Сѐ по пропис

Не треба да се палат бадникарски огнови, Коледе е пагански обичај, не треба да се пие ракија и да се јаде месо во време на пост – порачуваа деновиве свештениците. Сето тоа е точно, ама точно е и дека луѓето не ги „боли уво“ за ваквите сугестии.

Знаете зошто? Преку глава им е нивното празнување да биде „индикатор“ за валидноста – дали и како се почитувале правила, канони, закони… Да течеше во земјава баш сѐ според земски и црковни прописи, сега немаше да го правиме овој муабет. 

Ама во земја каде што надлежните чувари секогаш се во лабава коалиција и со законите, и со каноните, смешно е исправањето криви-дрини да почне од огновите, макар биле и најпагански… Ако е тоа начин луѓето да се соберат, да се дружат, за миг да заборават на секојдневните проблеми, нема зијан од такво еднократно „паганство“.

Во земја каде што надлежните чувари секогаш се во лабава коалиција и со законите, и со каноните, смешно е исправањето криви-дрини да почне од огновите, макар биле и најпагански

Можеби повозрасните тоа ги потсетува на огновите од детството, во едни помирни и помалку стресни времиња, кога политичкиот систем навистина не беше на „ти“ со верата, ама луѓето беа на висина со сите морални стандарди што таа ги проповедаше.

Доминираше скромноста, едноставноста, споделувањето, милосрдноста, обичајот лебот да се подели со друг. Во читанките најубави лекции беа тие што ги учеа децата да поделат и мисла и јаболко, и корка и вода, и играчка и проблем, и радост и тага. Не се зборуваше за религија, за вера, ама се зборуваше за етика и за морални вредности, кои треба да се неотуѓив дел од она што се проповеда во името на Бога. 

Затоа пред да се инсистира на расчистување на последните пагански обичаи, мора да се инсистира на расчистување на фарисејските, инфилтрирани во и околу црковните одаи.

Не ме плаши нечија чашка ракија испиена во време на пост, тој простодушен, бениген израз на човековото потклекнување пред „правилата“. Ме плаши кога „христијанството“ го бранат и во спасителот се крстат типови со дебели вратови, накитени со дебели златни синџири со крстови, со ладни оружја под реверите, со дебели снопчиња во џебовите, со понудени и со задоволство примени донации за храмовите, без разлика од какви бизниси потекнуваат тие. 

Зар не е паганство осветувањето на нивните коцкарници и обложувалници, принесувањето курбан при осветувањето куќи, прскање на темелите со крв од закланото животно, во присуство и служба на свештеници?

Со нив тие си купуваат индулгенции, „тапии“ за простени гревови, право да бидат во првиот ред на големите празници, да бидат видени, препознаени, удостоени, препорачани како добродетели. И не е вината само во нив, бидејќи и во оваа приказна има две страни: едни што се обидуваат да ја искористат црквата како штит и параван за својата неморалност, и други што им го овозможуваат тоа. 

Некогаш за грст сребреници, денес за конкретни валути. 

Зар не е паганство осветувањето на нивните коцкарници и обложувалници, принесувањето курбан при осветувањето куќи, прскање на темелите со крв од закланото животно, во присуство и служба на свештеници?

Кога повеќе нема да се мижи пред двојните аршини, пресметаноста, хедонизмот, алчноста и лажните светци, кога искрено и со верба ќе се почнат да се устоличуваат моралните вредности, тогаш и секоја „пазла“ од оваа приказна за животот, верата и искушенијата, еден ден ќе си го најде вистинското место. 

Селективната и лажна грижа не е пат кон таа цел, бидејќи и дволичноста е паганство.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија