Ситуацијата во која денес се наоѓа Македонија е след на низа од грешки. Владата во старт згреши затоа што навреме не го алиментираше интересот на јавноста за содржината на францускиот предлог, давајќи разни образложенија – прво дека сѐ уште не го добила официјално, а потоа дека не сакала да влијае врз состојбите во Бугарија.
Резултатот од тоа беше раст на недовербата, која се зголеми уште повеќе по добивањето на модифицираниот предлог. За разлика од внимателноста на официјално Скопје кон внатрешно-политичките околности во Софија (пад на тамошната влада), официјална Софија не покажа таков сенс за состојбите во Македонија, па дури и дотури масло на огнот, тврдејќи дека станува збор за истиот предлог кој бугарското Собрание веќе го одобрило како рамка, која максимално ги штити бугарските национални интереси.
Вистината е дека ЕУ ѝ понуди трошки на Македонија, и покрај огромниот компромис со Договорот од Преспа. Вистината е дека ЕУ ќе биде одговорна што таа жртва не беше валоризирана, и покрај ветувањата
По ваквата пинг-понг партија, на владата ѝ стана уште потешко да објасни како може еден предлог што толку добро ги штити бугарските интереси, во исто време максимално да ги штити и македонските. И, наместо широките консултации да бидат одговор во вистинската смисла за сите спорни прашања, тие се сведоа на два херметички затворени наратива: едниот на власта – дека ова е најдоброто што може да го добиеме, и другиот на опозицијата – дека полошо не може да биде.
Наративот на власта, на моменти исклучив (кој не мисли како нас, е против нас), се претвори во црно-бело толкување на нештата, во кое забелешките се доживуваат како атак врз власта, а не како отворен и конструктивен придонес во расправата. Таквиот манир, типичен за поделено општество против кое актуелната власт се бореше додека беше во опозиција, повторно се врати на јавна сцена во полн сјај.
Во другиот наратив, на ист куп беа ставени сите забелешки и критики на опозициските партии, но и на експерти, професори, аналитичари и доминантните стравувања на граѓаните. Опозицијата, сето тоа го стави во нејзин погон, со што беше киднапирана можноста експертската дебата да се третира низ призмата на исклучиво државни, а не чии било партиски интереси.
Истата таа експертска и аналитичка јавност се најде и на мета на власта, која, наместо да ги прифати како релевантни и добредојдени учесници во консултациите, остави во етерот обвинувања за ширење „хистерија“, што, пак, недвосмислено откри дека владата сака консултации, ама ако тие завршат на иста линија со нејзиниот став. На таков исклучив начин, шансата за вистински разговор заврши под чергичето на Илинденска број 2.
Меѓу двата наратива не останаа нечепнати ни граѓанските натпартиски протести (со поддршка од опозициски партии), кои беа протолкувани како директна препорака за опозициските намери за делегитимирање на власта, па „консултациите“ се претворија во дебата дали на Македонија ќе ѝ тргне ако власта падне. Контаминирањето на протестите со инциденти, но и со разни пароли, заврши со критики и најавени мерки од Бугарија – за говор на омраза.
Така, на меѓупариските натпревари за освојување на наклонетоста на јавноста за предлогот (и за други цели), се собраа и ловорики, и трње, но резултатот за државата стана еден голем минус. Од тргнување во одбрана на македонската позиција, се стигна до легитимирање на бугарската позиција, која ни Софија долго не можела толку добро да ѝ ја објасни на ЕУ, како што тоа го направиле пораките од протестите во Скопје. Тоа е наративот на соседите.
Сега, и власта, и опозицијата треба да стават прст на чело и да се прашаат зошто со здружени сили (чинење и нечинење) дојдовме до тоа Македонија да биде ексклузивно посочувана како извор на говор на омраза. Го прашаа ли Шарл Мишел, Сарацин и другите европски гости, каков е тој европски предлог, ако неговото одобрение во бугарското собрание оди со услов дека „ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија“.
За какво добрососедство ќе нѐ оценува ЕУ во такви услови, и како да се одговори со „говор на разбирање“ на таква провокација од Софија?
Не знам што разговараат македонските со функционерите на ЕУ, но постои општ впечаток дека од наша страна не се објаснети ваквите „добрососедски“ непринципиелности.
Оттука, погрешна е тезата на Европејците дека Македонија треба да одлучи, бидејќи понуденото е избор без избор. Вистината е дека ЕУ ѝ понуди трошки на Македонија, и покрај огромниот компромис со Договорот од Преспа. Вистината е дека ЕУ ќе биде одговорна што таа жртва не беше валоризирана, и покрај ветувањата.
Благодарение на тоа, овде драматично се урива довербата во Унијата и речиси е извесно дека ниту една провропска сила во иднина нема да победи на избори во Македонија, а најверојатно ни во земјите од Западен Балкан.
На меѓупариските натпревари за освојување на наклонетоста на јавноста за предлогот (и за други цели), се собраа и ловорики, и трње, но резултатот за државата стана еден голем минус
Наместо превентивно да се гаснат пожари, искрата се вградува во рамката, а можноста од големи внатрешни и регионални импликации станува сѐ поизвесна.
На крајот, за појасен одговор – каков предлог сме добиле, може да помогне и Извештајот на бугарското МНР за францускиот предлог и преговорите со Северна Македонија, кој го објавија бугарски медиуми.
Документот открива – дали рамковната позиција на Бугарија навистина отпаднала со францускиот предлог; дали процесот на присоединување на РСМ кон ЕУ требало да биде искористен како „механизам за реформирање на антибугарската идеологија и поведение“; зошто Бугарија проценила дека РСМ е подготвена на отстапки и ред други „дребулии“.
Сепак, највредна за внимание е една реченица од објаснувањето на „контекстот“: „Бугарија принципиелно е подобро позиционирана од РСМ, има повеќе влијание во ЕУ и може да постигне позитивен резултат за себе, ако демонстрира ЕДИНСТВЕНА ПОЗИЦИЈА“.
Тој збор многупати бил спомнуван кај нас, но никогаш не бил применет. Ако ни овој момент не е вреден за тоа, ниеден понатаму нема да биде. Бидејќи тоа „понатаму“ ќе биде неповратно изгубено, а највиновни за тоа ќе бидеме самите.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија