Основна иновација

Несреќата сакаше Македонија да ја потврди својата солидарност токму во деновите кога одново се потсетува колку било важно некој да ти подаде рака, ако цел еден град ти се претворил во урнатини. Поликлиниката „Букурешт“, улиците „Атинска“, „Финска“ „Њуделхиска“, „Мексичка“, „Алжирска“… и ред други немо сведочат од кои земји и градови стигнувала помош за Скопје.

Зад тие имиња се кријат многу поголеми приказни од она што може да се изрази во бројки на доставени единици крв, ќебиња, шатори, лопати, монтажни бараки, храна…

Од земја и град, кои знаат што значи природна катастрофа, не само во случајот со земјотресот, туку и по страотните поплави што го зафатија Скопско пред две години, не се очекува ништо помалку од она што го направи Владата: интервентна помош за Грција (од шест милиони денари) и дополнителна помош што би била испорачана во консултации со Атина. Тука е и помошта од Град Скопје од еден милион денари, исто толку и во опрема, како и бројни донаторски акции во општини, кафулиња, хуманитарни организации…

Тоа е вистинското лице на Македонија – пријателска и солидарна. Тој лик не може да го нарушат индивидуални и крајно нечовечки ликувања за „заслужена судбина“ што ги стигнала нашите соседи. За кого разговараме? За невини жртви, како шестмесечно бебе, за деца, родители, за луѓе кои немаат ништо со крвавата историја на овие балкански простори во минатото. Никој од нив не е должен да плаќа „цех“ за времињата во кои војните и страдањата никому не му донеле ништо добро, вклучително и на оние што ги почнале.

Заслепените од омраза треба да се сетат дека не беше постигнат никаков договор меѓу Македонија и Грција, ниту имаше каков било почеток на поблиски контакти, кога од Грција стигна помош за поплавените села во Скопско, и тоа она што најмногу беше потребно во моментот: преносливи пумпи и генератори. Потоа и сѐ друго.

Нема да прашувам колку од контаминираните со омраза можеби ја исфрлиле водата од домовите токму со тие пумпи, или со грчка донација купиле парче мебел, апарати за домаќинство… Солидарноста не доаѓа со национална етикета, туку со мисија да помогне.

Катастрофите немаат навигациски систем за да таргетираат одредени земји, за на тој начин да исправаат „криви-дрини“ за некакви историски епизоди. За среќа, ваквото слепило и злоба егзистираат само на маргините, на дното, во еден талог, кој тоа и ќе остане, задушен од сопствената деструктивност.

Но, тоа што не смее да остане задушено и оставено на маргините, е свеста за насоката во која треба да се движат македонцките работи, драматично поразлична од онаа што ја осудувавме претходно. Посветеноста на тие работи бара искрено преиспитување: Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Заслепените од омраза треба да се сетат дека не беше постигнат никаков договор меѓу Македонија и Грција, ниту имаше каков било почеток на поблиски контакти, кога од Грција стигна помош за поплавените села во Скопско, и тоа она што најмногу беше потребно во моментот: преносливи пумпи и генератори

Случајот со Фондот за инвестиции покажа дека однапред не било направено сѐ, штом некои одлуки мораа да се рикверцираат на општа штета: и на протагонистите, и на довербата на јавноста. Прозваните политичари за судир на интереси се откажаа од средствата, но остана впечатокот дека се случило непопуларното АПП (ако помине-помине!) Останатите, ни криви ни должни, треба да се правдаат зошто ги добиле средствата.

И ова ќе се повторува, ако и натаму не се постават клучни критериуми: барање до компаниите да ја декларираат сопственичката структура, односно евентуален судир на интереси. Така никој нема да биде осомничен дека нешто сокрил.

Транспарентноста не треба да следи отпосле, туку да им претходи на процесите. Ете, тоа нека биде првата бесплатна и основна „иновација“ што ќе ја воведеме, која во демократскиот свет кон кој се стремиме одамна е услов без кој не се може.

