„Војводата“ Тачи си даде оставка на лидерската функција во ДПА, Ахмети се вари на тивок оган, Заев се раздолжува од градоначалничките обврски, општините ги откажуваат новогодишните прослави, а Груевски штотуку прими серија исклучително „јаки шамари“ од Фондацијата на сестринската ЦДУ.
Сето ова наликува на предвесник за голем потоп на владејачката елита, во кој најмал проблем е што лидерските функции од вечно зимзелени може да станат неотповикливо листопадни. Овие лисја не паѓаат по сила на календарот туку на изборните резултати.
Но, најголемиот проблем за Груевски е што маските почнаа да се распаѓаат, митовите да се уриваат и лагите да се гушат секаде каде што не стигнува долгата рака на неговата пропаганда. За намалување на болката од „шамарите“ од „Конрад Аденауер“ не помагаат старите проверени методи – хакирање на интернет страницата на Фондацијата или нејзино експресно прогласување за Соросов продукт. Таа приказна ќе заврши како чергиче за бришење пред вратата на ЦДУ.
Анализата на Јоханес Реј е тешката кнедла која Груевски сега ќе мора да ја проголта без да се повика на извршителноста на Ќосето-Касапот. Притоа, слободно може да го колне денот кога реши да го обзани скандалозниот Проглас со кој навести војна со целиот свет и го потврди неговиот „државнички“ капацитет.
Анализата на Јоханес Реј е тешката кнедла која Груевски сега ќе мора да ја проголта без да се повика на извршителноста на Ќосето-Касапот
Груевски, кој досега покажуваше голем инстинкт за преживување во речиси невозможни ситуации, кој постојано беше два чекора пред претпоставените потези на другите партии, и кој секогаш имаше по три резервни варијанти за секоја можна ситуација, овојпат го направи она што не го направија ни шрапнелите од 38-те „бомби“ на Заев кај 455-те илјади гласачи на ДПМНЕ. Груевски со својата партиска „бомба“ сам се разнесе на јавна сцена.
Се покажа фатално тоа што на заклучоците од партискиот Извршен комитет им даде институционален печат, а институциите кои постапуваат по приговори за изборни нерегуларности ги поистовети со „зелена маса“. Со тоа докажа пред меѓународната заедница (и нејзини претставници кои се мешале во внатрешните работи на Македонија) дека тој најмногу ги измешал работите.
Дека е последниот лидер од кој може да се очекува дека ќе ја одвои партијата од државата, дека е последниот кој ќе работи на создавање функционални државни наместо партиски институции, и дека е последниот кој ќе ги намали тензиите во општеството со Проглас кој води кон нови поделби и укинување на граѓанскиот сектор под параванот на „реформи“.
Груевски кој досега не рефлектираше никаква автентична идеологија туку само суров прагматизам, целосно се закопа со тој еден кус пропагандно-идеолошки трактат, дотогаш типичен за некои негови сопартијци кои со слични анахронизми го покриваа недостигот од личен капацитет за партиски и јавни функции.
И какво значење има сега прегласувањето во Теарце? И да не изгуби пратенички мандат, Груевски веќе изгуби сѐ. И повеќе од тоа.
Минатата сабота, качен на некаква гајба или не знам на што, пред зградата на некогашниот гигант НИП „Нова Македонија“ во кој денес не се призведуваат весници туку приговори и одлуки на ДИК, а пред зградата греана ракија, „ноќ на ножеви“ и ад-хок говори за ад-хок тешење на членството, на тоа место, Груевски себеси се помножи со нула, а го помножи со нула и неофицијалниот и неконечен изборен резултат од освоени 51 пратенички мандат.
По одлуката за аболиција на Иванов со која тој ги скандализираше и домашната и меѓународната јавност, Прогласот на Груевски е вториот пресвртен момент со барутно полнење од необјаснива ирационалност. Освен што јавно се самоуби, и ги закопа шансите понатаму да го третираат како сериозен политичар, тој во најголема мера ги потврди и со свој потпис ги верификуваше сите аргументи поради кои опозицијата тврдеше дека неговиот режим мора да падне.
