Оставка од форензички причини

Некаде во ноември 2013 година, латвиската влада, на чело со премиерот Валдис Домбровскис, поднесе неотповиклива оставка. Некогашниот министер за финансии Домбровскис (2002-2004) ја презеде владата во февруари 2009 година, по оставката на неговиот претходник Иварс Годманис, кој ќе остане запомнет по најголемата економска криза во историјата на Латвија. За разлика од него, Домбровскис се смета за творец на латвиското економско чудо. До своето повлекување, земјата бележи економски и финансиски просперитет, а премиерот е уште двапати избиран на таа функција. 

Оставката следи само неколку месеци пред европарламентарните избори, една година пред парламентарните и среде преговорите за влез на Латвија во еврозоната. 

Причината за оставката на најуспешната латвиска влада е рушењето на покривот на супермаркетот „Максима“ во Золитуде, практично предградие на главниот град Рига, при што животот го загубија 54 лица, а повредени беа уште 41 лице. Несреќата се случила на 21 ноември 2013 година, во 17.41 часот по локално време, а оставката на владата се случува на 27 ноември таа година. Таа е резултат на шпекулациите за корупција и небрежност при давање употребна дозвола на зграда со фатални грешки во конструкцијата. 

Истрагата за случајот трае малку повеќе од една година, на судскиот процес 2015 година обвинети се девет лица, а со пресудата од февруари 2020 година (речиси седум години по несреќата), главниот инженер Иварс Сергетс е осуден на шест години затвор.

Изјавата на премиерот Зоран Заев дека за оставките ќе решава врз основа на резултатите од истрагата мораме да ја оквалификуваме, најблаго речено, како несоодветна. А богами и како притисок врз истражните органи. 

Во меѓувреме, латвискиот парламент формира сопствена истражна комисија за случајот. Во финалниот извештај, објавен на 27 ноември 2015 година (две години по несреќата и по оставката на латвиската влада), се наведуваат седум лица како политички и морално одговорни за трагедијата. Тоа се: поранешниот премиер Валдис Домбровкис, бившите министри за економија Артис Кампарас и Даниелс Павлутс, бившите секретари во Министерството за економија Анријс Матис и Јурис Пуце, градоначалникот на Рига Нилс Ушаковс, како и главниот архитект на Рига Ингус Вирцавс.

На почетокот на мај годинава, ирачкиот министер за здравство Хасан ал-Тамими дава оставка на својата функција како резултат на пожарот во ковид-болницата „Ибн ал-Катиб“, во главниот ирачки град Багдад. Во повеќечасовниот пожар што избил ноќта на 24 април, загинале 82 лица, а преку сто се повредени. Оставката на министерот доаѓа набргу по препораката на владиниот кабинет да се формира независно истражно тело што ќе ја истражи несреќата, како и по одлуката за смена на болничкиот менаџмент и препораката за привремена суспензија на багдатскиот гувернер и на министерот за здравство. 

Како причина за пожарот се наведува експлозија на резервоар за кислород. Во времето на експлозијата, Ирак има забележано преку милион случаи на ковид-19, најмногу од сите арапски земји.

Се разбира дека овие примери се наведуваат во контекст на тетовската трагедија и понудените оставки, но не како правило што треба да се следи, туку повеќе како искуство. Конечно, без оглед што и како мислиме за моралната одговорност и оставките, Македонија нема толку сиромашна традиција на ова поле колку што се мисли. Некои од оставките се давани од морални прични, а некои од сосема други.

Деновиве, најчесто се споменува случајот на некогашниот министер за транспорт и врски Антони Пешев, кој поднесе оставка по двете катастрофални авионски несреќи, оние на „Палер“ и на „Авиоимпекс“. 

Меѓутоа, иако според функцијата е многу „потешка“, ретко кој ја споменува оставката на тогашниот „непартиски“ премиер Хари Костов (од 2 јуни до 15 ноември 2004), веројатно затоа што причините за оставката за јавноста не беа доволно или не беа воопшто видливи. Во секој случај, неговата оставка не може да се сведе под „морална одговорност“, туку повеќе како сознание на „краткотрајниот“ премиер дека повеќе и подобро се снаоѓа во банкарското менаџирање, отколку во политичкото.