Така, ни премиерот не ќе мора од оган да вади врели костени кој не ги наместил на „печење“, ниту да биде боксерска вреќа, која на себе ќе ги собира ударите за сѐ и сешто. Ниту ќе мора да објаснува зошто не може да се откаже од некои свои соработници.

Анѓушев, нека е и најдобар вицепремиер за економија на светот, тоа не само што не го ослободува од обврската да научи повеќе за демократските процедури, туку треба и да предничи во нивното промовирање. Да, неговите партнери не би требало да трпат поради неговата функција и да бидат дискриминирани, но морале да пријават дека нивен партнер е вицепремиер.

Така и комисиите што одлучуваат нема да гледаат на „гравчиња“, туку ќе имаат јасна слика кој аплицира, ќе си проверат во законот дали има проблем, ако има – ќе го елиминираат апликантот, ако нема – ќе му доделат средства. И однапред ќе се знае кој конкурирал, кој ги исполнил условите и кој влегол во потесен избор. Ако вака се постават работите, никого нема да го боли глава, ниту јавноста ќе се чувствува измамена. 

Вакви епизоди не се потребни во овој политички сензитивен период, кога власта се обидува да ја објасни важноста од успешен референдум. Поради пропусти во процедурите, кои потоа продуцираат впечаток за делење државни средства по партиски и пријателски линии, тежиштето на референдумот може драматично да биде изместено, ако граѓаните се изјаснуваат, но не за да ја поттурнат земјата кон ЕУ и НАТО, туку за да ја поттурнат власта од позициите поради сето она што го изнервирало во претходниот период!

Рефрендумското прашање ни случајно не смее да стане жртва на таков афект.

Анѓушев, нека е и најдобар вицепремиер за економија на светот, тоа не само што не го ослободува од обврската да научи повеќе за демократските процедури, туку треба и да предничи во нивното промовирање

Јасно е дека по големите успеси во деблокирањето на македонските интеграции, власта очекува поддршка, и верува дека еден-два тендера не можат да бидат причина за прекин на „хемијата“ меѓу неа и мнозинството што ги поддржува интеграциските процеси.

Но, не треба да заборави еден ноторен факт: власта влезе во втора година од мандатот, а граѓаните цели три децении чекаат да видат правда, правичност, чесност и повеќе немаат трпение да гледаат стари грешки во ново руво. Трпението им е „на резерва“. Може утре да дебатираме зошто токму во овој момент сите станале толку нестрпливи и недоверливи, а молчеле цели десет години, но таа дебата сега нема да помогне.

Граѓаните не знаат какви напори се вложени за нивната земја да биде деблокирана на патот кон ЕУ и НАТО. Немаат претстава колку се тешки преговарачките процеси. Но, знаат дека 160.000 или 200.000 евра се пари што не можат да ги заработат во својот животен век. И стануваат чувствителни ако некои ги добиле во процедура, која не ги вклучила сите услови што ќе елиминираат сомнежи.

Секако, дел од реакциите се темелат и на завидливост, злоба и планирани опструкции, но оние реакции кои искрено и аргументирано инсистираат на јасна процедура – треба да се прифатат.

На крајот, власта треба да разбере дека луѓето реагираат и од една многу едноставна причина: не сакаат поради еден-два тендера да бидат прокоцкани огромните меѓународни успеси на Владата реализирани за само една година, бидејќи токму тие тендери може да станат „процеп“ низ кој некои деструктивни сили ќе се обидат повторно да се вратат на власт.

Актуелната власт не смее да отвора и остава такви процепи. Пенкалото со кое беше победен режимот, пенкалото со кое Заев го потпиша протоколот за пристапни преговори со НАТО, мора да заигра и на домашен терен. Да го испише големото „Не“ пред какви било можни злоупотреби. Тогаш сите акламативно ќе му речат „Да“.