Сензационализмот е спротивност на новинарството, затоа што една од основните задачи на новинарството (и на новинарот) е да ги штити интересите на јавноста, а тие најчесто не само што не се идентични со интересите на газдите туку се во дијаметрална спротивност.
Го отвори телевизорот и не можеше да верува што виде… Сакаше да прочита весник и видете што му се случи… Отворил интернет и она што му се случило го стаписало светот…
Ова се само парафрази на најчестите наслови што можат да се прочитаат на нашите интернет портали. Сензационализмот не е ниту нова, ниту невообичаена појава во новинарството, па ни во овдешното, но преплавувањето со сензационални „вести“, поточно нивната доминација на медиумскиот простор, секако е феномен кој заслужува внимание, пред сѐ поради последиците што ги остава врз општествената психологија и воопшто врз однесувањето на групите, а преку нив и на индивидуите.
Во психолошка смисла сензација е реакција предизвикана од дејствувањето на надворешниот свет. Станува збор за настан или новост која кај луѓето предизвикува општо внимание и голема возбуда. Сензационализмот е, значи, целно испровоцирана реакција на јавноста, предизвикана од интригантни наслови на, по дефиниција, нецелосни и непроверени информации.
Површниот или површинскиот пристап кон сензационализмот ќе ја протолкува оваа појава како „битка за насловната страница“, односно за „кликови“ или „отворања“ кај новите медиуми. Иако е ова, велиме, површно гледање на работите, тоа не значи дека е неточно. Напротив. Круцијалното прашање е зошто мора некоја информација да има многу „кликови“ или „отворања“?
Од правото на граѓанинот да биде информиран произлегува и правото на слобода на печатот, а од слободата на печатот, како од некоја искривена диоптрија, произлегува и сензационализмот
Затоа што поголемата „присутност“, така барем се мисли, носи повеќе пари, повеќе влијание и со самото тоа поголема моќ. Кому? На јавноста? На медиумите? Не, се разбира. На газдата. Во таа смисла, сензационализмот е спротивност на новинарството, затоа што една од основните задачи на новинарството (и на новинарот) е да ги штити интересите на јавноста, а тие најчесто не само што не се идентични со интересите на газдите туку се во дијаметрална спротивсност.
Од правото на граѓанинот да биде информиран произлегува и правото на слобода на печатот, а од слободата на печатот, како од некоја искривена диоптрија, произлегува и сензационализмот. Токму оттука оние земји што ги сметаме за цивилизирани се обидуваат и етички и нормативно да го решат овој проблем.
Британскиот кодекс за однесување на новинарите, меѓу останатото, прецизира дека „фактите не смеат да се фалсификуваат со искривување, избор и погрешно претставување“. Белгијците инсистираат дека „медиумите и новинарите не смеат да подлегнат на надворешни притисоци“. Во програмата на британската комисија за телевизија се разгледува кршењето на нормите на добриот вкус и пристојност, на приватноста при собирање информации, во што е вклучена и драматизацијата на вистинските настани итн.
Што (и како) ќе биде пласирано е прашање на етиката и на професионализмот, а прашање на законодавството е што од тоа ќе се санкционира. Иако изгледа како минорен проблем, сензационализмот е сѐ, само не појава што треба да се игнорира. Ова може да се смета и како укажување, совет, па и насока во долгите и мачни преговори околу новата медиумска регулатива.
Значи, не се само парите она што го води новинарското битие кон сензационалистичко откритие. Преку овој тип новинарство најлесно се манипулира јавноста. Се формира нејзиниот вкус, поточно невкус, се дефокусираат вистинските и егзистенцијални проблеми и, на крајот од краиштата, наместо мислечка јавност, се создава една аморфна маса, која лесно може да се моделира и насочува.
Затоа може и да се случи да се воодушевуваме и возбудуваме, на пример, од фактот дека еден опозиционен лидер гостувал на една приватна телевизија. Или да останеме рамнодушни од јавиот настап на еден лидер на владејачка партија, кој јавно ќе се закани дека опозицијата ќе ја истера „на клоци“ од политичкиот живот.
Сензационализмот не ја претвора само информацијата во евтина забава – Американците веќе смислија термин за ваквиот начин на информирање: infotainment, сложенка од информација (information) и забава (entertainment) – туку политиката ја сведува на политикантство. Ако политиката е вештина на уредување на општествениот живот, политиканството е сурогат за демократијата, менување на општествените за лични интереси.
Не се само парите она што го води новинарското битие кон сензационалистичко откритие
Сето тоа полесно се голта, ако е прелиено со сладникавиот сензационалистички шербет. Така ќе проголтаме дека Европската унија, САД и целиот останат свет се против нас, дека сме колевка на цивилизацијата и, конечно, дека оние ликови што се претставуваат како експерти се навистина паметни, а не потпросечни манипулатори.
И тука повторно доаѓаме до клучниот проблем – проблемот на слободните медиуми. Постојат ли воопшто во оваа транзиција слободни медиуми? Каква е позицијата на медиумите кон државата, а каква е на државата кон нив? Кои се луѓето од сенка што ги диктираат правилата на играта? Кој ѝ „наредил“ на уредничката на приватната телевизија да го интервјуира опозицискиот лидер?
Овие прашања немаат (засега) одговор. Поточно имаат, само што одговорите не се достапни за ушите на јавноста. Но, оној момент кога медиумите ќе почнат да одговараат на вистинските прашања, тогаш навистина ќе се шокирате од она што ќе го прочитате.