Освестетесе111

Колумна на Сашо Кокаланов

Кога ќе ти опаднат приходите од свеќи, верски календарчиња, приврзоци-крвчиња, крштевки и погреби, а народот не се освестува и понатаму остава само зејтин, не и моторно масло за џип или лимузина, нормално е да се купи брод и да се стане сомалиски пират.

За разлика од Средниот век, кој беше златен како за христијанството така и за пиратството, денес современите пирати, како и современите апостоли на христијанството, се принудени да се прилагодат на модерните технологии.

Споменатите сомалиски пирати, на пример, дејствуваат со мали брзи бродови – глисери и имаат голема предност поради малиот број членови на екипажот и бавноста на современите големи трговски бродови што ги ограбуваат. Поморското пиратство против трговските и патничките бродови, според проценките, предизвикува светски загуби од 13 до 16 милијарди годишно во водите меѓу Црвеното Море и Индискиот Океан, на брегот на Сомалија и во Малајскиот Проток и Сингапур, каде што пловат над 50.000 трговски бродови годишно.

Поради значително помалиот сообраќај во водите на Охридското Езеро, се разбира дека купениот црковен пиратски глисер тешко ќе може да донесе плен изразен во милијарди долари, но може значително да помогне да се надоместат загубите во приходи што се должат на опаднатиот наталитет и покрај заложбите на Црквата и на претходната влада да се прави дете на полувремето од секој спортски натпревар.

Светиот синод сосема правилно постапи кога одлучи да се купи глисер и да се збогати духовната дејност на Црквата со пиратска. Народот долго време погрешно веруваше дека МПЦ е богата судејќи само од ергелата моторни возила паркирана во дворот на црковната администрација. Но тоа беа бели лаги, колку да не се грижи македонскиот народ. Скапите возила беа само маска за бедата во која живее нашата света Црква.

Светиот синод сосема правилно постапи кога одлучи да се купи глисер и да се збогати духовната дејност на Црквата со пиратска. Скапите возила беа само маска за бедата во која живее нашата света Црква

Најдобар доказ дека финансиски работите не се баш сјајни беше неодамнешната посета на амбасадорот на САД, Џес Бејли, на Охрид. Не сакајќи да го замара сопствениот народ со својата беда, за да не се распадне една од најубавите цркви во Охрид – Света Богородица Перивлепта, позната по своите непроценливо вредни икони, Светиот синод на МПЦ мораше да тропне на вратите на странските амбасади. И тоа не само на пријателските православни народи, туку помош мораше да бара и од непријателски држави како на пример САД, кои континуирано и, би додал, без знаење на Трамп, работеа на разнебитување на унитарниот и православниот карактер на нашата земја.

Не беше лесно за црквата да ги прими црните пари на американската амбасада, тие клети 650.000 долари, за да се спаси Перивлепта од пропаѓање, но ете, немаштијата ќе те натера на сѐ. Тоа се истите црни сотонски долари со кои се финансираат соросоидите во Македонија, но кога немаш, ќе ја прифатиш подадената рака и од црниот ѓавол Бејли, особено ако таа рака држи пари.

Така бедата на нашата сакана Црква, со години успешно маскирана со скапи џипови и лимузини, излезе на виделина. Владиците не можеа веќе да го заштитат верниот народ од црната вистина дека немаат пари. За среќа – пиратскиот глисер не чини 650.000 долари и можат да си го дозволат.

Се очекува оваа инвестиција брзо да ги врати парите. Да се надеваме дека приходите на Морнарско-пиратска централа (МПЦ) ќе бидат доволни за оваа значајна институција на македонскиот непокор никогаш веќе да не мора да зависи од парите на САД, ЕУ и на другите сотонски творби кои кај и да е ќе се распаднат, а со тоа ќе исчезнат и нивните мефистофелски понуди во форма на грантови и донации.

