Властите, не само нашите, предупредија дека светот го чека најтешката зима. Во моментов, светските резерви на пченица се доволни за уште 11 недели, бидејќи е блокиран извозот од Украина, која заедно со Русија произведуваат околу 15 проценти од светските количества пченица.
На она што се најавува како надоаѓачки „голем ураган на глад“, се надоврзува и проблемот со обезбедување алтернативни извори и синџири за снабдување со нафта и гас, што резултира со растечки цени на енергенсите, а со тоа и на цените на сите производи. Никој не може да претпостави каде ќе им биде плафонот.
Многу земји забрзано ги ажурираат податоците и се фокусираат на секое парче необработена земја, инвестираат во култури што ќе бидат дефицитарни и чии цени вртоглаво ќе растат на берзите. Дел драматично го преориентираат досегашното производство, а обработката на секоја педа земја се смета за најголема инвестиција.
Земјите што ќе се однесуваат „јас не пијам нафта“, ама и ништо нема да преземат за полесно да презимат, ќе ја платат највисоката цена. Не би сакале да сме меѓу нив
Токму во контекст на ваквите состојби и прогнози, неодамна на оваа страница предупредив на разликата меѓу манирите на штурецот и мравката. И повторно прашувам – во каква корелација е предупредувањето дека нѐ чека најтешката зима, со преземени активности таа барем да се ублажи, ако не може да ја спречи.
Ако прошетате низ земјава, она што боде очи е дека големи површини земјоделско земјиште чмаат празни. Таму каде што се работи, земјоделците не знаат какви приноси ќе добијат, затоа што им недостигаат средства за ѓубрива, за нафта…
Може ли овие луѓе да добијат поголема предвидливост во својата работа. Кога, ако не сега? Додека да бидат исплатени субвенциите, Интервентниот фонд за директна помош на земјоделците е многу битен во оваа ситуација.
Во почетокот на април беше ветено дека двојно ќе се зголемат површините под сончоглед во земјава, а со тоа и количествата на суровина за масло за јадење. Оптималниот рок за сеидба беше од средината на март до средината на април. Засеано ли е?
Има ли владата план, програма и сценарио за справување со надоаѓачките ризици? Ребалансот на буџетот открива одредени напори во таа насока, но тие се со делумен опсег.
Не заради создавање паника, туку заради навремена подготовка на граѓаните, мора да се знае со какви резерви располага земјата и што сѐ ќе се преземе во меѓувреме.
Земете ја Грција како пример. Уште пред почетокот на туристичката сезона најави подготовка на „екстремното сценарио“, кое и не мора да се случи, но, сепак, го стави на увид: планира наизменична ротација на прекин на струја во текот на работните денови за компаниите што не произведуваат основни продукти; враќање на системот „работа од дома“ за да се заштеди енергија во компаниите; мерки што вклучуваат превентивно штедење електрична енергија со ограничување на употребата на клима-уреди и jaвното осветлување, како и препораки за намалување на употребата на автомобилите како патен транспорт.
Што правиме ние на тој план? Излозите ни светат 24/7, уличното осветлување во некои општини забораваат и дење да го исклучат, (потегот на Стевчо Јакимовски е редок позитивен исклучок), нема планови дали и во кои институции/објекти би можело да се штеди на греење и струја со рационализација во користењето на просторот, ротација на вработени или со работа од дома. Се однесуваме како да имаме атомски централи и непресушни извори на нафта или гас.
Премиерот најави почеток на ревитализацијата на големите хидроелектрани што во сопственост на АД ЕСМ (Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и Света Петка), ама тие обезбедуваат 20 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјава. Имаме ли јаглен? Ланската зима видовме дека не е едноставно да се купи и да се транспортира јаглен за РЕК Битола кога ќе дојде „нож до коска“.
Подигнување на степенот на домашното производство и рационалното трошење на енергијата е нешто што е нужен предуслов. Во земји со многу повисок стандард од нашиот, главните дебати се исклучиво на темата рационализација на трошоците. Дури дотаму, што се водат дебати за оправданоста на трошоци за летен одмор (по две пандемиски години), имајќи ги на увид сите претстојни удари на кои ќе бидат изложени семејните буџети. И таа дебата е многу присутна.
Кај нас малку се разговара за сево ова. Благодарение и на медиумите, јавноста е најпреокупирана со појавата на мајмунски сипаници. Занимавање со споредни работи во овој момент е најмајмунската работа што може да си ја дозволиме.
Ако не е тоа, тогаш – главна тема се вратите на парламентот. Пред пет години беше проблем – кој ги отворил, а сега – кој ги затворил. Да, Талат Џафери не смеел ни случајно да го направи тоа, дури и Деловникот да му давал таква можност. Но, тоа што тој не смеел да го направи, треба да го направат самите пратеници: да се затворат во парламентот и да се посветат максимално на сите законски решенија што се важни, директно или индиректно поврзани со справувањето со претстојните предизвици.
Така ќе покажат сенс за реалноста што е пред нас. И така ќе покажат дали сме зрели за ЕУ, без оглед дали ќе падне ветото. Ние треба да паднеме на испитот пред самите себе. Не треба да се надеваме дека некој некому ќе му се јави за да ни ги наполни силосите или да ни го деблокира интеграцискиот пат.
Во земји со многу повисок стандард од нашиот, главните дебати се исклучиво на темата рационализација на трошоците
Да немаме такви илузии. Ете Макрон се јавил. Ама му се јавил на Килијан М’бапе за да го замоли да го стопира трансферот во Шпанија. Тоа било од витално значење за францускиот фудбал. Така барем посведочи Тиери Анри.
За нас од витално значење е да си ја гледаме нашата „утакмица“, која не е ни лесна, ниту ѝ се гледа крајот, не само во претстојната зима. Цените ќе растат, ама и одговорноста за справување со сите шокови.
Во анализите по што сѐ ќе удрат цените, покрај лебот, брашното, маслото, се оди и во други, детални илустрации за трошоците: дека за производство само на едно мало пластично шише во кое е спакувана вода или сок е потребен околу четврт литар сурова нафта. Цените нема да се зголемат поради пијалаците, туку поради амбалажата. Околу две третини од материјалите во производството на обувки и облека, исто така, се добиваат со преработка на нафта (гума, полиестер, најлон, акрил, еластин). За производството на една стандардна автомобилска гума неопходни се околу 25 литри сурова нафта, а за производството на една гума зa поголеми возила (камиони, автобуси) неопходни се околу 100 литри.
Земјите што ќе се однесуваат „јас не пијам нафта“, ама и ништо нема да преземат за полесно да презимат, ќе ја платат највисоката цена. Не би сакале да сме меѓу нив.