Деновиве, во Крушево, македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков „оствари средба со својот српски колега Никола Селаковиќ.“ Барем така пишува во соопштението на матичното Министерство на Љутков. Веројатно, затоа што секоја средба или која било активност на наш министер или носител на власт е „остварување.“
На пример, кога украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со својот американски колега Доналд Трамп, тој никогаш не остварува средба, туку, едноставно, се сретнува. Или можеби затоа што немуштиот, а рогобатен бирократски јазик е длабоко навлезен и во Министерството, кое, меѓу другото, е задолжено за чување, негување и развивање на македонскиот јазик.
Патем речено, еве една добронамерна забелешка: можеби не е лошо и во Министерството да се ангажира некој малку посериозен лектор, затоа што и во ова, како и во некои други соопштенија, можат да се најдат некои несмасни решенија, кои се далеку од духот на македонскиот јазик.
На остварувањето на средбата, како што нѐ информира Министерството, е потпишана и Програма за културна соработка во културата во следниот петгодишен период. Наведени се некои проекти од типот „Форум за културна дипломатија“ (што и да е тоа), изложби и музичка програма „инспирирана од народната традиција.“ И тоа отприлика би било тоа.
И дотука сѐ е во ред. Една протоколарна посета, мала прошетка по убавините на Крушево, малку гастрономско уживање, потврда на пријателството и добрососедските односи и сѐ што следи со тоа во вакви пригоди. Но…
Кого го боли за културата?
Тоа проклето „но“, овојпат се однесува на одбраниот тајминг да се пречека гостин со „специфичен“ лик и дело, како што е тоа српскиот министер за култура, Селаковиќ. Имено, посетата се одвива буквално една седмица пред да почне судскиот процес против истиот тој министер поради злоупотреба на службената должност. Ако се потврди обвинителниот акт, тогаш Селаковиќ може да очекува и неколкугодишна затворска казна.
Во секој случај, Никола Селаковиќ веќе влезе во аналите на српската политичка историја, како единствен активен министер против кого се води судски процес. Значи, не бивш министер и не министер во оставка, туку актуелен и под полн работен капацитет. Во таа смисла, неговото „угостување“ во Македонија, само една седмица пред најавеното судење може да се разбере како своевидна поддршка на постапките на актуелниот српски министер за култура.
А кои беа тие постапки? Селаковиќ е обвинет во таканаречената афера „Генералштаб.“ Станува збор за комплекс во најстрогиот центар на Белград, чија местоположба буквално вреди не брдо, туку планина пари. За потребите на тогашната ЈНА, овие згради беа изградени во втората половина на педесеттите и почетокот на 60-тите години на минатиот век. Сосема се девастирани во бомбардирањето на силите на НАТО врз Србија во 1999 година, а потоа служеа како некој вид меморијал на тие настани.
Парадоксот е во тоа што српската влада реши овој комплекс да им го отстапи (продаде?) токму на Американците, оние што, всушност, и го бомбардираа. Поточно на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Трамп, кој сакаше тука да изгради некаков деловно-хотелско-трговски-станбен комплекс. Но, проблемот е во тоа што зградите на Генералштабот се заштитени како културно добро и не смеат да се отуѓат без дозвола на тамошниот Републички завод за заштита на спомениците на култура.
Српската влада, во мај минатата година донесува одлука од Генералштабот да се симне статусот на заштитено културно добро за да може да се урне по итна постапка. Арно ама, излегува дека владата ја донела оваа одлука врз база на фалсификувани документи. И тоа по директна наредба на министерот за култура. Или што би рекол еден мој белградски колега: „Го заболе него за култура.“
Оваа афера предизвика вистинска лавина кај нашиот северен сосед. Покрај огромната медиумска хајка во која се сатанизираат Обвинителството за организиран криминал и Заводот за заштита на спомениците на културата, српското собрание донесе и лекс специјалис (која волшебна формула!) со која, сепак, се овозможува уривање на Генералштабот.
Агонијата, сепак, ја прекина, никој друг, туку Џаред Кушнер (читај: Доналд Трамп), кому изгледа помалку му значи оваа „бизнис“ зделка од уште еден меѓународен скандал.