По некоја временска дистанца, кога ќе проговорат и луѓето и архивите во најголемиот бункер во современа Европа – партиското седиште на ДПМНЕ, ќе дознаеме дали тој бил идеен творец на Прогласот или насанкан на тенок мраз од некои партиски браќа и сестри.
Бидејќи и едното и другото говорат за лидерски поткапацитет и губење чувство за времето и реалноста, другите непознати детали не ја обезвреднуваат суштината на фактот дека последниот чекор кон промените, постизборно, свесно или несвесно, го завери – лично Груевски!
Кој било од овде да каже дека „последните денови на Груевски се пример за недемократско однесување пар екселанс“, веднаш ќе добие партиска етикета.
И затоа е добро што „шамарот“ за освестување доаѓа од сестринска партија. Јоханес Реј не можат да го сместат ни во СДСМ, ни во друга опозициска партија.
По одлуката за аболиција на Иванов со која тој ја скандализираше и домашната и меѓународната јавност, Прогласот на Груевски е вториот пресвртен момент со барутно полнење од необјаснива ирационалност
Смешно е и да му реплицират со оние 455.000 гласачи. Кога авторот констатира дека „народот одлучи“, зборува за вкупниот контингент гласови дадени за промени, а чиј сигнал и волја Груевски ги игнорира. Во прашање е етика, а не само математика. Односно, дали некој има чувство за одговорност кога е поразен во морална смисла, и дали еднаш ќе разбере дека „демократијата мора да поднесе и спротивно мислење“.
Во тој поглед сум песимист. Со ниеден чекор не покажуваат дека партијата се отрезнува од скандалозните потези и дека ќе се коригира. Доказ за тоа е и односот кон Теарце. Го бојкотираат прегласувањето и нема да ги признаат резултатите од него, а се растрчани низ селото. Медиуми известуваат дека обидите за поткуп достигнале до цена од 5.000 денари по глас. Демек, „гроф није циција“.
Играта со такви суми и методи само го покажува разочарувачкиот податок – дека два века ништо не се сменило на овие простори. За вакви нешта пишувал и игуменот Кирил Пејчиновиќ, роден во Теарце во далечната 1771 година.
Минатиот месец беа одбележани 200 години од неговата книга „Огледало“, објавена 1816 година во Будим, чиј втор дел го сочинуваат беседи во кои поучува, но и остро го критикува бесчестието, невоздржаноста и примитивноста. Го критикувал и однесувањето на нечесните попови. Да живеел во денешно време сигурно би бил прогласен за „соросоид“.
Огледалото кое го користи Пејчиновиќ како „средство“ за да го прикаже одразот на она што се огледува во него, и денес рефлектира иста слика како пред 200 години – тензии и поделеност. Пред два века игуменот ги поучувал луѓето: „…да живуемо како браќа, еден за другаго да се молимо, еден другаго да жалимо, еден другому да помажемо, еден другому тежина да носимо…“
Ние денес не слушаме ваква „музика“. Слушаме за ножеви, за елиминации, за крстови, за смрт, но нема ниту еден глас сличен на овој на Пејчиновиќ, кој ќе повика на разум и разбирање.
Во денешново огледало не ги гледам ни верските поглавари да кажат збор-два на оваа тема, да прекорат, да поучат, да повикаат на мир и разбирање. Но, гледам некои од нив како редовно ги угостуваат на празнични ручеци државните пропагатори на Ќосето-Касапот. Веројатно и тие радо би го скршиле огледалото на Пејчиновиќ, верувајќи дека така ќе ја снема и грдата слика за нив.
Кој не сака да ја види реалноста, си ја одзема шансата да ги надмине грешките и да се промени. Ако „Огледалото“ не им врши работа, на располагање им е „Утешение грешним“, од истиот автор.
За почеток тоа би било доволно.