Морнарско-пиратската централа (МПЦ) за таа цел се врза и со управувачите на туристички кајчиња крај брегот на Охридското Езеро. Имено, тие имаат задача да примамат странски туристи со бесплатно возење, да ги донесат сред езеро, каде што капетанот господин господин Стефан и неговата пиратска дружина владици и добро обучени монаси ќе ги нападнат со својот глисер во молскавична акција. Додека да се свестат, туристите останале без пари и без накит.

Особено на удар се очекува да бидат холандските туристи, кои кога влегуваат во Перивлепта, на пример, се однесуваат како да се во Лувр, односно плаќаат само карта, а потоа не им текнува да ги бакнат иконите и да остават по некое евро под секоја икона за нејзин спас.

Но, за среќа, македонските црковно-правосвештенски пирати годинава нема да бидат оставени само на странски туристи. Сезонава се очекува наплив и на домашни туристи, и тоа не какви било, ами богати и добро нафатирани. За таа цел, МПЦ се врза директно со Светиот синод на Основен суд 1, познат и како Кривичен совет, па во заедничка спрега е направена сомалиско-пиратска диверзија со која на најбогатите криминалци во земјата им се одзедоа пасошите да не може да летуваат во Белизе, Панама или на Халкидики, па да мора да дојдат во Охрид.

Не беше лесно за црквата да ги прими црните пари на американската амбасада, тие клети 650.000 долари, за да се спаси Перивлепта од пропапаѓање, но ете, немаштијата ќе те натера на сѐ

А кога веќе ќе дојдат Охрид, нема сомнеж дека ќе станат лесен плен на капетан Стефан и неговата дружина, особено со оглед на тоа дека станува збор за клиентела што е навикната да добива сѐ гага, па нема многу да се колеба да седне во бесплатното кајче.
Така парите украдени од народот, ќе бидат повторно вратени кај народот, односно кај великодостојниците што со векови, за ситен надоместок од тарифникот, му служат на тој народ. Како и да е, Заев нека не става бројчаници на Триумфалната порта. МПЦ ќе стави на својот глисер.

А дежурните критичари на сѐ и сешто, ги замолувам да не избрзуваат со неосновани коментари дека сваровски судството е во спрега со мафијата. Барем не со овоземната мафија. Судството е во спрега со мантијата, не со мафијата. Иако разликата меѓу овие две нешта, нашиот неук прост човек тешко ја препознава. Веројатно поради сличноста на зборовите мафија и мантија, а не поради, не дај боже, мафијашната нарав на македонското правосвештенство.

Како и да е, нека е за многу години купениот глисер. И да носи бериќет за многу генерации попови. Ако добро се одржува, ќе ѝ служи на нашата света црква уште многаја лета.

И нека не фрлаат отпадоци во трупот на глисерот. Па не може бре генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и чамците да ви ги чисти! Мислам, може, човекот подрумот на Владата го исчисти и тоа од чиста мира, скромен ко што го дал Господ не побара ни орден за заслуги ни медал да му се додели, ама ќе треба МПЦ да обезбеди барем камера за да се сними филмче „пред и потоа“. Не мора да е фул ха-де, за на социјални мрежи му е. Кога веќе исчистил човекот, да има барем вирален ефект.

Глисерот, да заклучиме, е прекрасна идеја, божествена, но исто така со тага во гласот мора да проглаголиме дека ни ѓаволот за тоа време не спиеше. Таман оваа брилијантна идеја да биде ставена во оптек и капетан Стефан да летне со својот брз глисер кон првото залутано туристичко кајче, Сотоната го активираше вулканот Дувало кај Косел.

Илјадници земјотреси сега ги бркаат туристите од Охрид и Струга и најбезобразно ги кочат пиратската берба и борба за опстанок на МПЦ.

Сепак, како Господ никој не е, ќе стивнат земјотресите, ќе се смири светата македонска земја, а потоа, со божји благослов, владика и монах нема да остане на копно – сите во акција – кој не остава пред икона милом, ќе даде силом. Правдата ќе биде задоволена.
Зашто, да се потсетиме, чеда православни, вие што со усти полни злоба ја кудите МПЦ за глисерот, не беше Македонија 33 пати спомната во Библијата за храмовите да ни зависат од еден Бејли! Освестетесе111