Ако ги нема „Утрински“ и „Вест“, тогаш ќе ги измислиме!
Нема никакви изненадувања. Во предвечерието на последниот работен ден на колегите од дневните весници „Утрински весник“ и „Вест“ се случи разголувањето на она што повеќе никогаш не смееме да го наречеме „граѓанска иницијатива“, а особено не „за заедничка Македонија“. Всушност, тој монструозен и до срж заболен напор за спас на една криминална структура, за какво-такво зачувување на закржлавениот и корумпиран поредок никогаш и не смеевме да го наречеме или обележиме со каква било одредница која произлегува од зборот „граѓанство“.
Нема, велам, никакви изненадувања. Работите, всушност, одат по некаков логичен редослед. Требаше тие таканаречени „граѓани“ за што и да е, па нека се и за заедничка Македонија, да ги стават оние фантомки на главите и да испокршат уште десетици глави без фантомки во нивната околина за да си ги откријат своите вистински лица. И тоа, се разбира, да го направат токму еден ден пред затворањето на двата важни весника, не само во македонското секојдневие туку во македонската журналистичка историја воопшто.
Требаше тоа да биде така, зашто само така можеше да биде. Затоа што со гаснењето на „Утрински“ и на „Вест“ нема повеќе ништо граѓанско, барем не во системот на вредности, во оваа држава. Затоа на некоја скала на трагедиите што ни се случуваат последните два-три дена пред празникот на трудот – од извештајот на „Репортери без граници“, преку сеопштото малтретирање и тормозење на институциите на системот, заедно со мавањето секира по главата на она несреќно куче и продолжувањето на копањето на најубавиот дел од кејот, па сѐ до обидот за линч во македонскиот законодавен дом – на врвно место го ставам токму укинувањето на овие два дневни весника.
„Утрински весник“ и „Вест“ мораше да умрат. Нема леб за нормалноста и граѓанството во полудената земја. Би било ненормално да успееја да опстанат. Особено не со олку корумпиран менаџмент и олку корумпиран и злосторнички систем. И токму затоа повторно ќе ги измислиме
Хрониката на најавената смрт на весниците започна малку или многу порано. Започна оној момент кога овие два последни бастиона на она што можеше, барем со многу добра волја, да се нарече факел на остатокот од граѓанската свест во македонското општество, започнаа упорно и безмилосно да се девастираат. И кадровски и финансиски.
Тоа е онаа година (ова го спомнуваме поради традиционално лошата меморија на овдешната јавност) кога требаше да се сокрие убиството на Мартин Нешковски и кога онака брутално беше уапсен Љубе Бошковски. Значи, во годината кога тогашниот премиер Никола Груевски во едно свое јавно обраќање отворено нападна неколку медиуми (меѓу кои и „Утрински весник“), отворено повикувајќи ги луѓето да не ги гледаат и да не ги читаат. Или, ете, во годината кога се одржуваа парламентарни избори, кои, од некои причини, се чини беа премногу важни за партијата на власт. Тогаш кога се амнестираа хашките случаи за злосторства против човештвото и кога воениот злосторник, сегашен пратеник, Јохан Тарчуловски, од затворот во Германија испрати писмо, потпишано од затворот во Шевенинген, Холандија, за поддршка на таа амнестија…
И годината, ете, се повторува. Очигледно е дека и во оваа 2017 година е многу важно ВМРО-ДПМНЕ првенствено себеси, а потоа и на остатокот на своите поддржувачи да им докажува дека сѐ уште не ги изгубиле изборите и сѐ уште се некаков фактор во одредувањето на сопствената судбина и судбината на земјата во која живееме.
Значи, уште претходната најава на смртта на „Утрински“ и на „Вест“ неминовно ја најавуваше и смртта на нормалноста. Во онаа 2011 година загина младиот Мартин Нешковски, а оваа година жива среќа е што не загина ниту еден од пратениците. Медиумите умреа. И тогаш и денес. Таа година сакаа да го сокријат убиството. Годинава сакаат да ги сокријат сторителите. Ако политичките непријатели беа апсени пред полициски и телевизиски камери, сега не можеме ниту да ги распознаеме иницијалите на лицата кои наводно се гонат.
Знам дека многумина ќе кажат оти „Вест“ беше „жолт“ печат – малку текст и многу фотографии; голи жени и вицови; скандали и естрада – ама јас ќе кажам дека беше весник на граѓанската култура. Токму „Вест“ таков каков што беше, ги промовираше нормалните вредности, убавината и естетиката плус информацијата. Барем до оној момент додека на негово чело беше Горан Михајловски. И затоа беше најтиражниот весник во земјата.
Во онаа 2011 година загина младиот Мартин Нешковски, а оваа година жива среќа е што не загина ниту еден од пратениците. Медиумите умреа. И тогаш и денес. Таа година сакаа да го сокријат убиството. Годинава сакаат да ги сокријат сторителите
Знам дека многумина ќе кажат оти сум пристрасен во поглед на „Утрински весник“, затоа што бев дел од првата екипа на тој весник и таму останав осум години, но „Утрински“, бездруго, е најквалитетниот медиумски производ што кога било се појавил на овие простори – весник со дефинитивно највисоко поставени стандарди во македонскиот журнализам, промотор на културата на дијалогот, на културата на говорот, а ако сакате и на култивираниот живот. Весник кој ја форсираше – нормалноста!
Мораше, велам, да умрат. Нема леб за нормалноста и граѓанството во полудената земја. Би било ненормално да успееја да опстанат. Особено не со олку корумпиран менаџмент каков што го имаа.
Затоа не е чудно и не треба да изненадува ова што ни се случува. Меѓутоа, и во општеството постојат природни закони, особено физички. Оној што е во слободен пад не може да го задржи своето паѓање, барем не додека паѓа. Тоа е законот на гравитацијата, или јаболкото што му паѓа на глава на ВМРО-ДПМНЕ, што би рекол Исак Њутн.
Се разбира, постојат закони за акција и реакција (на нив, ете иронија, меѓу другото, се повикуваат оние жолто-црвени наводни граѓани, всушност еклатантни примитивни насилници што влегоа во зградата на Собранието). Постои и законот за инерција. Ама, има и закон за пополнување на вакуум. Празен простор во еден општествен систем, едноставно, не може да постои. Ако ги нема „Утрински“ и „Вест“, тогаш ќе ги измислиме!
Едноставно, тоа е природниот ред на нештата. Тоа е природата на општеството. Тоа е нормалата која повторно ќе ја постигнеме. Навистина, нема тука никакви изненадувања.