Сликата на македонското новинарство денес: малку цинизам за распаѓањето на Унијата, малку повеќе ксенофобија и дискриминација кон другите и сето тоа зачинето со соодветна доза надрилекарства.
Твитот на некогашната министерка за внатрешни работи и, не е на одмет да се спомене, некогашна стипендистка на британската влада – Гордана Јанкуловска, во кој таа се потсмева со британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет по повод резултатите на референдумот за излегување на Велика Британија од Европската унија, како да го откачи тригерот на неразбирливиот триумфализам во македонскиот медиумски простор.
Македонските медиуми ,главно оние што ги нарекуваме „провладини“, демонстрираа ретко видено воодушевување, проследено со извесна доза цинизам кон еврофилите, небаре не излегува Обединетото Кралство од Унијата туку Македонија се ослободува од турско ропство.
Постојат неколку објаснувања за преобразбата на седмата сила во 13-то прасе. Тука мора да се земе предвид надојдениот десничарски наплив на гледањето на Унијата како на своевиден глобален окупатор и узурпатор на националниот идентитет, а не како благородна идеја на обединување на Европа, базирана на заеднички интерес и солидарност.
Долготрајното висење на Македонија пред портите на Унијата не само што го генерираше евроскептицизмот туку произведе и потреба од барање решенија на „другата страна“, односно вртење кон Евроазија, поточно кон Русија, а излегувањето на Британија од европското друштво од некои причини се толкува како победа на политиката на Путин. Меѓутоа, она што навистина превладува во медиумскиот дебилен триумфализам е – ксенофобијата. И национализмот, се разбира.
Нема да откриеме руда во Алшар, ако кажеме дека ксенофобијата не е ништо ново на македонската медиумска сцена. Она што е ново е што таа доаѓа и од политичките врвови. Не дека со своите постапки власта и досега не покажуваше завидно ниво ксенофобичност, ама тоа го правеше со извесна доза мимикрија и не во јавни и официјални соопштенија и обраќања.
Значи, не мислиме тука на Јанкуловска и нејзиниот неумесен твит туку на претседателот на државата – Ѓорге Иванов. Човекот што своевремено потпиша универзитетски учебник во кој антисемит беше дефиниран како човек што ги мрази Евреите повеќе од потребното, во своето најново телевизиско обраќање ја образложи сопствената недоветна одлука за аболирање на носителите на организираниот криминал, освен со опасностите од внатрешните и надворешните непријатели што се закануваат да ја разнебитат земјата, со наводната опасност што се надвива над безбедноста на земјата со мигрантската криза.
Телевизиското обраќање на Иванов како да не беше доволно, па истото, во форма на интервју, е објавено и во дневниот весник „Дневник“, со симптоматичен наслов „И странски претседатели ме предупредуваа за сценаријата за Македонија“.
Македонските медиуми ,главно оние што ги нарекуваме „провладини“, демонстрираа ретко видено воодушевување, проследено со извесна доза цинизам кон еврофилите, небаре не излегува Обединетото Кралство од Унијата туку Македонија се ослободува од турско ропство
Повторена е тезата дека хуманитарната криза била, всушност, безбедносна загроза, дека се евидентирани 72 лица „активисти или наводни новинари што упаднаа на македонска територија…“, а утврдени се и „нивните партнерски организации и групи од Македонија“. Иванов констатира дека дел од нив учествувале во демолирањето на Народната канцеларија и претпоставува дека тоа го сториле, затоа што „кога ја затворивме границата и воспоставивме контрола на мигрантскиот коридор, им ги спречивме грантовите што ги добивале и од тоа профитирале“.
Настрана што бегалците се демонизираат како опасни терористи, небаре тука дошле тешко вооружени, па полицијата и војската едвај успеале да се справат со нив, настрана што активистите и новинарите се третираат како нивни јатаци и дестабилизатори на земјата туку од кажаното произлегува дека војните на Блискиот Исток небаре се направени како дел од светската специјална војна против Македонија.
Се разбира, проценето е дека можеби и не делува толку убедливо тезата оти луѓето што пешачат преку мински полиња, се дават по белосветските мориња, гинат по пругите, сето тоа го прават само за да го „реметат“ претседателот Иванов, па следи и проширен дел – најава на уште пострашен втор бегалски бран. Од Египет и Либија, ако му се верува на Иванов.
„Во првиот бран стануваше збор за бегалци од Блискиот Исток, најчесто од Сирија, кои често доаѓаа од урбани средини и кои беа образовани. Но, во овој втор бран се очекува да доминираат економски емигранти, кои најчесто доаѓаат од неразвиени средини во Африка, лица што се агресивни, затоа што, освен животот, нема што друго да изгубат. Сега во прашање се милиони мигранти и само тоа е доволно застрашувачки“, вели Иванов. И додава дека овој бран ќе биде искористен „од сите оние екстремисти и терористи што сега се во Либија, кои ги губат битките на терен и се повлекуваат оттаму за дојдат во Европа“. Претпоставувам дека сепак ќе ја прескокнат Македонија, ако разберат со каква енергија нашиот претседател се справува со безбедносните ризици.
И додека интервјуто со Иванов го води една колешка, во истиот број на „Дневник“ главниот уредник има попаметна работа – потпишува интервју со Петар Гарјаев, еден лик што се претставува како руски генетичар, член на Руската академија на природни науки и основоположник на таканаречената лингвистичко-бранова генетика. Всушност, станува збор за квази-научник достоен за мистичните списанија од типот на „Трето око“ или на телевизиските емисии „Од онаа страна на науката“, кои се занимаваат со киднапирање на летечки бебиња од Хилендар.
Имено, Гарјаев стана планетарно познат пред десетина години тврдејќи дека нашол начин (лек!) да го продолжи човековиот живот на илјада години и дека може да лекува и најтешки болести со помош на звук и фотографии. И мало гуглање ќе покаже дека Руската академија на природни науки, чиј член е Гарјаев, е всушност приватна организација која нема никакви допирни точки со угледната Руска академија на науките.
Токму спротивно, мејнстрим научниците остро ја критикуваат оваа институција поради фактот дека нејзините членови најчесто немаат никаква научна веродостојност и ја промовираат псевдонауката. Тоа секако не го спречува главниот уредник некритички да ги прифати импресивните зборови на неговиот соговорник, па понесен од сопствениот ентузијазам, дури и да праша: „Дали лингвистичко-брановата генетика го објаснува и безгрешното зачнување на Пресвета Богородица и чудото што Исус го направил со оживувањето на Лазар“?
Така некако се комплетира сликата на македонското новинарство денес: малку цинизам за распаѓањето на Унијата, малку повеќе ксенофобија и дискриминација кон другите и сето тоа зачинето со соодветна доза надрилекарства. Совршен пример како од четврта власт се станува деветта дупка.