Патот до загрозените подрачја е расчистен и државните делегации можат непречено да одат на терен и да се восхитуваат на резултатите од илјадагодишните природни феномени
Освен оние видливите и помалку видливите последици, резултат на неодамнешната природна, човечка и општествена катастрофа, во поплавата се удавија и неколку мантри, сеприсутни во последната деценија.
Првата мантра, изразена во реченицата „Во времето на СДСМ ништо не се направи (градеше, купуваше, инвестираше…)“ лично ја задави директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Оливер Ромевски, обидувајќи се да ја скрие сопствената одговорност и одговорноста на институцијата со која раководи, во една своја реакција вели: „Се надевам дека вашиот директор од СДСМ, кога ќе дојдете на власт, ќе сработи повеќе, и евентуално подобро ќе ги следи протоколите и процедурите, затоа што овој модел што го користиме во УХМР го купил ваш директор во 2005 година и колку го бива се виде за голема жал на 6-ти“.
Кажано со речникот на ВМРО-ДПМНЕ, „СДСМ барем нешто купи“. Настрана перверзија дека партиите (искрено, особено ВМРО-ДПМНЕ) буџетските пари секогаш ги претставуваат како партиски средства, односно согласно со реториката на владејачката партија, останува да виси прашањето: што направи тогаш ВМРО? Плаќаше субвенции! За родот од поплавените полиња? За пцовисаната стока? Обезбеди бесплатен градски превоз за пензионерите неколку дена во неделата. За да можат самите да се евакуираат од загрозените подрачја? Гради и одржува автопатишта. За да можеме полесно да се заглавиме при малку посилна виулица? И така натаму. Ништо, ама баш ништо, ниту десет пати посилен дожд, не ја пере оваа власт, заедно сосе Управата за хидрометеорологија и нејзиниот челник, од вината за она што се случи.
Ништо, ама баш ништо, ниту десет пати посилен дожд, не ја пере оваа власт, заедно сосе Управата за хидрометеорологија и нејзиниот челник, од вината за она што се случи.
Иако, рака на срце, Оливер Ромевски, ако навистина може да му се верува на она што го зборува, може да смета на некои олеснителни околности. Имено, според него скопското невреме е природен феномен, кој се случува еднаш на илјада години. Со други зборови, човекот може да биде мирен следните 999 години, а тогаш веројатно веќе ќе биде во пензија и ќе им раскажува на заинтересираните како во негово време, за разлика од времето на СДСМ, се сменети прозорците во конференциската сала на УХМР.
За убивање на втората мантра, онаа дека државата има свои институции, се погрижи самиот Никола Груевски. Во интервјуто за „Сител“, тој вели: „Практично, ако се земат и огромен број работници кои освен како волонтери дојдоа и преку одредени јавни претпријатија или на повик на градоначалници, организирани од наши градоначалници, веројатно над 70-80 проценти од луѓето кои во минатите денови помагаа беа наши членови и активисти“.
Со оваа изјава, најмоќниот човек во ВМРО-ДПМНЕ (а тоа, според партиската аналогија, значи и во земјата) директно вели дека меѓу државата и партијата има знак за еднаквост. Нешто како во времето на оној централизираниот комунизам – партијата е држава, државата е партија! Затоа и јавните претпријатија не се перцепираат како јавни, туку како партиски, а општините не се комуни, туку партиски седишта. Затоа на загрозените терени парактично не можат да се забележат остручени лица, туку само волонтери. Од кои, нели, 70-80 проценти се партиски активисти. Затоа партијата, а не државата или општината, отвора банкарска сметка за помош на настраданите. И затоа, ако сакате, се занимаваме со последиците, а не со причините за оваа катастрофа. Така тоа се случува во партиска држава.
Еден од илустративните примери околу работата на институциите во полавените подрачја е експресниот демант на Министерството за внатрешни работи на веста дека, четири дена по поплавите, заглавени во калта, се пронајдени и спасени мајка и ќерка. Ги пронашол и ги спасил извесен Бесим Весели. Оваа вест на „Алсат М“, нормално, ја пренесоа извесен број медиуми, а демантот на МВР во кој, врз база на пријавите од болниците до Министерство, се тврди дека е лага дека има спасени мајка и ќерка го објавија сите медиуми.
Но, тоа за поентата што сакаме да ја извлечеме не е премногу битно, како што не е битно ниту дали овој случај се случил или не се случил. Битен е мотивот или потребата МВР со брзина на светлината да излезе со демантирањето на Весели.
Навистина, која е потребата Министерството да ги демантира пишувањата на медиумите? И тоа во прилози и текстови кои воопшто не се однесуваат за неговата работа. Она што посредно може да се заклучи (барем според интервјуто на Груевски) е дека брзата реакција на МВР е поради тоа што како спасител се појавува човек кој не е „член или активист“ на ВМРО-ДПМНЕ, односно не е од оние 70-80 проценти што се одзвале на повикот на партијата.
Со ова темпо на закажување на итни и кризни седници, очекувам дека уште во овој состав Собранието на Македонија ќе расправа и за расчистување на последиците од поплавата во Скопје од 1962 година
Не ги знам заклучоците од итната вонредна седница на Собранието на Република Македонија за поплавите. Да бидам искрен, немав нерви да го изгледам телевизискиот пренос. Можеби се сетија дека се врвен политички и законодавен орган, па решија да направат некакво кризно тело, некој штаб кој ќе ги координира акциите за помош и за расчистување на теренот и кому ќе му одговараат сите други субјекти.
Тело што, на пример, ќе има ингеренции да му каже на Никола Груевски од која куќа е најпотребно во тој момент да се извади каучот. Или на Стевчо Јакимовски да ги пренасочи багерите за уривање на паркот во Тавталиџе во загрозените подрачја. Паркот и онака сам ќе се урне на следната поплава.
Како и да е, со вакво темпо на закажување на итни и кризни седници, очекувам дека уште во овој состав Собранието ќе расправа и за расчистување на последиците од поплавата во Скопје од 1962 година.
И последно, но не најмалку важно: патот до загрозените подрачја е расчистен и државните делегации можат непречено да одат на терен и да се восхитуваат на резултатите од илјадагодишните природни феномени.
Една слика никако и никогаш не ми излегува од глава. Некаде на почетокот на војната во Босна и Херцеговина, во Бијелина влегоа паравојниците на Аркан и убија десетици цивили. Веднаш потоа во Бијелина стаса републичка делегација во која беше и Билјана Плавшиќ, тогаш член на Претседателството на БиХ. Прошета делегацијата крај безживотните тела, оставени на улиците. Гледаа политичарите во труповите, небаре разгледуваат штандови на некој саем за бела техника.
Не можам да се ослобдам од оваа слика гледајќи го Груевски, како шета по загрозените подрачја, гледа во уништените куќи како во некое новоотворено тениско игралиште и гордо дава наредби на министрите во својот мобилен телефон.
Оваа поплава уште не го кажала својот последен збор.