Образование, вештини, компетенции, меритократија… Колку пати досега сте ги слушнале овие фрази како нешто што недостига во системот. Кога тоа недостига, сигурно не станува збор за добро организиран систем, туку за шема. А кога функционира шема, правилата ги крои тој што ја креира шемата, користејќи ги лостовите на системот, кoj е недоизграден или урнисан токму од шемаџиштвото.
Тие лостови ги држат моќни партии, ги пополнуваат нивните скалила со свои кадровски шрафови за свои цели и интереси преку инструментот партиска книшка. Кога таа не e доволна, а „системот“ треба да биде излажан дека кандидатот исполнува квалификациски услови (одредена диплома), на сцена стапуваат флексибилни високобразовни установи – да ги снабдат клиентите со потребното пусулче.
Јавна тајна
Џабе се везат во јавноста имиња на многу луѓе што станале „успешни“ на таков начин. Ќе слушнете стотици приказни кој од каде и за колку ја купил дипломата, кој замижал за тоа и кој одмолчал. За жал, тие прашања никој не ги чепка, или не е дозволено и препорачливо да се чепкаат, затоа што не се знае до кого сè би стигнало длабокото копање.
Затоа кај нас се копа плитко. Поточно, се гребе само по површината. Во недостиг од контрола и во стилот „секое чудо за три дена“, јавноста повремено се забавува со случаи на чудни и измешани податоци настанати веројатно од брзање при штанцањето дипломи, во кои годината на дипломирање може да е постара од годината на упис на факултетот.
Или, честопати се случува во евиденцијата на одредена образовна установа воопшто да не постои лице со конкретно име и презиме што дипломирало/магистрирало таму, иако главна референца во биографијата е дипломата оттаму.
Не се знае што е полошо – да имаме лажни дипломи од непостоечки факултети, купени дипломи од факултети, кои се далеку од факултети, или вистински дипломи, ама за недоволно знаење. Сите варијанти егзистираат во нашата образовна шема и никој не се потресува.
Темата се враќа во фокусот само инцидентно, како во случајов со решението за студиска програма за медицински сестри на Меѓународниот универзитет во Струга, колку да нѐ потсети дека не ни се расчистени Авгиевите штали во образованието.
На јавноста не ѝ требаат нагаѓања. Дали и каде се штанцаат дипломи и дали одредени високообразовни установи работат без исполнети услови, треба да утврдат надлежните институции. Тие треба да го одмотаат целото клопче – од почеток, до решението за акредитација. А бидејќи во сите институции седат луѓе со име и презиме, не е тешко да се види кој одлучувал.
Има ли евалуација?
Ама, проблемот не е само во тоа. И во државните високообразовни установи, кои тонат на Шангајската листа, ама се сметаа „за нешто“ барем во македонски услови, одамна ги спуштија критериумите за да бидат конкурентни со приватните.
Кога новиот директор на Бирото за метрологија лани јавно нѐ просветли, објаснувајќи ни дека „метрологија е наука за мерењата и нема врска со временска прогноза“, а пред да го постават за директор мислел дека е наука за времето, првото логично прашање беше – какво образование има тој?
Е па во биографијата му пишува дека дипломирал право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и дека е магистер по политички науки. Со такво образование, по сила на директорската судбина научил што значи метрологија, нешто што би требало да се знае, како што се вели, од „општа култура“.
Ова, пак, ме навраќа на изјавата на професорот по социологија, д-р Илија Ацески, кој јавно посочуваше пример – како од дваесет студенти во трета година, само еден знаел во кој период живеел Гоце Делчев, дека студентите не прават разлика помеѓу класа и маса, држава и народ, дали сме монархија, република, не знаат што е поделба на власта, а само што не дипломирале!
Попусто со години Ацески алармираше дека менаџирањето со факултетите и Универзитетот се концентрира во борбата за највисоките функции – декани и ректор – дека нема квалитетна внатрешна евалуација, нема надворешна евалуација и сѐ е сведено на задоволување формални критериуми.
И натаму е така. На страницата на Агенцијата за квалитет во високото образование, последните објавени извештаи за шестмесечниот период на работата на Одборот за акредитација и на Одборот за евалуација се однесуваат на првата половина од 2023 година.
Во тој период, Одборот за евалуација немал извршено евалуација на високообразовните установи и студиските програми.
Поради тоа немал доставено предлози за продолжување акредитации на студиски програми до Одборот за акредитација, ниту предлози за одземање акредитации, ни оценка за квалитетот на вршење на високообразовната дејност, ни за релевантноста и квалитетот на научните истражувања. Дали во меѓувреме нешто се сменило – нема податок.
Се чекала насока
Одборот за акредитација, во истиот период решил со писмо да се обрати до Министерството за образование, за да даде насоки како да постапува Одборот по прашањето за воведување студиски програми од трет циклус.
Имено, според член 62 став 4 од Законот за високо образование, „студиски програми од трет циклус на студии можат да организираат само универзитетите што се меѓу првите седум рангирани универзитети, запишани во регистарот на високообразовни установи во државата, утврдени во последното рангирање согласно членoт 58 од тој закон“.
А членот 58 вели дека „за развивање и одржување на квалитетот на високото образование, на секои три години задолжително се спроведува рангирање на сите универзитети, запишани во регистарот на високообразовни установи“.
А состојбата во посочениот период била следна: 2023 година била веќе петта година по ред во која не било спроведено рангирање. И ќе биде интересно да се види дали и какви насоки дало лани Министерството – дали се работело во согласност или спротивно на законот.
Се разбира, ова ќе го знаеме ако надлежните решат еднаш да се вмешаат во своите надлежности и да ја проверат состојбата. Само да не излезе како во песната – сакавме да одиме во инспекција, ама лошо време нѐ зафати – ситна роса зароси, силно ветре задува…
Во време кога без помош на вештачката интелигенција, исклучиво со домашни кадровски ресурси ја расчистивме големата дилема што е метрологија, а што метеорологија, инспекторите барем навреме може да си обезбедат временска прогноза од точната адреса.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија