Во пресрет на 17 мај, Меѓународниот ден на борбата против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, Европската Унија ги осветли зградите на своето седиште во Брисел во боите на виножитото. Во името на ЕУ, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Јосел Борел даде изјава во која се залага за нулта толеранција кон секаков вид дискриминација кон луѓето со поинаква сексуална ориентација во целиот свет.
Меѓу другото, Борел истакнува дека ЕУ нема да ја толерира неказнивоста кон овие дела во која било земја во светот. Изјави, а свои соопштенија дадоа и повеќе други високи функционери од европската администрација, потенцирајќи ја дискриминацијата во време на корона вирусот, но и низа други манифестации на девастирањето на човековите права на една маргинализирана заедница.
Истовремено, 32 амбасадори и дипломати од Албанија до Нов Зеланд, чии земји имаат амбасади и дипломатски претставништва во Брисел, потпишаа заедничка изјава за поддршка на правата на луѓето од ЛГБТ заедницата. На оваа изјава недостасува потписот на дипломатски претставник од една земја-кандидат за членство во Унијата, на Република Северна Македонија.
Не дека Македонија не го обележи денот кога пред точно три децении (17 мај 1990 година) Светската здравствена организација, во која деновиве толку се колнеме и полагаме надежи во нејзините препораки, го избриша хомосексуализмот од списокот на болести. Но, како? Со ставање вон сила на законот за заштита на дискриминацијата!
Уставниот суд на Република Северна Македонија има богата традиција на внимателно избран тајминг кога носи одредени одлуки. А тој тајминг е особено привлечен во предизборие
Не сум премногу склон да го напаѓам претседателот на Републиката, Стево Пендаровски затоа што, наспроти неговата улога за заштита на законитоста, потпишал практично незаконски акт, иако знаел што прави. Не сум склон ни да го напаѓам Собранието што донело незаконски акт и така го ставило Пендаровски практично пред свршен чин. Па, дури ни Уставниот суд, кој донесе кристално чиста одлука, со која антидискриминацијата, ете, се прогласува за противуставна категорија во Република Северна Македонија.
Укинувањето на законот за антидискриминација е само логична последица на целата клима на едно манипулативно општество, закоравено во сопствениот фолклорен примитивизам, заглавено во некоја далечна историја, креирана врз лажните перцепции за сопствената важност и креирано врз критериумите за висината на патните трошоци на народните претставници.
Но, ако мора да почнеме од почеток, тогаш ќе почнеме од почеток. Значи, нема да ја изоставиме ни улогата на Комисијата за антидискриминација, онаа истата на оној несреќен универзитетски професор и наводен аналитичар Александар Даштески, која донесе решение дека некогашниот премиер Никола Груевски, инаку правосилно осуден и осомничен за низа тешки кривични дела плус бегалец од правдата, е дискриминиран пред македонските судови, со што му беше овозможено експресно добивање политички азил во „европска и братска“ Унгарија.
Е, таа комисија, која практично е дисфункционална, односно непостоечка од јуни минатата година (кога истекол мандатот на претседателот и на повеќето членови), парадоксално, поведува постапка пред Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за антидискриминација. Парадоксално е, велам, една комисија која треба да штити од дискриминацијата да поведува постапки против законски врамената антидискриминација. Ама само навидум.
Всушност, нема ништо чудно во ова, затоа што Даштески веднаш се пројави во јавноста, барајќи неговата комисија да се реактивира затоа што тоа се „европски вредности“ и затоа што станува збор за финансиски сериозна синекура (моја забелешка). Убав дел од составот на Собранието, чија улога во последните четири години беше сведена на блокирање на секоја одлука што би можела да ја однесе Македонија на европскиот пат успеа да не избере нов состав на Комисијата за антидискриминација.
Претходно, во духот на доминантната клеро-конзервативна општествена догма, поранешниот претседател Ѓорге Иванов одбива да го потпише законот за антидискриминација (и сега веројатно ликува некаде од височините на облакодерите на „Џевахир“, самозадоволно гледајќи во крстот на Тодор Петров).
Манипулацијата, првенствено, почната со идејата да се спасуваат финансиските бенефити на Комисијата на Даштески, доби монструозни размери, кршејќи ги сите меѓународни декларации за човекови права, длабоко навлегувајќи во предизборната реторика
Новиот парламентарен состав (поточно, новото парламентарно мнозинство), во духот на девизата „општество за сите“, одново го усвојува законот во кој за првпат се предвидува заштита и на лицата од ЛГБТ заедницата, но со просто мнозинство од 51 пратеник (толку, белки, им бил битен и законот и општеството за сите).
Претседателот на парламентот, кој цело време инсистира на својот „легализам“, поради што некои осомничени пратеници успеаја да го задржат својот имунитет, Собранието не се свикува, па претседателот Пендаровски е принуден да балансира по работ на законитоста, трипати последователно прогласувајќи вонредна, значи Талат Џафери утврдува дека законот е „легално“ донесен.
На работ на споменатата законитост по која еквилибрира Пендаровски, е и неговото потпишување на непрописно донесениот закон. Претседателот на Републиката, токму по словото на Уставот, мора да го потпише законот што по вторпат му го доставува Собранието. Така барем вели Пендаровски, иако во Уставот (член 75) пишува дека „… Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.“
Значи ако законот е усвоен со мнозинство „од вкупниот број пратеници“, односно со 61, а не со 51 пратеник. Со други зборови, Пендаровски не беше должен да го потпише непрописно донесениот закон. Зошто тогаш го потпиша? Затоа што Собранието е највисокиот законодавен орган, па затоа Уставот веројатно (погрешно) претпоставил дека ќе ги почитува законите што самото ги носи, односно не се сомневал во толкувањето на Собранието за „легалноста“ на Законот?
Затоа што веројатно непотпишувањето на законот би придонело кон нарушување на и онака кревкиот рејтинг на власта? Затоа што верувал во своите и во собраниските служби?
И конечно доаѓаме до Уставниот суд. Тој ја прифаќа иницијативата на Даштески и компанија уште во јануари годинава, а решението за антиуставност на законот го носи неколку месеци подоцна, односно во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против хомофобијата.
Уставниот суд на Република Северна Македонија има богата традиција на внимателно избран тајминг кога носи одредени одлуки. А тој тајминг е особено привлечен во предизборие, кога вакви решенија, и тоа како можат да наштетат на одредени политички партии. А особено на наводните евроатлантски заложби на државата.
На тој начин, манипулацијата, првенствено почната со идејата да се спасуваат финансиските бенефити на Комисијата на Даштески, добива монструозни размери, кршејќи ги сите меѓународни декларации за човекови права, длабоко навлегувајќи во предизборната реторика, со дополнително додворување на веќе доминантниот клеро-традиционалистички фолклорен општествен слој.
Ете, затоа нема потпис од македонски претставник под заедничката изјава на странските дипломати во Брисел. Затоа нема ниту една нијанса од сите сиви бои на македонската дневно-политичка хомофобичност меѓу боите на виножитото со кои се украсени зградите на Европската Унија.
Но, тоа не е важно. Важно е дека животот се враќа во „новата нормалност“. Отворени се црквите и џамиите, обложувалниците и казината. Театрите, библиотеките, кината… остануваат затворени. Тоа е тој живот за сите. Освен за некои од нас.