О, лифту, ти што си на шестиот кат…

Колумна на Сашо Кокаланов

Се ближат локалните избори, а со тоа и ситуациите на пуштања во употреба на разни предмети стануваат сѐ поспектакуларни и поневеројатни. Македонските градоначалници како добри домаќини сега ќе пресечат ленти на многу чешми и канализации, бунари и септички јами, а попови и оџи ќе пеат за бериќет и долготрајност на кошеви и голчиња, лулашки и лизгалки, фасади, тезги на пазарчиња, „ивичњаци“ и тротоари, семафори, канделабри, клупи и… да, ќе посведочиме и некои погламурозни и понесекојдневни настани, од типот на свечено поставување контејнер, свечено отворање лифт или свечена замена на чергичињата за бришење чевли – старо за ново со минимална доплата од станарите.

Се разбира, засега во благо водство пред сите е градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој ги обави сите горенаведени манифестации, вклучително и отворањето лифт, освен ова со чергичињата, кое веројатно му е во процедура и ќе заврши пред почетокот на сезоната на есенски дождови кога чевлите имаат најголема потреба од бришење, а од тендерите капат најпрекрасни провизии.

Во брилијантната „Океан море“ на Барико има еден фасцинантен лик, свештеник, кој измислува молитви за луѓе во различни секојдневни и несекојдневни ситуации. Има смислено преку илјада нови молитви.

Сме гледале како се пеат џипови и луксузни возила, зошто да нема една молитва за спасение на душата на стариот лифт и за долговечност на новиот лифт

Со оглед на тоа што и нашиве попови пред изборите ќе се растрчаат со кандилцата по општиниве, за да отвораат заедно со општинските татковци разни стварчици, се прашувам зошто не фати еден поп да си се специјализира за оваа работа. Крштевки и така има сѐ помалку, погребите се здодевни и тажни, само туку некој ти плаче на рамо, а и ужалените слабо оставаат бакшиш. Кога веќе се фаќаш за лопата, а си поп, зошто да е погреб, кога може да е камен-темелник! Кога веќе сѐ поретко се сечат папочни врвци, зошто да се дреме дома и да не се пресече некоја црвена лента!

Сме гледале како се пеат џипови и луксузни возила, зошто да нема една молитва за спасение на душата на стариот лифт и за долговечност на новиот лифт.

– О, лифту,

ти што си на шестиот кат,

спушти се на земјата,

да се спои телото на овој гласач…

– Станар попе…

– На овој станар, чедото божје, името…

– Диме од четврти…

– На чедото божје Диме од четврти,

да влезе во овој лифт

и да се качи безбедно,

и нека биде светло во лифтот,

ако падне мрак,

претседателот на куќниот совет

редовно да менува сијалици.

Амииииин.

– Амин! – викаат станарите.

– Бакнете го сега копчето за викање на лифтот, помолете се на Господа за редовен сервис и оставете некој денар под иконата на градоначалникот.

Ако сте колекционери на глупости, ве замолувам да не си го арчите времето по порталите, како посредници помеѓу ваквите бесценети настани и вас како собирачи на народна мудрост, туку директно да црпете материјали од официјалните веб-страници на општините. Овие мали врутоци на човечкиот гениј ќе ве остават без зборови.

И пак ќе кажам, градоначалникот на Карпош е тука чекор пред сите.

Ако за лифтот што го отвориле има толку брилијантно четиво (со изјави од задоволни граѓани, со сѐ), што ли нѐ очекува по веб-страниците на органите на локалната самоуправа кога кампањата ќе се залауфа?

Кога ќе отидете на веб-страницата на Општина Карпош можеби веќе нема да сакате да посетите ниедна друга. Таму пи-ар екипата си грми. Тоа не се соопштенија, тоа се громови што паѓаат од утробата на вселената и ве погодуваат директно во малиот мозок, со можно привремено губење на рамнотежата и паѓање од столот додека читате.

Ако за лифтот што го отвориле има толку брилијантно четиво (со изјави од задоволни граѓани, со сѐ), што ли нѐ очекува по веб-страниците на органите на локалната самоуправа кога кампањата ќе се залауфа?

