Оскарите и медот

И Оскарот оди кај… Да, штета е што во овој контекст од оскаровскиот подиум не се слушна насловот на нашиот филм „Медена земја“. Ќе беше тоа едно убаво заокружување на и онака супер-успешниот македонски филмски сон.

Сепак, без никаква намера да го релативизираме најпопуларното светско филмско признание и да бараме некакви нефилмски оправдувања зошто Оскарот нѐ заобиколи, првите впечатоци од неговото 92. издание веројатно заслужуваат мал обид за анализа.

За многумина, ненадејната, би рекле апсолутна победа на (јужно)кореанскиот филм „Паразит“ (најдобар филм, најдобар интернационален филм, најдобра режија и најдобро сценарио) го покажува она речиси неподносливо приближување на естетските вредности меѓу американскиот (англосаксонскиот) и неамериканскиот филм.

Во прилог на оваа теза оди и фактот дека годинава за првпат категоријата „најдобар странски филм“ се преименува во „најдобар интернационален филм“, со образложение на организаторите дека „во странскиот филм повеќе нема ништо странско“. Со оваа логика на извесен начин се губи и онака тенката граница меѓу филмот како уметнички израз и филмот како индустрија за забава, затоа што токму во категоријата „странски филм“ неретко можеше да се протне вистински филмски бисер, толку редок во американскиот филмски мејнстрим. А „Медена земја“ може да биде сѐ, само не може да биде американски филм!

Во таа смисла, Оскарот, колку и да ни изгледа привлечно, не е одраз (само) на уметничкиот впечаток што едно филмско дело го остава, туку многу повеќе на севкупната филмска индустрија и на шоу-бизнисот, воопшто. Затоа врачувањето на Оскарите е најгламурозната забава на светот и затоа „црвениот тепих“ тука има речиси подеднакво значење како што имаат и оценките на Американската академија за филм.

„Медена земја“ е независна продукција, надвор од какви било осмислени стратегии на државата. Таа, со еден збор, е инцидент во македонската култура, и тоа претежно „истеран“ на мускулите на авторскиот тим

Од друга страна, „Медена земја“ ги освои речиси сите еснафски награди, како и речиси сите клучни признанија во нивната категорија, со што широко ги отвори вратите, не само за авторите на филмот, туку и за целокупната македонска кинематографија.

Можеби има уште некој што се сеќава на единствениот југословенски Оскар, добиен за анимираниот филм „Сурогат“ на Душан Вукотиќ (1961). Таа година во Југославија заврши Нобеловата награда за литература (Иво Андриќ), а „Сурогат“ стана првиот неамерикански анимиран филм, добитник на Оскар.

Ова признание имаше клучна улога во препознавањето и развојот на таканаречената Загрепска школа на цртаниот филм, која, пак, изврши огромно влијание врз севкупниот тогашен анимиран филм. Ако сакаме да бидеме искрени, врз крилјата на Загрепската школа на цртаниот филм, нешто подоцна се редеа и најголемите успеси на македонскиот анимиран филм (Дарко Марковиќ, Петар Глигоров…).

Без оглед на отсуството на Оскарот, не гледам причина зошто и овој пат да не се препознае една македонска школа на документарниот филм. Македонија, на овој или на оној начин, има традиција на документарни филмови. Да не заборавиме, во 1979 година „Дае“ на Столе Попов беше номиниран како југословенски кандидат во категоријата „најдобар кус документарен филм“. А, еве, сега гледаме дека имаме и талент, а богами и знаење. Она што го немаме или барем досега го немавме е токму знаењето за она што го имаме.

Културата конечно треба да го добие она место што го заслужува. Тоа ќе биде добро за сите нас. А половина од тоа ќе му дадеме и на светот

Она што е битно да се каже во овој контекст е дека „Медена земја“ е независна продукција, надвор од какви било осмислени стратегии на државата. Таа, со еден збор, е инцидент во македонската култура, и тоа претежно „истеран“ на мускулите на авторскиот тим. Тешко, навистина тешко може да се очекува дека овој тип инциденти кога било и каде било можат да станат правило. Особено не кај нас.

Со ова, се разбира, не мислам дека државата треба да почне да се меша во независната култура. Напротив. Таа треба само да си ја работи својата работа – да ја финансира живата култура, особено независната културна сцена.

 Не мора тука да се набројуваат сите позитивни ефекти што еден инцидент (макар тој се викал и „Медена земја“) ги има како импакт во нашето општествено ткиво, ама замислете (велам, само замислете), какви уметнички дострели ќе имавме ако парите за покер-апарати за Државната лотарија се пренаменеа во живата култура.

На крајот на краиштата, не е небитно што ова разединето општество стана единствено токму околу проектот „Медена земја“. Не е небитно ни тоа што овој проект е мултиетнички по сите основи (автори, протагонисти, употребувани јазици…), а, сепак, е исклучиво наш, домашен производ и сите го чувствуваме како свој. А од друга страна, сите ја разбираме неговата универзалност.

Не е небитна ниту неговата актуелност, односно откритието дека можеме да одговориме на барањата на времето. Не е небитна ниту неговата едукативна вредност, фактот дека одеднаш почнавме да се интересираме за нечии животи, за некои круцијални прашања, па дури и за филмската уметност како таква.

А можеби најбитно е тоа што на бранот на „Медена земја“ многу деца и многу млади ќе започнат да ги раскажуваат своите приказни и ќе почнат да се докажуваат во светот „како поле за културен натпревар меѓу народите“, а не преку целосно изместениот партиски систем на вредности.

Во ред, спортот можеби има поголема општествена кохезивна сила од уметноста или од живата култура, меѓутоа резултатите од уметничките и од културните дострели секогаш биле и се подалекусежни од оние во спортот. Тие се секогаш повлијателни врз општествената свест отколку каков било спортски резултат.

Ова не значи дека не треба да се вложува во спортот (се разбира и тука со соодветна стратегија), туку значи дека културата конечно треба да го добие она место што го заслужува. Тоа ќе биде добро за сите нас. А половина од тоа ќе му дадеме и на светот.

И затоа Оскарот оди кај… „Медена земја“.