Но, српската власт не се предава лесно, па по итна постапка се донесени неколку нови правосудни закони, со кои практично се укинува Обвинителството за организиран криминал. И тоа по цена на директна конфронтација со Европската Унија, каде што наводно Србија се стреми.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, „пред рака“ најави дека ќе ги аболира сите обвинети во случајот. Со тоа практично и себеси се аболира, затоа што тешко е да се поверува дека идејата за продажба (или подарок?) на Генералштабот на Трамп е изворна и автономна идеја на Селаковиќ.
Сепак, се чини дека топката почна да се тркала и тешко е сега да се запре, но набргу ќе видиме како ќе се развиваат работите.
Заскитана политика
Не е на одмет да се види што навистина направи овој министер во својот мандат од нецели две години. Го воведе најмалиот буџет за култура во поновата историја на Србија; финансирањето на театрите го сведе под секој минимум, реномираните, не само српски, и не само балкански, туку светски културни манифестации практично ги укина: во Србија повеќе ги нема музичкиот фестивал „Егзит“, меѓународниот театарски фестивал „Битеф“, филмскиот фестивал „Фест“…
Лично не знам што точно содржи таа петгодишна рамковна програма за соработка (освен музејски работилници и музички концерти засновани врз народната традиција), ама кога подобро ќе размислам, во суштина не би сакал ниту да знам.
Сепак, мора да се признае дека Никола Селаковиќ (1983) е интересен лик, ренесансен, што би се рекло. Министер за сите потреби, како што го нарекуваат српските колеги. Дипломираниот правник, несудениот асистент на белградскиот правен факултет (докторанд е 15 години), беше министер за правда, за труд и социјална политика, за надворешни работи и, еве сега, за култура.
Интересен е и неговиот политички пат. Татко му е виден член на Социјалистичката партија на Слободан Милошевиќ и генерален директор на Индустријата за обувки „Београд.“ Набргу по 5 октомври 2000 година, односно по смената на Милошевиќ, сменет е и татко му од директорската функција. Тука почнува и политичкиот пат на Селаковиќ. Сепак, не оди во партијата на Милошевиќ, односно Ивица Дачиќ, туку во Радикалната партија на Воислав Шешељ.
Според сопствено признание, тоа не го прави поради некаква голема вљубеност во Шешељ, туку затоа што (исправно) мисли дека на тој начин најдобро може да им се одмазди на оние што го сменија татко му.
Интересно ми е дека како некогашен министер за правда, Селаковиќ не се воздржува од навреди и закани на обвинителите, нарекувајќи ги „блокадери“ (во пежоративна смисла), „странски платеници“ што работат на „дестабилизација на државата“ и тврдејќи дека многу скоро сите тие ќе одговараат за своите постапки.
За разлика од него, нашиот министер го пофали македонското судство затоа што Апелацискиот суд во Битола ја врати на повторно разгледување судската постапка што против Министерството ја води Синдикатот на културните работници на Македонија, процес кој инаку СКРМ го доби. Но, според соопштението на СКРМ, се чини дека и Љутков не е баш нежен кон судскиот систем, кога носи одлуки против него, односно против Министерството. Тие одлуки, велат од СКРМ, Љутков ги игнорира, девалвира и ги квалификува како „партиски“ и „политички.“
На крајот на краиштата, можеби и не е толку нејасно зошто токму сега Љутков „остварил средба“ со еден ваков лик и така практично му дал институционална поддршка. Да, Селаковиќ е легален и легитимен министер на една соседна и суверена држава. И, да, Селаковиќ не е осомничен, туку е обвинет за злоупотреба на својата министерска положба. И во Македонија е во овие две функции, како министер и како обвинет.
Има, сепак, некој заеднички именител во нашата и во српската надворешна политика, политика која скита и не знае каде оди. Или, еве, ако знае, нѐ води кон целосна изолираност, далеку од современите геополитички, па, ако сакате, и културни текови. Со кого ќе се дружиме, ако не со сличните (истите?) како нас. Со кого ќе уживаме во музејските работилници и концертите „инспирирани од народната традиција“? Тоа e резултат на таа заскитана политика!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












