна и егзотична дестинација и да гледа како „таксиметарот“ секој ден му носи нови и нови гласачи. Може да се врати во земјава само еден ден пред изборите, без оглед кога тие ќе бидат закажани и без страв дека ќе доживее пораз. Зошто? Затоа што додека е тој надвор и лично со ништо „не влијае“ на новите прилики, на терен неговите партиски гавази и неговите медуми ќе шират една единствена мантра: За да можам посликовито да претставам како би изгледала таа, им се извинувам на граѓаните Албанци што во оваа прилика ќе се послужам со дел од речникот, кој според аудио – снимките, го користи врхушката на ДПМНЕ.
„СДСМ и Шиптарите со помош на меѓународни мешетари ја рушат уставноста и државноста на Македонија“… „Македонија пред федерализација: СДСМ им ја продаде државата на Шиптарите“… „НПМ ја суспендира изборната волја на гласачите на ДПМНЕ“… „Шиптараана завладеа со Македонија.“
Ова се само претпоставените „попристојни“ наслови со кои ќе почне пропагандната војна. За другите не сакам ни да помислам. Масовно ќе се шири страв дека државата е продадена. Низ медиумите под контрола на ДПМНЕ ќе почнат да дефилираат скици на „Големи Албании“ и „Илириди“, ќе се множат критики за „бриселската проститутка“, разни тези за меѓународни заговори и други фантастични приказни…
Потоа ќе следува мобилизација на членството на ДПМНЕ, за „спонтано“ да го изрази револтот за ваквите политики. На Груевски совршено му одговара една ваква варијанта, бидејќи тој не може да функционира во држава уредена со демократски правила. Тој најдобро функционира во хаос, носен врз крилјата на пропагандата, а НПМ му нуди огромни можности за создавање таква платформа.
Не сакам да помислам во какви меѓуетнички и интраетнички конфликти би можела пропагандата на ДПМНЕ да ја вовлече земјата, ако Груевски би бил исфрлен од игра. Во таква ситуација, а поради високиот степен на неедуцираност на граѓанството, но и поради неговата досегашна анестезираност преку слични пропаганди, сметам дека НПМ од решение може да се претвори во проблем. Уште поголем од сегашниот.
И историјата, но и слични искуства во регионот, покажуваат дека најкраткиот пат, на крајот се покажува и како најдолг и како најтежок. Да, НПМ е најкраткиот пат за политичка демонтажа на Груевски, но и најопасен. Тој пат е полн со мини.
Затоа, подобро е да го избереме потешкиот пат. Чекор по чекор и реформа по реформа. По институционално чистење на изворите на кризата и нејзините рецидиви, по судските ослободителни или казнени пресуди, точно ќе може да се знае кој колку тежи на политичкиот пазар и кој ќе остане таму. Потоа граѓаните нека решат кому ќе му ја дадат довербата.