Во ВМРО-ДПМНЕ може да бидат задоволни. По најниска политичка цена издејствуваа доказ дека за власта законските процедури не вредат ни пет пари. И дека секогаш може да бидат заменети со кадифена арбитрарност. Дури и не кадифена, туку класично груба. А сето тоа во време кога почна скрининг-процесот за усогласеноста на македонското со европското законодавство.
Што е важно тоа, ако нашите регулативи на хартија не соодветствуваат со тоа што се спроведува во практика. Талат Џафери го покажа тоа. Наместо веднаш да ја достави иницијативата за референдум до двете комисии во Собранието согласно со Деловникот, односно на дневен ред на седница на Собранието ако смета дека иницијативата е неуредна, па парламентот самиот да донесе заклучок, тој реши да биде „три во едно“ и самиот да му одговори на овластениот предлагач.
Не е за пофалба ни театарот што се одвиваше во заднината на овој процес. На прашањата – дали во време на енергетско-финансиска криза треба да се тршат пари за референдум, има еден одговор: демократијата е скапа работа
Тоа не беше резултат на некоја нормативна папазјанија, која во недостиг од правни патокази би го принудила Џафери да биде „one man show“. Напротив – правната патека по која требаше да оди е јасно исцртана.
Кога станува збор за правото на суверенот – граѓанинот, да се изјасни за одредна иницијатива, најбитно е да се утврди дали таа е уредна. Со тоа што Џафери не овозможи во процедурална постапка да се добие одговорот, од готово направи вересија.
Ваквиот чин, опозициската партија ќе го капитализира во секоја ситуација, а таа енергија, без сомнение, ќе избие на првото следно изјаснување, изборно или какво и да е. На сметка на власта ќе завршат објаснувањата дека овде не се живее во согласност со вледеење на правото, туку во согласност со самоволие на претставници на власта.
Не е за пофалба ни театарот што се одвиваше во заднината на овој процес. На прашањата – дали во време на енергетско-финансиска криза треба да се тршат пари за референдум, има еден одговор: демократијата е скапа работа. Ако има пари за вински саеми, за рекламни материјали, за патувања чии обеми не се скратени, и покрај мерките за штедење, никако не треба да се смета за трошок демократско изјаснување на граѓаните.
Соло-толкувањето на уредноста на една иницијатива преку игнорирање на утврдената процедура и „цената“ за тоа, секогаш ќе водат кон поларизации, во кои складно ќе се надополнуваат обвинувања за предавства и за одбрана на иднината.
Да биде иронијата поголема, ова се совпадна со еден јавен и неформален „плебисцит“ околу исправноста на тендерската постапка за пречистителна станица на отпадни води во Скопје.
Арената е преполна, се збиваат редовите на навивачите за едната или за другата страна, додека градот и земјата се брукаат пред меѓународните кредитори. Граѓаните се фрапираат од речникот употребен во вербалната војна, а речиси и не сфаќаат дека со секое одолжување на тој проект, последиците и натаму им се сервирани директно – на трпеза.
Скопје е единствениот главен град во Европа што нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Во Вардар се слеваат непречистени отпадни води од домаќинствата, компаниите, таму завршуваат фрлени мрши од животни, градежен шут, органски отпад, фекалии од празнењето на септичките јами. Со таква вода се наводнуваат земјоделски површини, па кога граѓаните од зелените пазари ќе донесат дома торба со „здрави продукти“ – прашање на среќа е дали тие биле „крштевани“ токму со таква вода. И тоа секогаш е прашање на среќа, а не на системско решение.
Затоа, кога се вели дека корупцијата убива, кај нас тоа мора да се сфати и во буквална смисла. Таа го убива целиот општествен систем, а здравјето никогаш не било исклучок, и тоа на најдиректен начин
Затоа, кога се вели дека корупцијата убива, кај нас тоа мора да се сфати и во буквална смисла. Таа го убива целиот општествен систем, а здравјето никогаш не било исклучок, и тоа на најдиректен начин. Дали е тоа кавга за провизии од пречистителна станица, дали за лекови или за медицински апарати, сеедно. Додека трае битката за пари и набавките чекаат, се губат здравје и животи.
Затоа и не ги разбирам луѓето што во навивачки сеир ги следат јавните кавги за овој случај, како и за напливот од оставки на директори на јавни претпријатија, кои тврдат дека работат без поддршка од Градот, во тешки услови, со растечки долгови поради цените на енергијата. Нема место за сеир кога на повидок се сите знаци за колапс на капацитетите и моралот.
Не е проблемот само во претстојната „тешка зима“, колку што е во нашиот менталитет, кој не се менува, и покрај прокламираните цели, стратегии, „визии и лидерства“ . Со вакви перформанси не можеме ни до Врање, а камоли во ЕУ. За нас не треба скрининг, ние сме одамна прочитани. Од таа нулта линија на безрезултатност, ќе се мерат нештата во иднина. Со успех ќе може да се пофали само оној што ќе почне од темел да ги менува работите и да го исчисти криминалниот талог на арамиите од нашето време.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија