Обврзани на лудило

Комисијата за заразни болести В ПОНЕДЕЛНИК ќе ѝ предложела на владата нови сет-мерки за превенција. Значи денес, утре и задутре ќе тераме по старо. А зошто да брзаме? На пример, во изминативе три дена имавме „само“ 1.070 новодијагностицирани случаи (80+445+545). Но, штом вирусот е информиран дека владата со него ќе се занимава дури од понеделник, тој најљубезно ќе нѐ почека три дена за да се реорганизираме.

Кога ќе се сетам дека првиот колективен викенд-карантин ни беше воведен во април при бројка од 48 заразени, не можам да најдам логично објаснување зошто при сегашниве бројки автобусите уште три дена ќе возат полни до кров. Нивните капацитети од понеделник ќе ги преполовиме, а бројката на заболени дотогаш ќе ја удвоиме. Создаваме „рамнотежа“ во природата и општеството.

Мора да почнеме да создаваме општествен отпор против лица кои сакаат да наметнат сеопшт мрак, сокриени под качулки или лажни идентитети, кои се хранат со туѓи несреќи и крв, кои не знаат ништо освен по цел ден да мразат и омаловажуваат

А бидејќи ни претходните предлог-мерки на Комисијата за заразни болести не беа донесени поради потреба од законски измени, во моментов, во сила не е никаква порестриктивна политика за превенција, соодветна на заканата од растечкиот број заразени. Вирусот го знае и тоа. Единствено ние не знаеме зошто функционира неподносливата леснотија на „принципот“ – денешната работа остави ја задутре.

Не знам на кого му оди во прилог ваквото однесување, но сигурно не оди во прилог на здравјето. Светот се подготвува да ги дочека првите вакцини против ковид 19, а ние сѐ уште чекаме вакцините против сезонски грип да стигнат до крајот на октомври. Процесите се движат со брзина на желката.

И тоа не е единствениот проблем. Точно е дека повеќемесечната корона-криза драматично се одразува и на психичкото здравје, но не верувам дека постои друга земја во која граѓаните и при ваков таксират дополнително си ги замрсуваат конците и си го отежнуваат секојдневието. Короната стана лакмус за нашето поведение и успеа да го извади најлошото од нас.

Во време кога и од здравјето на општественото ткиво зависи имунитетот за системската одбрана од епидемијата, кај нас тоа ткиво е најраскинато од поделби, омрази и кавги. Зборуваме за одбрана на јазикот, а целосно ја уништивме вредноста на говорот. На мајчиниот македонски јазик, кој деновиве го браниме од тие што го сведуваат на дијалект, ниту говориме, ниту пишуваме за нешта што ја рефлектираат мудроста, конструктивноста, креативноста, сочувствителноста, солидарноста, помагањето, разбирањето…

Како ѓаволот да влегол во нас, нашиот мајчин јазик се користи за вадење очи и клетви до седмо колено. Пизмата стана дневна доза на инфузија без која никој не излегува надвор, во „арената“. Ние немаме поголеми непријатели од самите себе. Не мислам само на меѓупартиските кавги, опструкции и обвинувања. Мислам на генералната атмосфера што владее меѓу луѓето.

Она што се нарекува човештина, очигледно не живее овде. Тоа на најбрутален начин се покажа по смртта на младиот пулмолог, сопруг и татко, Трајче Нешковски. Секако дека нема да ги цитирам грозотиите со кои беше коментирана неговата личност, насочени првенствено кон фактот дека бил поранешен функционер во партиски подмладок. Тие гнасни коментари откриваат една страшна малформација. Откриваат дека досега не сме се заразиле единствено од човештината.  

Светот се подготвува да ги дочека првите вакцини против ковид 19, а ние сѐ уште чекаме вакцините против сезонски грип да стигнат до крајот на октомври. Процесите се движат со брзина на желката

Една од последните пораки на Трајче, напишана на 11 октомври гласи: „Секоја генерација си има своја борба, секое време си има свои херои“. За него барем знаеме дека бил на првата линија во битката со ковид 19. А на која линија биле или се тие што напишале зборови од кои секој нормален човек би се згрозил?

Ваквите ситуации предизвикуваат вознемиреност и гнев. Мора да почнеме да создаваме општествен отпор против лицата што сакаат да наметнат сеопшт мрак, сокриени под качулки или лажни идентитети, кои се хранат со туѓи несреќи и крв, кои не знаат ништо, освен по цел ден да мразат и да омаловажуваат.

Младите не бегаат од земјава само заради подобри плати. Бегаат и заради недостиг од спокојство, култура и еманципаторски практики. Бегаат затоа што не можат да ја поднесат растечката бројка на тие што се обврзале на лично и групно лудило и не сакаат да излезат од тоа. Напишаното за Трајче е манифестација на такво признато лудило, јавно манифестиран симптом, за кој стручните лица треба да соопштат дијагноза, а институциите да понудат лек.

Ако не се соземеме, ако не се прибереме, разбереме, сплотиме и ако не ја негуваме човештината, ќе заслужиме да не успееме, ќе заслужиме целосно да потфрлиме, да ставиме печат на ставот дека секое време има свои херои, а нашево – антихерои.