Инсистирањето истрагата да ги даде првичните резултати во рок од нецели десетина дена, и тоа од страна на премиерот, влегува во доменот, или на целосно неразбирање на работите, или на замајување на јавноста до некоја следна тема

И во владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ имаше, сега веќе подзаборавени, повеќе министерски оставки. Вицепремиерот за европски прашања во владата на Никола Груевски, Ивица Боцевски, во јуни 2009 година поднесе неотповиклива оставка со образложение дека неговиот придонес во „актуелната влада е целосно исцрпен“, што во поттекст се читаше како политичко несогласување со политиките на тогашниот премиер. На крајот на август 2015 година, оставка од лични причини поднесе министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Оставката следеше откако министерот го приведе до крајот спојувањето на тогашните телекомуникациски оператори ВИП и ОНЕ, тогашни подружници на групацијата Телеком Австрија и на групацијата Телеком Словенија. Групацијата Телеком Австрија (сегашна А1), претходно го откупи и кабелскиот оператор „Близу“, а некогашниот министер Иво Ивановски, стана еден од нејзините главни директори, со седиште во Софија, Бугарија.

Македонија, се разбира, има сериозно искуство и со „понудените“ оставки. Најпознатата таква оставка е веројатно онаа на министерот за внатрешни работи во времето на атентатот на Киро Глигоров, Љубомир Фрчкоски, меѓутоа тогашниот премиер Бранко Црвенковски немаше многу слух за „моралниот интегритет“ на својот министер и со образложение дека оставката во тој миг ќе предизвика поголем хаос, не ја прифати. Истрагата за атентатот на тогашниот македонски претседател, еве четврт век подоцна, сѐ уште е отворена. 

Втората „понудена“ оставка од морални причини е онаа на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, по тешката бродска несреќа во Охридско Езеро, во која загинаа 15 бугарски туристи. Тогашниот премиер Никола Груевски експресно ја одби оставката на неговиот министер и Јанакиески продолжи да „министерува“ во повеќе ресори. 

Несреќата на бродот „Галеб“ се случи во почетокот на септември 2009 година и впечаток е дека ако Груевски ја прифатеше оставката, денес Јанакиески немаше да биде гонет во толку судски случаи за злоупотреба на функцијата.

Без да прејудицираме што ќе се случи со понудените оставки на министерот за здравство Венко Филипче и на неговиот заменик Илир Хасани и без да навлегуваме во нивните досегашни заслуги, изјавата на премиерот Зоран Заев дека за оставките ќе решава врз основа на резултатите од истрагата мораме да ја оквалификуваме, најблаго речено, како несоодветна. А богами и како притисок врз истражните органи. 

Како прво, истрагата не ја утврдува, ниту ја препознава политичката одговорност, туку политичките фактори и органи. Ако веќе премиерот не може да препознае дали има или нема политичка одговорност кај функционерите во оставка, тогаш нека се формира владина или парламентарна комисија што ќе ги провери мерките што (не) ги презеле апострофираните функционери или други политички фактори. 

Одговорноста „врз основа на непобитни форензички факти“ ја утврдува судот, а фактите (доказите) ги прибира и презентира обвинителството. Политичките пресметки, кои очигледно ги има, немаат никаква врска со форензичките факти

Како второ, притисокот врз истражните органи се состои во инсистирањето на брзо завршување на истрагата. Случајот со тетовската болница е комплексен. Постојат низа очевидци, но и посредни сведоци во извршувањето на градежните работи, техничкиот прием и слично. Натаму постои опсежна документација, почнувајќи од тендерската, па сѐ до одлуката во болницата да се пуштаат придружници на болните, со што директно се кршат протоколите за пандемија. На крајот на краиштата, истрагата сѐ уште нема резултати од случајот со сечењето на цевките за кислород во истата болница. 

Инсистирањето истрагата да ги даде првичните резултати во рок од нецели десетина дена, и тоа од страна на премиерот, влегува во доменот, или на целосно неразбирање на работите, или на замајување на јавноста до некоја следна тема. 

Се разбира дека и двете опции се доволно несериозни и недозреани за ваков сериозен момент. Натаму, премиерот вели дека „одговорност има и ќе има“, и тоа „врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“, изјава која повторно збунува или претставува мешање „баби и жаби“. Одговорноста „врз основа на непобитни форензички факти“ ја утврдува судот, а фактите (доказите) ги прибира и презентира обвинителството. Политичките пресметки, кои очигледно ги има, немаат никаква врска со форензичките факти, како што впрочем може да се види и со случајот со Латвија.

Пожарот во тетовската болница може (но и не мора) да биде пресвртен случај во македонската политика, токму околу прашањето на сфаќањето на одговорноста, транспарентноста на политичките одлуки, а богами и како поука за неселективна примена на правилата и протоколите. Осебоно кога станува збор за одлуки што чинат човечки животи.