Неодамна медиумите објавија список на 27 именувани функционери, раководители, директори, заменици директори на разни државни агенции, управи, затвори, јавни акционерски компании итн. Медиумите, барем оние што јас имав можност да ги видам, главно се занимаваа со имињата на именуваните функционери, сите од кадровската листа на ДУИ, а никој или речиси никој не се позанимава, на пример, со бројот на агенциите и управите и воопшто со потребата од нивно функционирање во толкав број.
Ете, повеќето од медиумите најдоа за потребно да го коментираат името на адвокатот на обвинетите за случувањата во Диво Насеље, Бујар Дардишта, кој се најде на оваа кадровска листа, а ниту еден, барем не од оние што јас имав можност да ги видам, не се запраша што е тоа „Оддел за чување книги“, каде што, според нивните информации, Дардишта е назначен за директор.
Никој не се сети да се јави кај владиниот портпарол или кај некој од оние бројни службеници, задолжени за транспарентност на Владата и за информирање на јавноста. Никому не му падна на ум да праша какви книги чува Владата, каде ги чува и од кого ги чува. Никој не праша дали станува збор за Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ или за Архивот на Република Македонија, на пример.
Со оглед на фактот дека сите медиуми што ја пренесоа оваа вест, како извор наведоа други овдешни медиуми и портали што објавуваат на албански јазик или го наведоа Фејсбук-статусот на високиот функционер на ДУИ и вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор, Хазби Лика, кој така им ги честиташе функциите на своите сопартијци, лесно беше да се поверува во овдешната вообичаена медиумска состојба, наречена „изгубени во преводот“.
Главна задача на Одделот за чување книги е токму тоа – да ги чува книгите случајно, не дај Боже, да не дојдат во рацете, пред сѐ на партиските и државните функционери, новинарите, докторите на науки, авторите на отворени писма и воопшто на сите оние кои денес се нарекуваат интелектуалци и интелигенција
Од друга страна, ниту владиниот портпарол, ниту некој од оние бројни службеници, задолжени за транспарентност на Владата и за информирање на јавноста, ниту кој било друг не најде за потребно да ги демантира наводите за постоење на фамозниот „Оддел за чување книги“. Во тоа светло, а особено по случувањата со полицајката што се „самоповредила“ удирајќи се во возилото на „пајак-службата“, односно по вербалниот напад врз неа од страна на функционерот на ДУИ, Беќир Асани, лесно може да се помисли дека ненамерно е откриена најголемата тајна на функционирањето на македонските влади – Одделот за чување книги!
Замислувам дека е скриен во некој огромен бункер, веројатно на Кале и дека е преполн со книги што ги чуваат добро обучени војници, со кои командува супер тајниот агент Бујар Дардишта. Главна задача на овој добро обучен одред на чувари на книги е токму тоа – да ги чуваат книгите случајно, не дај Боже, да не дојдат во рацете на овдешниот народ, пред сѐ да не стасаат до партиските и државните функционери, новинарите, докторите на науки, авторите на отворени писма и воопшто на сите оние што денес се нарекуваат интелектуалци и интелигенција.
Кога човек ќе погледне кој сѐ е тука доктор на науки, кој сѐ е тука новинар, актер, уметник, научник…, не може, а да не оддаде признание на ефикасното криење на книгите од оние на кои тие им се главно орудие
Колкав и да е бункерот, неговиот капацитет е сепак ограничен, па голем дел од книгите, под закрилата на ноќта, се спалуваат како карциноген отпад во печките во Дрисла, во некогашна Железара, во топланите и на други тајни места, што, пак, го објаснува феноменот на загаденоста во државата.
Нешто слично како во дистопијата на Реј Бредбери „Фаренхајт 451“ и овдешните властодршци добро процениле дека книгата е најубиственото оружје против власта и нејзините глупости. И затоа е создадено тоа фамозно Одделение, наречено Оддел за чување книги. И морам да кажам дека работат мошне ефикасно и ефективно. Кога човек ќе погледне кој сѐ е тука доктор на науки, кој сѐ е тука новинар, актер, уметник, научник…, не може, а да не одаде признание на ефикасното криење на книгите од оние на кои тие им се главно орудие.
На крајот од краиштата, овој Оддел објаснува и зошто нашите ученици се секогаш на дното на светските листи по својата функционална (не)писменост. Тој (Одделот) објаснува и зошто во суштина сме пренатрупани со погрешни книги и книги полни со грешки. Затоа што оние вистинските се чуваат некаде длабоко под земја и Дардишта и неговата екипа не дозволуваат никаков допир со нив.
А тоа дека Бујар Дардишта е навистина избран за в.д. директор на Управата за водење на матични книги не треба никого да збуни. Тоа е само кринка за најголемата тајна на македонското партократско владеење.