Регион

Поранешен српски борец ослободен од обвинението за убиство на тинејџерка

Окружниот суд во Загреб,  го ослободи Драган Чавиќ, поранешен паравојник на Република Српска Краина, од обвинението дека извршил воени злосторства над цивили во Петриња, во јули 1993 година.

Во обвинението се тврди дека Чавиќ и други припадници на неговата единица, на 16 јули 1993 година, во Петриња, на десниот брег на реката Купа, кој го држеле српските бунтовнички сили, отвориле оган кон левиот брег, кој го држеле хрватските сили.

При тоа била убиена 19-годишната Зринка Гмаз, која пливала на левата страна на реката, додека нејзиниот брат и братучед биле тешко ранети.

Но, судијката, Јадранка Кос, изјави дека нема доволно докази за да се осуди обвинетиот Чавиќ, кому му се судеше во отсуство, бидејќи не живее во Хрватска.

Кос објасни дека судијата на Окружниот суд во Сисак, кој тој ден излегол на местото на настанот, побарал од мировниците на ООН да ја обезбедат локацијата.

Но, тие го одбиле тоа, поради што нема материјални докази од местото на злосторството.

„Неспорно е дека инцидентот се случил и дека Зринка Гмаз била убиена“, рече судијата Кос, пренесуваат хрватските медиуми.

Сепак, таа додаде дека изјавите на расположивите сведоци и исказите на сведоците кои во меѓувреме починале, не утврдиле кој бил одговорен за пукањето.

Чавиќ, за наводните воени злосторства, беше сослушан во судот во Бања Лука, Босна и Херцеговина, во 1993 година, при што негираше дека сторил нешто незаконско.

Хрватската невладина организација, Документа – Центар за справување со минатото, ја критикуваше хрватската практика на одржување судења во отсуство.

Документа, во своето соопштение објавено на нејзината интернет страница во петокот, нагласува дека ваквите судења им нудат „недоволна сатисфакција на семејствата на жртвите“ и апелираше судењата да се одвиваат во оние земји, во кои обвинетите живеат.