Шетаат партиски функционери низ центарот на Скопје и им делат изборен материјал на минувачите.
„Ќе ја биде ли работата до 2030 година?“ – прашува граѓанин, додека му подаваат од флаер со лик на претседателски кандидат.
„До 2030-та сигурно ќе бидеме во ЕУ“, како од пушка одговара функционерот.
„А уште нешто да прашам, се знае ли мостов Беласица кога ќе го пуштат комплетно?“ – упорен е граѓанинот.
„E тoa е знам, ама ќе биде кај и да е“, вели партискиот функционер.
И навистина, од каде да знае. За ЕУ е лесно да се прогнозира. Ако се промаши прогнозата, секогаш некој друг ќе биде виновен. „Кај и да е“ си останува традиционален термин за домашните неисполнети ветувања, бидејќи секогаш постои играта со (не)надлежноста или кој требало прв да ја заврши работата.
Така и со мостот. Додека трепнеш – поминала една година откако беше оштетен во пожар.
„Кај и да е“, на 12 мај, кога согласно уставните и законските рокови треба да биде инаугуриран новоизбраниот претседател на државата, ќе измине „само“ една година од пожарот на мостот, кој ја зафати и електричната инсталација и топловодот преку кој се испорачува топлинска енергија во грејната сезона. Прво беше целосно затворен, па во септември беше пуштена по една лента во двата правци за лесни возила. А кога ќе биде комплетно саниран, никој не знае.
„Кај и да е“, се очекува да заврши и рехабилитацијата на 11 километри од автопатската делница Катланово – Петровец, која трае речиси колку еден претседателски мандат. Од ресорот транспорт ја „книжат“ како да трае 3 години, ама тие што ја поминуваат секојдневно бележат петтолетка. Едната лента лани беше завршена, сѐ уште се работи на втората.
Универзална сала ќе дочекаше и десеттолетка од тетеравењето околу нејзината изградба, но пламенот беше побрз.
Ненаучена лекција
Ако досега владееше неформален, ама комплетен мораториум во однос на сите рокови за изградба на што било, сега за првпат на сцена стапи најава за еден друг вид мораториум, овојпат на ВМРО-ДПМНЕ за нападите кон Левица и ЗНАМ, со цел да се реализира идејата за национално единство против тие што ја киднапирале Македонија од рацете на граѓаните.
Легитимна е опозициската битка против политиките на власта, но никако не може да се смета за „национално единство“, чин кој не ги вклучува сите. Оттука правилниот опис на овој чин е намигнување за постигнување единство за постизборна соработка меѓу посочените партиски субјекти. Покрај потенцијално преферираната соработка со „Вреди“.
ВМРО-ДПМНЕ досега требаше да извлече поука од епизодата со обезбеденото ново парламентарно мнозинство во ноември 2021 година, кога беа сигурни дека „владата на Заев е минато“, а немаа договор во новото мнозинство – што потоа.
Така, во отсуство на договор за натамошните чекори, им се случи пратеник од новото мнозинство да „исчезне“ и обидот за смена на власта остана неуспешен. Денес исчезнатиот е во опозициската коалиција на Албанците, која ВМРО-ДПМНЕ ја типува како иден партнер ако победи на изборите.
Во неа е и опозиционерот Таравари, кој во 80-та минута влезе во владата со критикуваната ДУИ поради разговори со „релевантни фактори“, кои ја нагласиле важноста земјата да остане на интегративниот пат. Истиот Таравари, кој во Приштина требаше да го „охрабрат“ предизборно да се приклони кон опозицијата, навести дека коалицијата ќе биде до избори, а потоа секоја од партиите ќе си тера по својот пат. По кој?
Твојот опонент – мој партнер
Народната поговорка вели: „Ако ме излажеш еднаш, срам да ти е! Ако ме излажеш вторпат, срам да ми е“. Ова особено е важно за начинот на кој се избираат партнерите во политичката битка. Тој мора да се темели на програма и принципи, а не само преку „критериумот“ – твојот опонент е мој потенцијален партнер. Во македонски услови, тоа е брзо менлива категорија.
Се разбира, кај нас се случува и на „ура“, ама во таков случај мора да се вкалкулира можноста на потенцијалните партнери во еден момент пак да им се јави некој „релевантен фактор“, или, пак, нечија сопруга да слушне на ТВ што кажал Макрон за Македонија, па сметката што ја направиле дома да не се совпадне со онаа на постизборниот пазар.
Неизвесноста од такви „сметки без крчмар“ не се компензира со мораториум за нападите врз две партии. Ако под „напади“ се подразбираат анализи и аргументирана критика на нивните програмски определби, дали нивното отсуство би значело дека ВМРО-ДПМНЕ се согласува со програмските определби на Левица и ЗНАМ?
Ако Левица се залага за укинување на трите договори – Охридскиот, Преспанскиот и тој со Бугарија, дали со мораториумот ВМРО-ДПМНЕ ќе го игнорира или ќе го легализира тоа и како свој став? Тоа јавноста мора да го знае. Или мораториумот е чисто макијавелистички – целта ги оправдува средствата?
Кога работите се прават ад хок, од денес за утре, очекувано е што Апасиев си најде бришан простор да ликува „Не верувај им на дпмнејците, дури и кога ти носат подароци“. Или Зијадин Села, кој ќе ја реформираше ДПА, па ја формираше Алијанса за Албанците за да се спротивстави на ДУИ, а денес е и со ДУИ и со ДПА во иста коалиција, сега да прашува – дали албанската опозиција сѐ уште мисли дека ВМРО-ДПМНЕ се реформирало?
Ваков предизборен ролеркоустер во 5 до 12, со нагли убрзувања и искачувања, и уште понагли спуштања низ опасни свиоци, е адреналински пат, ама не кон очекуваниот резултат, туку кон излетување од шини.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија