Голема општина е Аеродром. Толку голема, што тешко стигнуваат вестите до градоначалникот, кадар на СДСМ. Тој изгледа не слушнал дека се подготвува реконструкција на Владата, смена на директори и „нов систем и начин на делување кои во целост мора да бидат во функција на граѓаните на сите нивоа“, како што најави Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски. Николовски најави континуирана партиска работа на терен и строго следење на програмите на градоначалниците за секоја мерка поединечно – од ветување до реализација.
И таман ќе порасне надежта дека на повидок не е само реконструкција на Владата, туку, пред сѐ, реконструкција на свеста, на начинот на дејствување и елиминирање на лошите практики, ете ти го Златко Марин со договор под мишка. За 73.000 евра годишно преку маркетинг-агенција ќе ги информира аеродромци што сработил и ќе ги едуцира за одговорно граѓанско однесување. Тајмингот во кој е склучен овој договор, е класично подметнување клин во тркалото на најавените промени.
Небаре се работи за метафизика, па некој друг мора да ги објаснува дострелите на сработеното. Нема потреба од таков ангажман. Учинокот на секој градоначалник/општина се гледа. Ако нема резултати, не постои маркетинг- агенција што ќе може да ги измисли. Во случајов станува збор за посегнување по основниот модел на пропагандата: Не е битно како е, туку како треба да изгледа!
Премиерот не може да ги смени, но може јавно да ги повика да поднесат оставки. Зашто ако ги остави, чмаат во неподносливата леснотија на неодговорноста, граѓаните ништо нема да добијат, освен гнев кон партијата што ги предложила
А покрај соопштенијата, маркетинг-агенцијата требало да се грижи и за протоколот на градоначалникот, да му подготви предлог-начин за обраќање и движење на јавни настапи, да изработува презентации, да ги кани медиумите на настани, да прави листа од можни прашања од медиумите за градоначалникот и да ги осмислува неговите одговори. Англиската кралица може вода да му носи.
А што ќе прави градоначалникот? Ќе се слика и ќе си свирка. Тројцата вработени во општинскиот сектор за односи со јавност им биле малку. А да не се многу? За што ќе информираат тие ако не се работи? Од општината изјавиле дека „им бил потребен и дополнителен стручен сервис бидејќи продолжувале да работат со голем интензитет, а имале обемна програма“. За нешто да продолжи, прво треба да почне. Што е досега сработено, а граѓаните сѐ уште не го виделе? Да не градат можеби нуклеарна централа?
Не разбирам што се случува со некои луѓе откако ќе ги изберат на функција. Толку ли многу губат контакт со реалноста, толку ли одлепуваат во тие четири кабинетски ѕида, штом набргу излегуваат оттаму како карикатурална рефлексија на самите себе и она што некогаш биле. Џабе ќе се прашуваме на која планета живеат? Очигледно се затвораат во некој свој микрокосмос, од каде што продавањето магла им изгледа најлесно решение за потребите на граѓаните. И ај што склучиле таков договор, наместо веднаш да му стават крај по јавната критика и да се извинат, тие решиле – да го преиспитаат!
Сите оние што мислат дека без пи-ар не можат да ги претстават резултатите во јавноста, нека видат како работат волонтерите од движењето „Не биди ѓубре“
Навистина треба преиспитување. Ама не на вакви скандалозни договори, туку на работата на градоначалниците. Аеродром е земена за пример, бидејќи за неа дознавме како се расфрла со општински пари во предвечерјето на кадровскиот ремонт. А што е со оние градоначалници за кои не сме ни разбрале како експериментираат со парите и нервите на граѓаните? Или кои спијат? Или кои си тераат лични бизниси? Кои мислат дека четири години ќе се возат така, без да си ги извалкаат обувките низ неасфалтираните улици, нереновираните објекти, запустените места со неизградени водоводи и канализации?
Премиерот не може да ги смени, но може јавно да ги повика да поднесат оставки. Зашто ако ги остави да чмаат во неподносливата леснотија на неодговорноста, граѓаните ништо нема да добијат, освен гнев кон партијата што ги предложила.
На крајот, сите оние што мислат дека без пи-ар не можат да ги претстават резултатите во јавноста, нека видат како работат волонтерите од движењето „Не биди ѓубре“. Немаат ни маркетинг-агенција, ни протоколи, ни служби. Имаат добра волја, свест за животната средина и многу трпение преку личен пример да ги едуцираат несовесните граѓани, а не преку агенција. Се фаќаат за работа и го чистат она што платените за таа работа не стигнуваат да го направат. И сите знаат за нив.
Не знам само дали некој градоначалник досега ги поканил на едно кафе. Колку да собере искуство како се прави тоа без петте „П“ – пари, помпа, поза, популизам и пропаганда, да се засрами, и барем да им рече – благодарам.