Партиски културно-уметнички натпревар

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Конечно и една интересна вест од актуелниот политички културно-уметнички живот. Симната е поставката на патриотските соц-реалистички ликовни дела од Музејот на ВМРО, и таа ќе биде заменета со многу посоодветен футуристички, да не кажеме апстрактен израз за времето во кое живееме.

Не, не… Не станува збор за оној Музеј на ВМРО од онаа страна на Вардар, туку за овој што сѐ уште опстојува од оваа страна на реката, овој што колоквијално се нарекува „Бела палата“.

Значи, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се тргнати сликите што го прикажуваат некогашниот претседател и сегашен почесен претседател на оваа партија Никола Груевски во безброј пози, главно со крената рака и опкружен со своите соработници – сите заедно обвинети во, како што се тврди од уметничкото раководство, политички судски процеси.

Како што рековме, тимот кустоси најавува нова поставка, која, не само што нема да биде ретро како претходната, туку ќе претставува визија за некоја далечна иднина. Имено, според најавите, делата во новата поставка треба да го покажат видувањето на непознатиот уметник за тоа како ќе изгледаат проектите што ќе ги реализира идната влада на оваа партија.

За жал, нема детали за новите дела, така што е веројатно прерано да се носи некоја стручна оценка. На пример, дали делата ќе бидат водникави, односно работени во акварел, или ќе бидат мрсни, масло на платно, што би се рекло. Или дали ќе бидат во минималистички стил, нешто како „Бел квадрат на бела површина“ на Маљевич, или, пак, ќе бидат обоени со сите бои, конфузно апстрактни како делата на Џексон Полок.

Засега не е позната судбината на делата од досегашната поставка. Музејот не соопштува дали се складирани длабоко, во подрумското депо или, пак, се наместени на ѕидовите поблиску до големиот музејски шеф. Нема никакви информации дали повторно ќе бидат изложени или ќе останат заборавени во аналите на уметничките дострели на оваа партија.

Можеби ќе се појават на некоја аукција на „Сотби“, при што за својата колекција ќе ги купи некој анонимен богаташ од Будимпешта. Со добиените пари, партијата ќе може да го финансира долгогодишниот привремен престој на својот почесен кустос во Унгарија. На тој начин, претпоставувам, и Шефот ќе биде сит, а овците ќе бидат пред него.

Сепак, некако ми е жал за тргнувањето на овие неповторливи и непроценливи дела, кои, ете, си личат како јајце на јајце. Не треба да се заборави дека со оваа поставка се отвори „Белата палата“ и дека посетителите со воодушевување гледаа во мајсторската ликовна појава на Големиот Водач.

Добро, во тоа далечно време од пред неколку години, многумина ликовни експерти тврдеа дека овој уметнички стил ќе владее барем уште стотина години. Денес, ете, веќе не сме во можност да уживаме во осетливите потези на уметничката виртуозност, кои ни ја претставија толку реално стварноста во која живеевме, така што и денес не можеме да се ослободиме од тоа чувство.

Она што не е познато е времетраењето на новата, рековме веќе, футуристичко-апстрактна поставка на новите ликовни ремек-дела. Според некои авторитети, таа ќе трае до 12 април идната година, додека многумина веруваат дека токму новиот уметнички стил, надграден и проширен од претходната фаза, ќе трае најмалку стотина години.

Но, еве да кажеме дека вистината ќе биде некаде помеѓу, тогаш останува да се види што ќе се прави и со експонатите од оваа изложба и кој стил ќе ги замени. Претпоставувам дека во подрумското депо ќе нема повеќе место за одложување на новите слики, па една од можностите е да се ископа додатно депо, подлабоко од постоечкото. Сѐ додека не се стаса до дното.

За разлика од непресушното уметничко вдахнување на ВМРО-ДПМНЕ, нивните конкуренти како да се во творечка криза. Во принцип, кустосите од СДСМ како да уживаат во делата на претходната и оваа генерација на вмровските уметници.

Се чини дека главното уметничко кредо им е дека додека ВМРО-ДПМНЕ создава ваква уметност, тие немаат потреба ништо да прават. Поточно, ако прават нешто, можат само да го расипат впечаток.

За волја на вистината, од уметничката репрезентација на СДСМ имаше некои автохтони обиди да се создаде соодветен, автентичен уметнички чин, но се случи токму тоа – се расипа впечатокот за уметничките дострели на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во некои сегменти СДСМ дури и ги надминуваше своите претходници.

Во таа смисла, веројатно е подобра оваа тактика на изложување восочни фигури и неми посматрачи на она што се случува пред нивните очи, па дури и со нивна помош. На крајот на краиштата, ВМРО-ДПМЕ имаше прилично успех во оваа сфера наречена тутуле-бале уметност.

Во секој случај, ми се допаѓа оваа идеја на нашите политички чинители, кои ги сфаќаат изборите како кичерски културно-уметнички натпревар меѓу партиите. Кој и да победи, ќе се изнагледаме уметност. Токму како восочни фигури.