Какви ли литературни проблесоци ни се подготвуваат за септември и октомври, кога актуелниов јули нѐ даруваше со едно вакво брилијантно соопштение за пуштање во употреба на лифт, соопштение возвишено, допрено од бога, вдахновено од универзалната потреба на човекот, особено на човекот што живее на погорните катови – да патува низ елеваторската шуплина на објектот, да среќава станари, да запознава нови лица, да `ркне на подот кога се вози сам, да пушти ДНК од својата плунка преку мастиката што ја плука точно во процепот помеѓу лифтот и вратата, да тропне на вратата кога лифтот го држат несовесни станари, да прдне после грав во понеделник, бесплатно да се повози кога не му е вторник или петок…

Ах, бескрајни се можностите на еден лифт! Само небото и последниот кат се граница!

Но, зошто вакви прекрасни соопштенија да не се напишат и утре кога ќе се пуштаат во употреба нови и уште позначајни предмети? Иако не е директна надлежност на локалната самоуправа, сепак знаете како е, во кампања има и таканаречени бонуси, односно работи од рубриката неветено-остварено, та можеби некому ќе му текне да субвенционира промена на грејач во болјер или да помогне во отстранување на бигорот од него. Не некому, тоа треба да му текне на најдосетливиот меѓу општинските татковци, чија титула треба како и на имењакот црковниот поглавар, два пати да биде повторена, па да го викаме градоначалник градоначалник Стефчо.

Каква е тоа светлина од мониторот, дали јас тоа веќе го гледам соопштението пред мене.

Денеска, на бул. „Партизански одреди“ бр.11.111, влез 1, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, им го предаде во употреба новиот болјер на станарите од станот број 11 во овој колективен станбен објект.

На барање на граѓаните на Карпош, и со одлука на Советот на локалната самоуправа, Општината заменува стари со нови болјери, и реконструира дотраени болјери во колективни станбени објекти на територијата на Општина Карпош, што е случај и со оваа зграда. Првиот човек на Општина Карпош, нагласи дека оваа инвестиција локалната самоуправа ја чинела вкупно 1.100 денари, односно 65 % од вкупната вредност на болјерот. Жителите на станот во оваа инвестиција учествуваат со 35 % финансиски надоместок.

– Воедно, сакам да ги повикам сите граѓани на Општина Карпош, кои имаат потреба од бањање, да не речам капење, замена на стар со нов, или реконструкција на постојниот болјер, да поднесат барање до локалната самоуправа. Ние како Општина ќе ја разгледаме поднесената документација, ќе помирисаме пред вратата на станот, и ќе учествуваме со финансиски средства од општинскиот буџет, во заокружување на сите трошоци –  потенцираше Јакимовски.

Диме од четврти, кој е станар во оваа зграда и кој стариот и нефункционален болјер од педесет литри го замени со нов од осумдесен, изрази големо задоволство и благодарност до општинскиот татко Јакимовски и администрацијата на Општина Карпош, што им излегле во пресрет на барањата на жителите, и што токму овој влез за прв пат добива топла вода.

–  Веќе луѓето не ме загледуваат чудно во лифтот или на каса во супермаркет. Во автобус можам да се држам и за горните рачки без никој да се онесвести во моја близина. Топлата вода прави чуда. Таа е… таа е многу потопла од студената вода, за што му благодарам на градоначалникот Стевчо – потенцираше Диме.

Васе, генерален менаџер на „Болјер трго-промет увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“, овластената фирма за тргување со болјери, нагласи дека Општина Карпош е прва локална самоуправа со директна финанскиска инвестиција во замена на стар со нов, или реконструкција на постоен болјер, и ги повика останатите локални самоуправи да покренат ваква иницијатива со оглед на големиот број дотраени, стари или нефункционални болјери, кои граѓаните секојдневно ги употребуваат.

На неверните Томовци, кои едноставно одбиваат да поверуваат дека ова е можно, им порачувам да ја посетат веб страницата и да го прочитаат текстот за лифтот. Промените се незначителни.

Едноставно, како што велат старите, треба да ти работи болјерот за да ти текнат вакви работи како оваа со лифтот.