Парадоксот на пустата земја

Не знам како беше кај вас, ама кај мене првите и единствените коледари се појавија во 11.30 часот претпладне. Тамам ја изгубив целата надеж дека воопшто ќе дојдат. Да се разбереме, не сум некои љубител на обичајот некој да ми ѕвони во четири изутрина, да вика некакви бесмислени фрази и да ми лупа на врата, ама, сепак, ми недостасуваше тој детски џагор, барем во тој ден во годината.

Можам да наведам илјада причини зошто коледарскиот тренд е во пад и сите да бидат точни. Можам да кажам дека на новите генерации деца, растени со сите чуда на техниката, не им е некаков предизвик да ѕвонат од врата на врата и да пеат песни што и самите не ги разбираат (тешко некој дека воопшто ги разбира) само за неколку бонбончиња. 

Можам да кажам дека во овие времиња, родителите се попретпазливи во пуштањето деца сами надвор и на нечистиот воздух. Можам, се разбира, да го спомнам негативниот прираст, иселувањето, стареењето на населението. Можам да го кажам и тоа дека во мојот влез речиси и нема деца, дека надворешната врата е заклучена и дека децата од другите влезови, по линија на помал отпор, нема да губат време во „освојување“ на оваа „тврдина“. 

Не мора човек да биде Едисон за да сфати дека светилката прегорела, а богами не мора да биде ниту демограф или да гледа во веќе објавените резултати од пописот за да го констатира она што се гледа со голо око: земјата се празни

И во секој случај да бидам во право.

Деца, очигледно, нема! Нема ни млади. Нема ни средновечни! А, богами, нешто нема ни стари. Не мора човек да биде Едисон за да сфати дека светилката прегорела, а богами не мора да биде ниту демограф или да гледа во веќе објавените резултати од пописот за да го констатира она што се гледа со голо око: земјата се празни.

Затоа мене недостигот од коледарчиња во мојот влез не ме асоцираше ниту на застрашувачките броеви на испразнети места, на драстично намалениот број ученици, на егзодусот на лекарите и медицинскиот персонал, на недостигот од занаетчии и келнери, на економските последици на намалувањето на бројот на населението… Конечно, кога ја зацртувавме подобрата иднина, предвидовме дека нема да бидеме болни, нема да ни се случуваат дефекти по дома и нема времето да го трошиме по кафеани.

Всушност, моите божикни размислување најмногу одеа во правецот на апсурдите на патриотските патоси и набои од типот: „Цела да е“, „Едно име имаме… за тебе живот даваме“, „Слобода или смрт“ и така натаму сѐ до „предавниците“ и „душманите“ што се „ставаат в гроб“. Не ви се чини ли апсурдно, да не кажам будалесто, толкава енергија да се потроши за земја во која никој не сака да живее? 

Како тоа ние гинеме за оваа земја толку многу, а своите деца од мали нозе ги подготвуваме иднината да си ја најдат во Германија, на пример. Уште поапсурдна ми е подготвеноста на тие што веќе живеат во „далечниот свет“, да гинат за земјата во која не се подготвени да се вратат. 

И да не се лажеме, оваа ситуација на сите им одговора. На возрасните, кои мислат дека е успех што децата им се надвор. Сѐ по принципот „Ако ним им е добро, нам ни е уште подобро“. На младите што се однегувани според мантрата „Учи дете јазици и компјутери, па после Бог да те види“ и кои тука, навистина, не можат да се реализираат. На сите власти што мислат дека државата вечно ќе може да го полни буџетот од таканаречените „дијаспорски дознаки“.

Затоа и нема потреба од чудење што никому не му е грижа за учебниците во образованието, за јавниот превоз, за чистиот воздух, за корупцијата, за злоупотребата на ситемот, за зеленилото, за здравствениот систем… И вака убаво живееме. А, ако баш и не можеме да се снајдеме во вакви услови, бујрум, Германија има уште потреба од работна сила.

За разлика од некои земји во опкружувањето, кои барем воведоа министерства за семејство и демографија, кај нас, не само што со потценување се гледа на родовите политики, туку главно тие се обвинуваат за намалениот наталитет. Излегува дека главни виновници за намалениот природен прираст е именувањето на родителите како „родител 1“ и „родител 2“. Или ЛГБТ заедницата. 

Принципот е едноставен: за политиката, демографијата е само систем за земање даноци. Колку повеќе жители, толку повеќе даноци. Ако се тие и надвор од државата, тогаш се тука дознаките пратени на оние што останале во земјата. На крајот на краиштата, колку повеќе пари испратат од странство во татковината, толку поголеми им се шансите да ја добијат „престижната“ МКарта и да не чекаат ред барем на нашиот аеродром.

Ако, пак, останат тука, тогаш за нив треба да се издвојат додатни трошоци (патишта, училишта, амбуланти…). А ако не се тука, двоен ќар.

За разлика од овие трендови, кој барем малку прошетал низ Македонија, ќе види огромни празни површини, неискористени обработливи земјишта, напуштени села, училишта без ученици…

Светот, во глобала, не само што не ја намалува својата популација, туку, напротив, ја зголемува со огромна брзина. За едвај век и четврт, населението е зголемено за околу седум-осум пати. Со проценетите осум милијарди жители (наспроти оние милијарда и шестотини милиони во 1900 година), Земјината топка е веќе пренаселена.

За разлика од овие трендови, кој барем малку прошетал низ Македонија, ќе види огромни празни површини, неискористени обработливи земјишта, напуштени села, училишта без ученици… (И тука, верувајте, никаква улога нема „родител 1“ и „родител 2“).

А од памтивека постои еден закон. Нешто слично на законот за споени садови. Онаму каде што има непополнети работни места, доаѓаат луѓе и ги пополнуваат, а онаму каде што е оставена пуста земјата, доаѓаат луѓе и ја населуваат. И тоа ќе се случи. И затоа ми се апсурдни приказните за македонскиот ген, македонскиот непокор, македонскиот непребол и што уште не.

Некаде, во некое германско маало верувам дека годинава имаше повеќе коледарчиња отколку во мојот влез. Важно ја чуваат традицијата.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија