Пред неколку дена се вратив од годишен одмор од земјата со најбрзорастечки туризам во Европа, од Албанија. Така барем тврди Светската туристичка асоцијација, а јас сум склон да ѝ поверувам.
Оние кои, како мене, имаат подолго искуство со албанскиот туризам (редовно летувам таму од некаде 2007 или 2008 година), точно знаат на што се должи овој развој – на сообраќајната инфраструктура. Од земја со најлоша патна структура, за кусо време Албанија стана држава со огромна километража на автопатишта и брзи патишта.
Оние што го знаат нејзиниот планински релјеф, знаат за какви подвизи станува збор. Сега, на пример, за да се стаса до Саранда, не мора да се искачуваат оние огромни и тешки планини, затоа што сега кај Џирокастро е пробиен тунел, кој целото патешествие го крати за барем еден час напорно планинско возење. Најавена е изградба на аеродром кај Валона (можеби веќе е почнат да се гради), кој уште повеќе ќе му го приближи прекрасното јонско крајбрежје на европскиот турист.
Колапсот на македонската туристичка гранка е само показател за сето она што ни се случува на сите, или речиси на сите полиња
Засега функционираат два меѓународни аеродрома, оној кај Кукс (на северот на земјата) и, се разбира, централниот во Тирана, која е релативно блиску до крајбрежјето и има добри конекции со него. Саранда и Валона со своите пристаништа се поврзани со траекти со Медитеранот, а Драч е веќе сериозно меѓународно морско пристаниште.
Од Македонија до Албанија може да се стаса преку Ќафасан (Струга), преку Дебар и преку Свети Наум. Најфреквентен е преминот кај Ќафасан затоа што оттука релативно најбргу може да се стаса до Тирана или до некоја од морските дестинации. Нов е и прилично добар патот кај Подградец (Свети Наум), па сега многу побргу (и побезбедно) можете да стасате, на пример, од Трпејца до Радожда преку Албанија, отколку преку Охрид.
Сепак, македонскиот турист најчесто заминува во оваа соседна држава преку Грција или преку Косово. Токму заради патиштата. Од Скопје преку Гевгелија до Игуменица (пристаниште во близина на грчко-албанската граница) речиси цело време е автопат. Исто така, од косовската граница до Призрен и натаму уште некои седумдесетина или повеќе километри длабоко во Албанија се автопатишта. Башка сега кај Кукс, првото место по косовско-албанската граница се гради и голем мост, надвозник што овој правец уште повеќе ќе го скрати.
Но, Албанија и нивните туристички стратегии секако не се во мојот фокус. Таа, во случајов на овој текст, е само компаративна алатка да видиме што се случува во нашата преубава земја. Македонија, според истиот извор и во истиот период (Светската туристичка асоцијација) има пад во туризмот за осум проценти, што е по Италија (пад од 13 проценти) најголемиот пад во Европа.
Не знам која е причината на падот на италијанскиот туризам, а и не ме интересира премногу. Италија е туристичка велесила. Само во Венеција годишно престојуваат десетици пати повеќе туристи отколку во Македонија на годишно ниво, така што нивниот пад веројатно не е нешто што премногу ќе ги загрижи.
Но, како е можно ние да назадуваме во првите постепидемиолошки години, кога целиот свет по локдаунот почна да патува? И кога речиси сите други држави доживуваат пораст на сообраќајниот и туристичкиот промет?
Првиот (најлесниот и најпогрешниот одговор) ќе биде: Македонија нема море. Се разбира дека Македонија не може и нема да се мери со земјите со мориња, но може да се мери со оние што ги – немаат! Каква стратегија нуди Македонија како туристичка дестинација? Езерски туризам? Планински туризам? Адреналински туризам? Селски туризам? Казино туризам? Археолошки туризам? Вински туризам? Транзитен туризам? Културен туризам?
Не мора човек да биде Џемс Кук, па да сфати дека не постои никаква стратегија. Како и во многу други битни работи за нашето општество.
Колапсот на македонската туристичка гранка е само показател за сето она што ни се случува на сите, или речиси на сите полиња. А причините, оние базичните, се истите поради кои Албанија го доживува својот туристички (и друг) процут – сообраќајната инфраструктура.
Во Македонија од памтивека, што би се рекло, поточно од пред 23 века, постојат два главни европски правци: Виа Игнатиа и Виа Милитарис (или Дијагоналис, како што, исто така, се нарекуваат). Денес би ги нарекле коридор 8 и коридор 10.
Виа Игнатиа формално почнува од Драч и оди преку Охрид, Битола, Лерин, Воден, Солун… до денешен Истанбул. Виа Милитарис тргнува од денешен Белград, па преку Ниш и денешна Бугарија стигнува пак до Истанбул. Меѓутоа, најважниот нејзин крак што го поврзува со Виа Игнатиа, оди преку денешните Скопје, Велес, Неготино, Гевгелија…, па се разгранува кон Истанбул и Солун.
Тоа се тие два правци и денес. И тука се нема речиси ништо променето. Или многу малку.
И што направи македонската држава со овие правци? Се разбира, ништо!
Без патишта нема ни размена на луѓе, идеи и добра. Без патишта нема размена на културните вредности. Без патишта нема никаков развој.
Земја која ја запусти својата железничка инфраструктура (а железницата е уште најважниот сообраќаен систем во континенталните земји), која нема национална авиокомпанија, што значи дека нема ни национална стратегија за авиосообраќајот, која со сите сили се труди да го избрише Охрид од листата на заштитени градови на УНЕСКО, која среде туристичка сезона го блокира десетина дена овој нејзин најголем, ако не и единствен туристички центар… може да го очекува само она што го добива. А ќе добива сѐ помалку.
Без патишта нема ни размена на луѓе, идеи и добра. Без патишта нема размена на културните вредности. Без патишта нема никаков развој
За автопатиштата нема потреба ниту да се зборува. Веќе сега некои баби и дедовци, кога ќе ги седнат внуците во скут, им раскажуваат бајки дека некогаш, во некои дамнешни времиња, почнал да се гради автопат од Кичево до Охрид. Ееееј, од Кичево до Охрид! А внуците во неверување ги гледаат. Добри се баба и дедо, ама знаат некогаш и да претераат.
Формално во Македонија постојат некаде над 300 километри автопатишта. И најмногу платежни рампи. Велам, формално, затоа што голем дел од оваа километража може да се подведе под категоријата „автопат“. На пример, автопатот меѓу Тетово и Гостивар, кој по ниту една основа не може да се нарече така, ама затоа може да се наплати патарина.
За споредба, во Србија има нешто над 900 километри автопат. Во Хрватска 1.300, во Австрија 2.000 километри, а во Германија дури 13.000 километри се под автопат.
Во Албанија влегов преку Ќафасан. Во Македонија се вратив преку Косово. И оние, колку се, дваесетина километри од Блаце до Скопје ги возев околу еден час. Влегов ноќе. И до Скопје, на раскопаниот и руиниран пат немаше ниту една светилка. Единствен ориентир беше Крстот на Водно, кој светеше во целиот сјај. Ама на патот, кој повеќе и не личи на пат, беше целосна темница. Толку за влезот во земјата.
Постои една убава кинеска поговорка, која нема никаква врска ниту со македонскиот туризам, ниту со македонската желба да се самоизолира, ама од некои причини сега ми паѓа на памет. Отприлика оди вака: „Ноќеска сонував илјада нови патишта. Се разбудив и тргнав по стариот пат“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија